Анализа на фондот од 16 милијарди евра што либискиот владетел ги имал сред Белгија покажува дека од таму редовно се исплаќаат дивиденди на акции, приходи од обврзници и камати. Магазинот Политико прави истрага околу целата работа и открива дупка во санкциите.
Кога во март 2011 со резолуција на О.Н. го замрзнува имотот на Гадафи, целта на Западот беше тој да се претвори во труст кој потоа ќе му биде предаден на либискиот народ откако земјата ќе се стабилизира.
Меѓутоа за цело време додека имотот седи замрзнат, каматите и целата заработувачка од него без проблем се исплаќаат на банкарски сметки во Луксембург и Бахреин. Каматата оди на сметката на Либиската инвестициска агенција (ЛИА), суверен фонд на земјата што беше основан во 2006 за во него да се инвестира нафтеното богатство од Гадафи. Околу ова во Либија „се води војна“ за тоа кој треба да управува со фондот, и не е јасно кој и дали некој воопшто ги собира парите што стигаат на овие сметки.
Моментално две групи тврдат дека се официјалната влада на Либија, едната, која има поддршка од О.Н. и е сместена во Триполи, и една која е сместена во источното пристаниште Тобрук, и која ја има поддршката на либиската армија. За да биде покомплицирано, групата во Триполи има двајца раководители кои тврдат дека се легитимен владетел на Либија.
Вкупниот имот на Гадафи што е замрзнат во 2011, вклучува околу 67 милијарди од ЛИА, претежно пари инвестирани во банки и менаџери на фондови низ Европа и Северна Америка.
Кога во октомври 2011 владите на ЕУ седнуваат да разговараат околу санкциите, заклучуваат дека тие ќе важат само на главницата, а не и на каматите заработени по септември 2011. Притоа и добар дел и од моќните европски функционери и компании на кои Гадафи им должеше пари, не успеваат од замрзнатите пари да го наплатат својот дел.
Имотот на ЛИА е заклучен на најмалку 4 банкарски сметки управувани во Евроклиар, финансиска институција со седиште во Брисел. Бидејќи секоја од 28-те ЕУ влади решава како ќе ги спроведува санкциите, не е јасно дали има и други случаи на одлевање камати од имотот на Гадафи, како што е во Белгија. Она што се знае, барем според сведоштвата на човекот кој во 2012 и 2013 управуваше со ЛИА, е дека само од април до април во овој период, на сметка на фондот стигнале околу 630 милиони долари камата и приходи од замрзнати фондови на Гадафи низ целиот свет.
Позицијата на белгиското министерство за финансии е дека исплаќањето на каматите е комплетно легално и дека тоа оди без да треба да се даде некоја посебна авторизација. Кога 2017 комисијата за надзор на финансии од белгискиот парламент бара од министерот за финансии да објасни како тоа се уште се исплаќаат камати од фондот на Гадафи, одговорот е дека „тоа е во согласност со интерпретацијата на експертската група РЕЛЕКС на правилата за санкции против Либија“.
Магазинот Политико не успева да дојде до ниту една информација за тоа каде завршуваат каматите од ЛИА. Една од претпоставките е дека никој се нема офајдено од парите, туку дека тие одат за покривање на судските трошоци што ЛИА ги води со повеќе поголеми компании и финансиски институции. Освен камати, во мај 2017 ЛИА го доби судскиот спорт против Сосиете генерал и отштета од 963 милиони евра.