Граѓански инвестиции во партиски плукања

За само еден месец, Американците решиле да дадат вкупно 36 милиони долари за негативните кампањи кои ги очекуваат следната година.

Во септември Демократите собрале донации во висина од 20,4 милиони доларии, убедливо надмашувајќи ја републиканската донациска реколта која изнесува 15,8 милиони.

Проценките велат дека барем 2 милиона од демократските донации се должат на бесот кој во редовите на нивната партија ги предизвика републиканскиот сенатор Тед Круз кој ја запоседна говорницата во обид да го блокира гласањето за висината на националниот долг.

"Сенаторот толку ме збесна што веднаш дадов 100 долари за Демократите," вели еден од бројните ситни донатори во  партиските кампањи.

Сепак, иако 2014-та е изборна година за Конгресот, факт е дека самиот Круз нема да се појави за евентуален реизбор до 2018-та година. 

Износот не месечните донации не се гледа како некој важен податок освен за извесно насетување на моменталното расположение на гласачкото тело околу тековните настани. Но, и тоа не мора да значи ништо. Во октомври 2010-та Демократите собираат рекорден месечен износ, за само еден месец потоа дебело да изгубат и да ја предадат контролата врз Конгресот.

"Америко, овие 36 милиони долари ви се лоша инвестиција. Лоша затоа што го наградува лошото однесување. Лоша затоа што ја предавате моќта во рацете на партиските комитети и бирократи. Лоша затоа што има малку врска со победата," порачува аналитичарот на Атлантик, Филип Бамп.

 

22 октомври 2013 - 13:26