Американските претседатели по завршувањето на мандатот стандардно заработуваат добар бонус од објавување на своите мемоари главно фокусирани на нивниот мандат. Овие книги стандардно одлично минуваат со продажба, па издавачките куќи војна водат кој ќе успее да ја обезбеди ексклузивата.
Сè од оваа математика важи и за Трамп, дури предвидувањата се дека неговиот тираж би имал потенцијал да ги засени досегашните претседателски мемоари, „меѓутоа во оваа дебата комерцијалните интереси се ставени наспроти кревките политички и културолошки линии на поделба“.
„Концентрирани во Њујорк, најголемите американски издавачки куќи се доминирани со уредници, агенти, публицисти и останати професионалци кои политички се на лево или во центарот, меѓутоа тие истовремено објавуваат книги и од конзервативци, што го сметаат за клучно за нивната мисија и бизнис.
Шон Ханити е во Сајмон енд Шустер, Сара Хакаби е во Мекмилан, Њут Гингрич е објавен од подружница на Пингвин рандом хаус.
Самиот Трамп има објавено повеќе книги со издавачки куќи како Сајмон енд Шустер, ХарперКолинс и Пингвин рандом хаус,“ се објаснува во текстот за Њујорк тајмс.
Њујорк тајмс разговара со високи директори на неколку издавачки куќи, кои се согласни дека објавувањето на мемоарите на Трамп ќе биде опасно во вака поларизирана средина, и дека тие очекуваат можен бојкот, тужби и кампањи на социјалните медиуми кои би го надминале потенцијалниот финансиски ќар од книгата. Така на пример заради протест од вработените Хачет го откажа објавувањето на планираниот мемоар на Вуди Ален.
Друг проблем што тие го предвидуваат е по основа на кредибилитет, во случај „да објават книга од јавна личност позната по ширење лаги и дезинформации“, посебно што издавачите обично го оставаат проверувањето на факти на самиот автор. Ова мутира во друг проблем, дали авторот ќе биде подготвен да ги прифати корекциите на информациите во книгата доколку се покаже дека тие не биле точни.
Наспроти ваквите ставови и стравови, првиот човек на конзервативниот издавач Регнери, Томас Спенс, објаснува дека едвај чека можност да ги откупи мемоарите на Трамп „меѓутоа чисто се сомнева дека големите 5 издавачки куќи би одбиле книга со таква потенцијална продажба“.
„Се надевам ќе тие ќе стојат на својот збор и нема да се мешаат, па ние да имаме подобра шанса да ја добиеме,“ изјавил Спенс.
Инаку Буш помладиот за своите мемоари наводно добил 7 милиони долари аванс, Бил Клинтон за автобиографијата добил 15 милиони, а рекордери се Обамови кои од Пингвин рандом хаус добија 65 милиони долари.
Процената на Њујорк тајмс е дека Трамп од книгата и од телевизиски програми би собрал околу 100 милиони долари.