„А сепак, мојот мозок не може да престане да размислува зошто ужаснатоста од уништувањето на Нотр Дам, локација која е заштитена како светско наследство од УНЕСКО, не е реакцијата што ја гледаме секој пат кога ќе се уништи некој историски споменик, без разлика на локацијата и без разлика на националноста, расата и религијата.
Дури и додека жалиме за Нотр Дам, стотици милиони долари оружје од САД, Британија, Франција, Италија, Австралија и други држави им се продаваат на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, кои се подготвуваат да ја започнат петата година воздушните и копнени напади на Јемен. Додека Јемен е една од најсиромашните земји на светот според БДП, тој е неверојатно богат со културно наследство. И денес, оваа античка и горда држава со 25 милиони жители е распарчена, заедно со своето неверојатно богатство,“ пишува археологот Ламја Халиди во текстот за Гардијан.
Иако не е Нотр Дам за да собере милијарда долари помош, не треба да се заборави дека од почетокот на војната во 2015, разрушени се најмалку три УНЕСКО локации во Јемен, и уште стотици други религиозни и историски споменици во земјата, археолошки локалитети и музеи. Згора на ова Халиди потсетува дека до сега во војната 85.000 деца умреле од неухранетост, дека имало 18.000 цивилни жртви, и дека неколку милиони луѓе се внатрешно раселени.
Халиди која десет години од својата меѓународна кариера ја минува како археолог во Јемен, потсетува што сè светот добил од Јемен:
„Царицата од Саба, местата и храмовите на Сабејското кралство, браната Мариб едно од технолошките чуда на своето време, некои од најраните еврејски, христијански и муслимански заедници и споменици што се подигнати, и архиви со материјали од 9-от век п.н.е. На Јемен исто така му ги должиме најстарите и најраскошните архитектонски дела од кал и камен, и уникатен заштитен екосистем што го нема на ниту еден друг дел од планетата, на островот под заштита на УНЕСКО Сокотра.
Секој ден го гледам Јемен како гори, и секој ден слушам само молк. Доналд Трамп беше многу јасен зошто неодамна стави вето на законот кој мина во двата дома на американскиот конгрес со кој се забранува продажба на оружје на Саудиска Арабија.
Конгресот ги виде бројните докази дека овие оружја се користат против опустошеното цивилно население кое живее под опасада и страда од глад и колера.
Меѓутоа претседателот на САД го искажа она што сите светски лидери го кријат од своите граѓани: продажбата на оружје е поважна отколку човечките животи и светското наследство...
... Ајде да се кренеме и заедно одново да го изградиме Нотр Дам: но ајде исто така да се кренеме и да ги спречиме нашите влади да го уништуваат Јемен, неговиот народ, и неговите Нотрдами, каде изворот на пожар очигледно не е несреќен случај, и е извршено со одобрение на нашите влади, платено е од нашите даноци, и е направено во наше име,“ пишува Халиди.