Во текстот на Бибиси се објаснува дека она што е сигурно и потврдено низ историјата е дека без разлика колку изгледа големо и моќно, ниту едно општество не е имуно на ранливостите кои порано или подоцна ќе доведат до негов крах, и ова без да се земат предвид настани како удар на астероид, нуклеарна зима или епидемија.
Сафа Мотешраи е научник од Универзитетот на Мериленд, кој користи компјутерски модели за да дојде "до подлабоко разбирање на механизмите што можат да доведат до локална или глобална одржливост или колапс." Според него постојат два фактори што се важни: еколошка издржливост и економско раслојување.
Првото прилично јасно и се однесува на тоа дека исцрпувањето на природните ресурси (вода, почва, шуми, рибници...) има потенцијал да доведе до пропаст.
Втората основа ги изненадува Мотешраи и колегите, бидејќи според тоа сценарио богатите елити го туркаат општеството кон нестабилност и последователен колапс со тоа што зграбуваат огромни количества богатство и ресурси, оставајќи малку за обичниот народ, кој е неспоредливо поброен и ги издржува нив преку сопствената работа. Со тек на време работната популација крахира затоа што делот од богатството одделен за нив не е доволен, по што следува колапс на елитите заради недостаток на труд.
Доброто според нив е дека ова може да се избегне, ако "направиме рационален избор за ограничување на фактори како нееднаквост, експлозијата на растот на популацијата, стапката со која ги исцрпуваме природните ресурси и стапката на загадување. Ако го направиме ова тогаш може да избегнеме колапс и да се стабилизираме на одржлива траекторија."
Проблемот со добронамерноста на Мотешраи, е што луѓето кои не работат со компјутерски модели, туку што работат со луѓе, сметаат дека вака тешките одлуки "ги надминуваат нашите политички и психолошки капацитети", и дека светот едноставно нема "да се издигне на нивото потребно за решавање на климатските промени за време на овој век, затоа што на краток рок е поскапо да се реши проблемот отколку да се глуми дека тој не постои".
Како пример од реалниот свет за она што го збори Мотешраи, е наведена Сирија. Земјата долги години живееше со висока стапка на приноси од земјоделие и висок број на новороденчиња. Кога кон крајот на минатата деценија земјата беше зафатена од суша, засилена од климатските промени, нејзиното земјоделие беше осакатено. Ова остави милиони, претежно млади луѓе, без работа, без пари и многу гневни. Добар дел од нив се преселуваат во градовите, каде почнаа да го надминуваат капацитетот на јавните системи и ресурси. Постојните етнички тензии почнаа да растат, и се создаде плодно земјиште за насилство и конфликт. Ова само беше распламтено од неколку лоши политички одлуки, како укинување субвенции за вода сред суша, што резултираше во граѓанската војна од 2011.
Авторот на The Upside of Down, Томас Хомер-Диксон, зборува за тектонскиот стрес како предзнак дека проблемите ќе еруптираат. Според него се повеќе има "појави што експертите ги нарекуваат нелинеарни, или изненадни, неочекувани појави во светскиот поредок", кои во реалниот свет се манифестираат како економската криза од 2008, подемот на ИСИС, брегзит и изборот на Доналд Трамп.