Споредувањето на статистичките податоци за криминалот меѓу Америка и Европа е исклучително сложено. Склоноста на поединците да пријавуваат кривични дела варира од место до место, а дефинициите ретко кога се целосно усогласени. Стапките на криминал зависат и од начинот на кој се дефинира опфатот на населението: дали во градот вклучена и пошироката околина, што на пример во Њујорк може да го направи Бронкс побезбеден отколку што навистина е.
Тимот на криминологот Мет Ешби од Универзитетот Калифорнија анализирал 20 градови со најмалку 2,5 милиони жители, ги усогласил податоците за густината на населението и ги стандардизирал дефинициите за кривични дела, за да може да ги споредуваат стапките на криминал во САД и во Европа.

Кога станува збор за убиствата – единствената статистика што може директно да се споредува меѓу земјите – Америка стои многу полошо. Во Чикаго во 2024 година биле регистрирани 587 убиства, што претставува стапка од 22 на 100.000 жители, што е 2,7 пати повисока стапка од Лос Анџелес, кој е на второто место во САД. Просечната стапка за десетте европски градови изнесува 1,7 убиства на 100.000 жители.
Кај другите видови кривични дела не постои толку јасна разлика. Грабежите со употреба на сила се случуваат со приближно иста зачестеност во двата региона, иако Лондон и Париз бележат особено лоши резултати, со стапка од над 300 случаи на 100.000 жители годишно. Кражбите на возила се честа појава во Чикаго и Лос Анџелес, додека Њујорк стои подобро од повеќето европски градови. Од друга страна, провалните кражби во домови се почести во Европа.

Од една страна, широкиот систем за социјална заштита во Европа може да ја намали мотивацијата за крадење. Од друга страна, силниот полициски надзор во Америка, како и значително повисоките стапки на затворање, придонесуваат за израмнување на состојбата, се истакнува во анализата.
Ешби вели дека статистиката е „најмалку најлош обид“ за споредливост на податоците. Укажува на разликите во пријавувањето на делата. На пример, официјалните бројки за пријавени силувања во Англија и Велс се дуплираа во последните десет години. Но, доверливите анкети сугерираат дека случаите се задржале на стабилно ниво: зголемувањето се чини дека се должи на тоа што повеќе луѓе се охрабруваат да ја информираат полицијата.

Слично на тоа, регистрираните деловни грабежи во Лондон можеби се зголемиле затоа што полицијата го олеснила пријавувањето на ваквите кривични дела.
Трендовите од двете страни на океанот даваат причини за оптимизам, заклучува криминологот.
Стапките на убиства во Лондон и Њујорк се пониски од кога било досега откако започна водењето евиденција. Личните грабежи во Париз можеби изгледаат високи, но речиси се преполовиле во текот на изминатата деценија. Градовите и во Европа и во Америка се побезбедни, попријателски и позабавни отколку пред една генерација, вели Ешби.