Како да наместиш фудбалски натпревар

Деклан Хил е истражувачки новинар, конкретно насочен на фудбалот, уште поконкретно местење натпревари, крајно ниво на конкретност: како се договара местењето, како се сигнализира и како им се исплаќаат парите на сите.

Текстот е извадок од книгата на Деклан Хил, Местенката: Фудбалот и организираниот криминал (The Fix: Soccer and Organized Crime).

Тој почнува со Кенан Ерол кој на 6-ти април 2005-та се среќава со Сефер Хакан Олгун, голманот на суперлигашот Акчабат Себатспор. На состанок Ерол оди со торба полна со банкноти од по 500 евра. Изборот паѓа на Акчабат затоа што тие во следното коло влегуваат без шанси да останат во Супер Лигата, а играат против Кајзерспор, исто така тим од дното на табелата, кој има шанси да се спаси, ако победат.

Уште поголема причина за местење на натпреварот е што на утрото пред натпреварот некој влезе во кладилница во Трабзон со чанта со 250.000 евра и стави дека Акчабат ќе загуби.

Освен со Олгун, Ерол имаше зборено со уште тројца фудбалери, ама голманот му беше клучен играч за да пројде местенката. За несреќа на Ерол, Олгун го снимал целиот разговор:

"Е: Зборував со сите играчи за местењето. Другите знаат за ова.

O: Што? Цела екипа знае?

Е: Ти биди без гајле за тоа.

O: Не разбирам. Сакаш само да се тргнам од голот и да 'изедам' гол?

Е: Во прво полувреме ќе водите 1-0. Ама Кајзер треба да победат на крај. Треба да пуштиш да влезат два или три голови во второ полувреме.

O: Може ли да им верувам на луѓето?

Е: Парите се во кола. Дој да ти покажам.

O: Значи ова е за кладилница, а имаш договор и со другиот тим? Во право сум? Знаат ли нашите од управата?

Е: Ако овој 'поттик' отидеше кај вашите од управата, ти немаше да добиеш ниту една лира. Пробувам да ти направам услуга. Овие луѓе сакаат да стават 500 до 600 милијарди лири. (Му ги покажува парите во торбата). Имаш 200.000 евра во торбата, а и уште ќе добиеш.

O: Брате! Сите се по 500 евра. Никогаш во живот не сум видел толку пари. Ќе ми ги дадеш?

Е: Кога ќе заврши натпреварот, парите ќе ти бидат во џеб.

O: Имам долг од 130 / 140 милијарди лири (околу 84.000 евра). Колку пари ќе земам?

Е: Барем 75 милијарди лири (околу 45.000 евра). Другите ќе одат кај твоите пријатели."

Понатаму се случуваат три работи:

- Никогаш не се дознава кои се луѓето кои сакаат да стават 500 до 600 милијарди лири на натпреварот (очекуваната добивка би била околу 25 пати поголема).

- Местењето не успева бидејќи претседателот на Акчабат дознава за обидот за поткупување на неговите играчи и му дава снимач на голманот пред состанокот со Ерол. Натпреварот завршува нерешено.

- Четири месеци подоцна, некој (уште е непознат) му прави заседа на Олгун и го застрелува. Голманот сериозно е ранет, но преживува.

За снимениот разговор Олгун добива награда од 50.000 лири (околу 16.000 евра), а Ерол е поканет да ги објасни своите постапки пред комитетот на турската фудбалска федерација. Ерол одбива, а полицијата воопшто не започнува истрага против него.

Деклан во книгата објаснува дека Ерол е еден од поневештите местачи на натпревари во Турција, и човекот треба си ја гледа работата што до тогаш ја терал - бизнисмен.

"Ама ако сакал, како би можел тој да ги подобри своите перформанси?

Мојот интелектуален ментор за ова прашање е Мајкл Франчези, лик што можеш да го најдеш само во Америка. Тој е син на озогласениот мафијашки убиец Џон Сони Франчези. Мајкл станува капо на Коломбо фамилијата во Њујорк уште на 20 години," пишува Деклан.

Главен бизнис на Франчези е измама со отворање и затворање фирми што поседуваат бензински станици, а хонорарно се занимава со местење натпревари, вклучувајќи наводно и натпревари на Њујорк Јенкис.

Франчези му објаснува дека е многу лесно да се натера професионален спортист да прифати местење. Во процесот се троши многу време, меѓутоа во најголем дел од случаите, знаат дека некој спортист ќе "падне".

"Атлетичарите сакаат да се коцкаат. Тие се самоуверени, и агресивно ризикуваат. Сите карактеристики кои ги прават добри спортисти, ги прават и добри коцкари... Кога ќе им почнат проблемите со нас, ние го тераме да почнат да работат за нас. Тие си го отплаќаат долгот, со тоа што нема толку многу да се трудат, или само ќе ни кажат некоја информација, колку да знаеме што се случува," му објаснил Франчези на Деклан, дополнувајќи дека ако си мафијаш ќе сакаш да се дружиш со спортисти за да им ги откриеш слабостите (дрога, блондинки...).

Самиот спортист не мора ни да се сложи на нешто, Франчези објаснува дека е доволно само да си блиску до него: "Ќе им пријдеш и ќе им наместиш девојка. Таа ќе затрудни или ќе се преправа дека е трудна. Ова ќе му ги расипе перформансите. Или ќе го однесеш на некоја журка вечерта пред натпреварот."

Според Франчези, најтежок дел во целата работа и да добиеш пристап до спортистот. За ова Деклан го пренесува извештајот на германскиот јавен обвинител за случајот со браќата Сапина, хрватски коцкари "кои успеаа да го разубедат Роберт Хојзер да 'дојде од нивна' и кај нив во кафуле, каде што многу германски судии не само што се забавуваа туку и се чувствуваа удобно." За време на светски или континентални првенства местачите плаќаат големи пари за да бидат на ист спрат или барем во близина на спратот каде што се сместени спортистите. По што обично следува обид да се зближат преку проститутки.

Друг модел кој успешно функционира, посебно во азиските првенства, е најмувањето агенти кои веќе имаат воспоставено блиски контакти со спортистите. Ова може да се и поранешни фудбалери кои се уште се дружат со новите генерации. Овие агенти им се достапни на местачите за посакуваниот резултат.

Деклан објаснува дека има два основни начини како местачот му пристапува на играчот, и двата "се идентични со бизнис стратегијата на еротските танчарки во Северно-американските стриптиз клубови." Брзо, да се опфатат што е можно повеќе муштерии и да се извадат брзи пари, или внимателно, со креирање лажна интимност да му се соберат сите пари на муштеријата.

Првиот принцип се користи во азиските првенства, и кога се работи за временски ограничен пристап - ситуации како мундијал или континентално првенство. Во првенствата со далеку помалку корупција се користи вториот метод, на создавање лажна близина.

Во случајот со браќата Сапина (кои се користат со лажна блискост), самиот Роберт Хојзер не може да најде зборови и да објасни како го натерале да намести натпревар:

"Тоа беше константен процес за кој не бев свесен до самиот крај. Тоа влијаеше на мене на начин заради кој престанав да забележувам работи околу мене. Само излегував во кафулето, и после некое време ова беше како да влегувам мојата втора дневна соба. Цело време бев таму. Таму бев осум дена во неделата и ме третираа како многу специјална личност."

Како еден од посуптилните местачи (за разлика од Ерол) Деклан пишува за Шио (сменето име) кој договара натпревари во Малезија и Сингапур во 90-те. Играчот со кој се договара натпреварот е Дејвид (исто така сменето име), а на состанокот се присутни и уште двајца други Али и Рахил (сменети).

"Д: Ова ни е пријателот Шио.

Ш: Јас сум Шио. (Али и Рахил се поздравуваат со него). Дојдов тука за да зборувам со вас. Ќе се обидам да ви помогнам да стигнете до финалето на Малезискиот куп. Океј, едноставно да ви кажам. Прво, ќе му помогнам на вашиот клуб во 5 натпревари. Ќе ви платам по 15.000 рингити за секој добиен натпревар. Откако ќе ги добиете тие пет, ќе треба еден натпревар да го изгубите или да изиграте нерешено. Ако извадите нерешено ќе ви платам 25.000, ако изгубите 40.000.

Д: Немајте гајле. Шефот (Шио) ќе ни помогне.

Ш: Ок, лесно е да се збори. Јас го контролирам вашиот тренер. Јас ги купив двајцата странци што ги имате. Јас ги платив трошоците за трансфер за нив, а не фудбалската асоцијација.

Р: Брзо ќе размислам за ова.

Ш: (Му дава плик полн со готовина) Ова се парите за Купот (натпревар што го имаат добиено пред неколку седмици).

Д: Без гајле. Шио ќе помогне."

 

"Овој извадок ја покажува разликата меѓу Шио и далеку помалку суптилниот Кенан Ерол. За почеток Шио не доаѓа сам на состанокот. Туку тој користи играч за да се запознае со другите играчи. Ова инстантно му помага да воспостави кредибилитет. Дејвид, проминентен играч, двапати гарантира за доверливоста на Шио.

Тој исто така се поздравува со играчите. Шио се претставува себе дека доаѓа од слично работничко семејство преку малезискиот жаргон што го користи (ова е повеќе пати нагласено од преведувачот, ама се губи во англиската верзија) и е пријателски настроен и директен кон играчите. Ова е спротивно од однесувањето на многу сопственици на клубови кои се поставуваат над играчите. Често пати од играчите се очекува да ја бакнат раката на сопственикот на клубот, а Шио кој цело време е учтив со нив, тврди дека ги има сопствениците на платен список...

... Ова е спротивно на Кенан Ерол, кој кога е запрашан дали го контролира менаџментот, инстантно се дистанцира и излегува како аутсајдер со многу малку моќ," пишува Деклан.

Тој објаснува дека има два типа на местење: местење на натпреварот и местење на пазарот на кладилниците. За да се намести пазарот, местачот гледа како се распоредени шансите на пазарот, и става на коефициентите кои ќе му донесат најголем профит, па се осигурува дека играчите ќе му го испорачаат тоа што се бара од нив. Тука тој мора да се осигури дека играчот ќе заврши работа.

Главниот проблем во ова местење е што мора да се вложат многу пари за местењето (заедно со целата претходна подготовка) да се исплати. Ама ако ставиш многу пари на еден тип, тоа за кратко време ќе биде забележано од пазарот и веднаш ќе се знае дека нешто матно се случува. За да се осигура дека неговиот облог ќе има контратежа, местачот започнува со ширење гласини за тимот на кој се клади дека некој од играчите му е повреден или има домашни проблеми, или дека го продал натпреварот. Ова треба да доведе до контра-кладби.

Друга опција е долгорочно кладење на мали пари, со далеку помали шанси за откривање. Ова е посебно проблем во Европските лиги. Пример, играат слаб и јак тим. Пазарот очекува јакиот тим да победи. Местачите го потплаќаат слабиот тим да изгуби и ставаат колку можат повеќе пари на силниот тим. Заради малиот коефициент, никој не се ни сомнева кога големиот тим ќе победи, а местачот минува незабележан.

Исплатите се проблематични затоа што најголемиот дел од играчите се јавни личности чии плати се добро познати. Малезискиот новинар Џонсон Фернандез своевремено објави дека местачите на своите играчи им даваат добитни лото ливчиња, кои "местачите ги купуваат од добитниците и потоа им ги даваат на играчите кои го наместиле натпреварот за да можат да покажат дека парите легално ги добиле." Друга опција е на играчите да им се дадат тикети со вложени пари на натпреварот кој го местат (ова гарантира и дека играчите ќе се потрудат).

Целиот извадок од Деклан

3 јуни 2015 - 16:26