Речиси 2.000 пати повеќе загадување со честички се создава со абење на гумите отколку со издувните гасови на модерните автомобили, покажуваат нови тестови.
Честичките од гумите го загадуваат воздухот, водата и почвата и содржат широк спектар токсични органски соединенија, вклучително и познати канцерогени. Аналитичарите сугерираат дека загадувањето од гумите може брзо да стане главен проблем за регулаторите.
Поради фокусот на издувните гасови, кај новите автомобили емисиите сега се многу помали; европските се далеку под законската граница. Но истовремено, зголемената тежина на автомобилите, меѓу другото и на електричните заради батериите, повлекува поголемо загадување од честичките од гумите што се трошат по патиштата.
Тестовите покажуваат дека со секој изминат километар гумите произведуваат сè повеќе ултрафини честички помали од 23 нанометри. Тие се особено за секирање за здравјето бидејќи, од една страна лесно можат да влезат во организмот, а од друга, честичките под 23 nm е тешко да се измерат и во моментов не се регулирани ниту во ЕУ, ниту во САД.
“Ауспусите сега се толку чисти од загадувачи што, да почнувавме сега, немаше ни да се мачиме да ги регулираме“, вели Ник Молден од една водечка компанија за тестирање штетни емисии.
Гумите оставаат огромни количини материјал во околината, годишно околу 300.000 тони гума, само во Велика Британија и САД, само од автомобили и комбиња.
Тестирале 250 различни видови гуми кои обично се прават од синтетска гума, дериват од сирова нафта.
„Тие содржат стотици и стотици хемикалии, многу од нив и канцерогени,“ вели Молден, „кога ќе помножите со вкупното абење на гумите, се доаѓа до фрапантни цифри колку се ослободува во околината“.
Искористените гуми произведуваат 36 милиграми честички на секој километар, што е 1.850 пати повеќе од просекот од 0,02 mg/km од ауспух.
И тоа е така кога се вози питомо и умерено. Кога се вози агресивно – а во рамките на дозволените брзини – гумите оставаат не 36 милиграми туку неверојатни 5.760 милиграми на километар.