„Овие анегдоти за жителите на Форбс 400 листата дека возат разумни семејни возила и избегнуваат Ролекси се повеќе од потсетник дека ултра-богатите се како и сите останати: тие го оправдуваат богатството на милијардерите покажувајќи дека тие не се расфрлаат со истото. На ова има и инспиративен елемент, бидејќи овие анегдоти често пати се придружени со совети како секој може да заштеди милиони ако возат евтини возила и не одат по ресторани.
Фалењето на богатите за нивната штедливост исто така е начин за укорување на обичниот народ за трошење пари на работи кои не се најосновните потребштини. Пораката е јасна: ако Ворен Бафет и Марк Зукерберг се среќни со скромни домови и разумни автомобили, тогаш и сите други треба да бидат.
За богатите штедливоста е поставена како восхитувачки знак на самоконтрола; за сите останати таа е неопходност. Прашањето не е колку пари човек има за трошење, туку како тие пари се трошат,“ пишува Габи Дел Вал во текстот за Вокс.
Социолози како Рејчел Шерман објаснуваат дека богатите се крајно загрижени за тоа каков впечаток нивното трошење остава за нив. Таа ја пишува книгата „Uneasy Street: The Anxieties of Affluence“, за која интервјуира 50 богати родители од Њујорк, и објаснува дека најголемиот дел од нив постојано нагласуваат колку се штедливи и колку нивните потрошувачки навики се „нормални“.
„Богатите луѓе кои ги изучував навистина се загрижени за моралните импликации од нивната привилегираност, и мислам дека голем дел од начинот на кој богатите се претставени во популарната култура исто така е многу моралистички.
Штедливоста е еден од начините на кои проценуваме дали богат човек е морално добар или морално лош,“ објаснува Шерман.
Инаку и таа е на слична линија околу тоа дека за богатите штедливоста е начин да се покаже дека своето богатство не го сфаќаат здраво за готово, додека за сите останати тоа е обележје на самоконтрола.
Како пример за тоа како богатите не треба да се однесуваат таа го истакнува феноменот „богатите деца на Инстаграм“ во кое тинејџери и нешто постари деца на богаташи се расфрлаат со својот имот. Или позлатената естетика што Трамп ја тера сите овие години.
„Она што ваквата проста поделба на добри богаташи и лоши богаташи го затскрива е дека дури и ако богатите не трошат пари колку што можат, тие сепак трошат повеќе пари од просечниот човек.
Закерберг можеби е познат по неговата минималистичка облека составена од фармерки, маичка и блузон, меѓутоа тој блузон е направен од кашмир и чини 2.000 долари. Останатите во Силициумската долина имаат прифатено слична естетика, меѓутоа многумина од нив им плаќаат големи пари на стилисти за да им помогнат во тоа.
Да се слави штедливоста на богатите во исто време е начин луѓето да се обвинат за сопствената сиромаштија...
... Со други зборови, финансиските совети што милионерите ги испраќаат до остатокот од популацијата ги игнорираат сите структурни проблеми кои на прво место ги држат луѓето во сиромаштија, од недоволно финансирани јавни училишта, до плати кои не пораснале и затрупаност во десетици илјади долари студентски долг. Штедливоста е преставена како проста позиција во однос на комплициран проблем - ветување дека секој што ќе заштеди доволно пари и има правилен начин на размислување може да биде богат, или, барем, да не биде сиромашен,“ објаснува Дел Вал.
Една од клучните позитивни промени што се случуваат во последно време е што разговорот полека почнува да се менува од тоа како богатите ги трошат своите пари на тоа дали тие воопшто треба да имаат толку пари за трошење, и како воопшто го имаат акумулирано тоа богатство. Како пример за ова е Џеф Безос кој стана најбогатиот човек на светот додека вработените во магацините на Амазон земаат толку ниска плата што и покрај тоа што се вработени се квалификуваат и за социјална помош.
„Треба ли тие воопшто да имаат 50 милиони долари, без разлика на тоа како ги трошат? Тоа е прашањето кое никогаш не се поставува, делумно и затоа што овие претстави на богатите како штедливи се фокусирани на нивните потрошувачки навики, а не на она што го поседуваат,“ порачува Шерман.