Коренот на целата помпезна смисалица е во едно завереничко сочинение кое деновиве циркулише по меилови и Фејсбук. Вака одеше тоа:
Четири дена по исчезнувањето на авионот MH370, еден интересен патент е одобрен од надлежното американско биро.
Четворица од петтемина сопственици на патентот се кинески луѓе вработени во компанијата Freescale Semiconductor од Остин, Тексас.
Патентот на рамноправни делови им припаѓа на следниве луѓе односно субјекти: Peidong Wang, Suzhou, China, (20%), Zhijun Chen, Suzhou, China, (20%), Zhihong Cheng, Suzhou, China, (20%), Li Ying, Suzhou, China, (20%), Freescale Semiconductor (20%)
Ако еден сопственик на патентот почине, останатите го делат неговиот дел. Ако 4 од 5 загинат, тогаш единствениот жив има 100 посто од патентот.Единствен жив во случајот е фирмата Freescale Semiconductor. Кој ја поседува фирмата Freescale Semiconductor? Ротшилд, преку компанијата Blackstone.
Тоа е месото на приказната која подоцна се рашири во безброј варијанти кои сепак имаа иста поента: Ротшилд, чие име е талисман за успех на вакви приказни (додуша кај нас некои сè уште го пишуваат Ротчајлд), со својата огромна моќ и пари и влијание го спичкал некако авионот за да ги убие сите лица со кои би требало да го дели патентот кој пак е некаков супер микрочип, супер скап, супер воена тајна и сл.
И сега, нормално, тој е единствен сопственик на тој "микрочип на иднината".
Варијации имаше ана не толку битни: дека во авионот се убиени вкупно 20 спорни масони, дека не биле масони ами вработени во компанијата и слично.
А сега малку вистина за наводите:
- Имињата на наведените сопственици на патентот ги нема на листата патници.
- Патентот кој се наведува е далеку побанален од она што му се припишува (можете да го разгледате овде)
- Freescale Semiconductor е јавна компанија во сопственост на вкупно 152 различни сопственици на нејзини акции. Да, Блекстоун го поседува најголемото парче меѓутоа други две компании (Carlyle Group и TPG Group Holdings) заедно имаат исто толкав удел.
- Патент генерално, не е трофеј од Hunger Games па да му остане на оној кој преживеал. Како и во случај на нива, кола, гранапче и слично, ако некој сопственик почине, неговиот дел го наследуваат неговите правни наследници а не другите сопственици кои останале живи.
Но, сето ова не е ни малку битно за животот на приказната како Ротшилд го урнисал авионот. Луѓето имаат потреба да поминат ментално преку вакви комплицирани приказни, а Ротшилд и масоните и илуминатите се едни од најчесто користените патерици.
На рака им одат и небулозите од официјалните истраги: после 10 дневно трагање по остатоци од еден реон во Индиското море (базирано на неколку сателитски снимки од разни извори кои беа стручно толкувани како остатоци од авионот), истрагата (експерти од разни области, стручњаци, научници....) ненадејно реши да го смени местото и тоа за цели 1.100 километри на север!
Тоа ви е како 10 дена да копаат околу Мрзенци а потоа одеднаш да соопштат дека најновите податоци укажуваат дека она што го бараат најверојатно е во близината на- Љубљана.
п.с. Тину-нину објаснување: Видете, постои можност ова пародираање на приказната за моќта на Ротшилд да го правиме само затоа што - и ние сме масони. Пред некое време, еден читател токму тоа го тврдеше, барајќи средба бидејќи знаел дека како на еден од хиерархиски повисоките масони, колегите од штабот на масоните ми доделиле на обука еден од актуелните бавчанџии во Трендоленд (не ви кажувам кој пошто е тоа тајна) а тој во последно време не следел обука како што треба.
Па да се видиме....
Не се видовме. Го средивме проблемот поинаку...