Веста за огромен кувајтски танкер за нафта запален во ирански напад со дронови во пристаништето во Дубаи, неделава беше една од ударните теми. Меѓу другото и заради можната еколошка катастрофа од товарот од два милиони барели сурова нафта на „Ал Салми“. На крајот, пожарот беше локализиран без значително истекување а 24-те членови на екипажот на бродот излегоа неповредени.
Иако тоа беше еден од најзначајните напади на Техеран во војната досега и иако тоа се случи на битна локација, практично не се појави никаква снимка од бродот во пламен.
Во време на сеприсутните смартфони, сè што се појави од „Ал Салми“ беше една фотографија од чад што се крева над вода, направена од далеку. Подоцна Кувајтската нафтена корпорација објави фотографија од оштетениот брод - но дури откако пламенот беше изгаснат.
Сево ова само по себе е чудно за Дубаи, најнаселениот и најлиберален емират во Обединетите Арапски Емирати, кој „се продава“ како хедонистичка оаза на Блискиот Исток чии 4 милиони жители уживаат гламурозен живот. Ако се додаде фактот дека мноштво меѓународни новински куќи имаат свои бироа во ОАЕ, информативниот мрак станува уште позагадочен.
Откако ирански дрон удри на 12 март во станбена кула во енклавата на емигрантите во Дубаи, тројца преживеани биле уапсени откако испратиле фотографии од нивниот оштетен дом во приватни пораки, само за да ги уверат роднините дека се безбедни. Неколку дена претходно, 21 лице беше приведено за споделување вести за напади во приватна група. Дури и вакви дела се сметаат за кршење на нејасните закони за сајбер криминал. Прекршителите се соочуваат со депортација, две години затвор, како и парична казна од 5.000 до 50.000 долари.
Ова се само дел од „стотици“ обични луѓе уапсени по овие закони од почетокот на војната во Иран, вели Рада Стирлинг, извршен директор на „Притворени во Дубаи“, која обезбедува правна и дипломатска помош на странци. Луѓе од безбедносни служби запираат луѓе на улица и инсистираат да ги проверат нивните телефони, или се појавуваат ненајавено во домовите со истото барање.
„Сите се подложни на тоа, од филипинска собарка до мултимилионер. Тоа е навистина широко и драконско спроведување на законот,“ вели таа.
Генералниот обвинител на ОАЕ вика дека мора така, за со лажни вести да не се создаде паника и погрешна слика за ситуацијата.
Не е за изненадување. Самата идеја за Дубаи отсекогаш подразбирала суспензија на реалноста - внимателно кореографирани постери од среќен и богат живот сместен помеѓу неподносливото страдање во Сирија, Газа, Јемен и на други места.
Како што вели урбаниот теоретичар Мајк Дејвис во својата книга „Страв и пари во Дубаи“ од 2010 година:
Дубаи е чуден рај што личи на необјавено продолжение на Блејд Ранер или Доналд Трамп на дрога“.
Додека се фалат дека се држат настрана од светските проблеми, на сметка на ОАЕ има сериозни обвиненија за поттикнување на истите. Мониторите на ОН велат дека ОАЕ се клучен поддржувач на антивладините бунтовници во крвавата граѓанска војна во Судан, во која загинаа повеќе од 400.000 луѓе и се раселени над 11 милиони откако избувнаа борбите во април 2023 година.
Секако, ОАЕ претпочита да се прикажува како рај погоден за бизнисот. Златните визи им обезбедуваат на богатите иселеници живот без данок, а во февруари извадија и нова „лиценца за инфлуенсер“.
Она што Европа беше за литературата и театарот а Холивуд за филмот, ОАЕ сака да биде во ерата на социјалните медиуми. По првите напади, многу инфлуенсери брзо се префрлија од модата и начинот на живот на известување за војната. На почетокот тоа се чинеше како органски бран но подоцна се полнеа содржини со пофалби за реакцијата на властите и цврстото лидерство на ОАЕ.
„ОАЕ се многу поврзани со јавната перцепција и се обидуваат да ја заштитат таа слика“, вели еден британски емигрант со седиште во Дубаи (барајќи да остане анонимен од разбирливи причини).
Иако апсолутизмот во таа држава никогаш не бил далеку од површината, не е јасно што ќе значи за Дубаи ако во иднина тргне кон отворен авторитаризам.
Можеби ништо, бидејќи на крајот на краиштата, никој не се сели во Емиратите во потрага по демократија.