Кутрите голи мажи

Ние не сме единствените Tалибанци на европско тло па на Прометеј што дополнително му монтиравме гаќа. Изложба во Виена која го следи неколкувековното проклетство на машката голотија во западната уметност и самата предизвика ужаснатост кај тамошните пуританци.

"Како општество не сме подготвени да гледаме голи мажи. Тоа е проблем на културата, веројатно религиозно заснован," изјави портпаролот на виенскиот Леополд музеј кој по бројните негодувања мораше со црвена лента да ги покрие голите фудбалери на своите промотивни плакати за изложбата.

А таа се бави токму со двојните стандарди и сексизмот околу женско-машката голотија во западната уметност од 1800- та година до денес.

Оригиналниот Давид на Микеланџело е еден од ретките мажи кој не ја доживеа судбината на своите бројни "колеги" од светот на машките модели кои редовно, главно на барање на римокатолички те власти, добивале прекривачи на својот срам.

Но затоа, репликата на Давид во лондонскиот музеј била прописно упристоена откако Кралицата Викторија се ужаснала од голиот призор.

"За жал, машката голотија често ги асоцира луѓето на сексуална агресија што не е случај со женската голотија," вели човекот од виенскиот музеј.

Иако во историјата, голите машки модели секогаш биле поевтини од женските, нивните актови се далеку поретки и главно имаат митолошки или религиозен контекст, без никакво нагласување на сексуалноста.

Но, дури и кога е таков случај, не минувале без проблеми. Сликата на Свети Себастијан чиј автор е Фра Вартоломеј морала да биде дополнително фотошопирана откако вернички на исповед признавале дека светецот им буди сексуални фантазии. Слична судбина доживува и Тезеј на Климт.

Машката голотија во уметнички дела и фотографии своите еманципирачки моменти ги доживува на почетокот на 20-от век како и подоцна во 70-тите години кога автори со хомо или бисексуална ориентација како Енди Ворхол слободно ја интерпретираат својата сексуалност.

20 октомври 2012 - 15:45