Од февруари 1971 година, корпоративните шефови и светските лидери, демократски или не баш така избрани, еднаш годишно се сјатуваат во планините на Давос. Пет децении средби на светската елита под диригентска палка на основачот на Светскиот економски форум, германскиот економист Клаус Шваб.
Некои од гостите доаѓаат заради чисто практични причини.
„Повеќето од времето го минувам во преговори со други министри за трговија. Ако можам да одлетам некаде за саат време и да ги обавам сите тие состаноци, наместо на нив да потрошам шест месеци летајќи по светов, ќе го направам тоа,“ изјави Кеми Баденох од ториевскиот кабинет.
Клаус Шваб е „шеф сале“ на тие самити. Тој е кураторот, тој управува со дискусиите. Шваб нема цврсти полуги на моќ но во негови раце е агендата и насоките на дискусиите. Тука лежи неговата сила.
Ќе беше можеби убаво на таа позиција да е некој понеутрален и објективен модератор, но Клус Шваб има јасна агенда, опишана во неговите книги (ги има осум). Програмата за Млади глобални лидери на Светскиот економски форум секоја година опфаќа (индоктринира, пишува Винстон Маршал) стотици индивидуалци, меѓу кои парламентарци, луѓе од Влади и лидери на политички партии. Башка бизнис директори и корпоративни шефови.
Шваб отворено се залага за нов светски поредок, а слоганите како “Build Back Better” и “Големиот ресет” се само еуфемизми. Новиот светски поредок има име - Stakeholder Capitalism.
Тој првенствено е глобалист но некогаш се губи во шумата кога пробува да ја дефинира „глобализацијата“ па ја меша со слободната трговија. Неговата глобализација оди рака под рака со глобалното управување. Тој на глобализацијата ѝ го препишува успехот што милиони луѓе излегоа од сиромаштија.
„Тоа не го стори глобализацијата туку слободната трговија и капиталистичкото претпреиемништво,“ контрира Маршал според кој за Шваб е незамислива слободна трговија без систем за глобално управување.
Во идејата за „Големиот ресет,“ Клаус Шваб разгледува трилема во која постојат глобализација, демократија и суверенитет. По него, само два од овие три елемента можат да егзистираат истовремено, не сите три.
Следниот столб на „швабизмот“ е климатската катастрофа. Иако во „Големот наратив“ ветува четиво која ќе го отфрли апокалиптичниот поглед на светот, книгата е преполна со термини како климатска катастрофа, точка од која нема враќање, егзистенцијална криза, последна шанса, неповратни промени, пресудна деценија, катастрофален ризик, планетарно вонредна ситуација, катаклизмична атмосфера...
Баш лековити термини против апокалиптично размислување.
„Климатската апокалипса е метафизиката која му е потребна за неговата нова религија. Во делот за „моралност и вредности“ во „Големиот наратив“ тој ја опишува структурата на светот. Структура изградена над стапалата на Семоќната климатска криза“, пишува Маршал.
Технократијата, односно владеење на технократите е трeтиот столб на „швабизмот“. Генерално, светов има проблеми кои не можат да се решат на индивидуално ниво туку се неопходни интервенции од експерти, од технократи. Како него.
Многумина сметаат дека неговото влијание врз светските лидери е алармантно. Дека се работи за постепена, повеќедецениска индоктринација во која експертите се посилни од луѓето, авторитетот е посилен од слободата а глобализацијата има предност врз суверенитетот.
„Во своите дела тој создаде сосема ниова религија. Давос е неговиот Ерусалим. ESG (Environmental, Social, and Governance) се неговите синајски заповеди. „Големиот наратив“ е Библијата. Климатската катастрофа е неговата метафизика. „Експертите’ се неговите апостоли. А тој е пророкот,“ пишува Маршал.
Тој е убеден дека „швабизмот“ е помоќен отколку што се мисли.
„Големиот ресет“ мора да наиде на „Уште поголем отпор“, повикува тој.