Тестирањето на тестостерон ќе биде стандардно во редовните годишни здравствени прегледи за редовните војници и за резервистите на возраст над 30 години. За помладите тестот ќе биде на доброволна основа.
Секој ден сте туркани до вашите апсолутни ментални и физички граници. Новите проверки ќе осигурат дека војниците ќе имаат соодветно ниво на тестостерон за да функционираат во максимален физички капацитет, објави министерот Пит Хегсет.
Нивото на тестостерон кај мажите природно опаѓа со возраста, што се поврзува со промени во расположението и губење на мускулната маса или коса. Нови студии укажуваат дека нивото на тестостерон кај мажите е преполовено во изминатите 50 години. Управата за храна и лекови (FDA) во јуни предложи олеснување на ограничувањата за препишување на гелови, таблети, фластери и инјекции со тестостерон.
Земањето тестостерон од немедицински причини, како што е вештачко зајакнување на мускулите без лекарски рецепт, е строго забрането во војската.
На нашите воини им ја должиме апсолутно најдобрата медицинска нега во светот, а оваа програма ја исполнува таа обврска. Грижата за вашето долгорочно здравје гарантира дека ќе останете силни, издржливи и способни, не само за следното распоредување на позиција, туку и за остатокот од животот, за да можете да напредувате и долго откако ќе ја соблечете униформата, додаде тој.
Шефот на Пентагон не објасни што ќе биде со војниците што имаат пониско ниво на тестостерон и не сакаат да примат терапија. Хегсет не ги спомна ни жените во војската, кои биолошки имаат 90% пониско ниво на машкиот хормон.
Уште откако ја презеде функцијата, Хегсет спроведе темелни реформи за подобрување на физичката спремност на војниците. Воведе строг режим на обука и најави дека „ќе ја исчисти војската од воук ѓубрето“. Постојано изразуваше незадоволство поради тоа што вооружените сили премногу се фокусирале на квоти за различност на сметка на заслугите, што ги ставило белите мажи во неповолна положба.
Притоа му забележуваат дека претерано ги фаворизира мажите. Во декември Пентагон почнал шестмесечна ревизија во врска со жените на борбени позиции на копно, со цел да се осигури „воена ефективност“. Поради негова лична блокада на унапредувања, првпат по повеќе од една деценија оваа година ниту една жена нема да добие чин на адмирал во Воената морнарица. Заклучно со март, во американската војска имало 231.741 жена во активна служба, што претставува 17,7% од вкупниот воен состав.
