Астрономските скриени трошоци на поседување електрична кола

Тексашки тинк-тенк (Фондација за јавна политика на Тексас) неодамна излезе со извештај за сите скриени трошоци кои постојат во поседување електричен автомобил, со кои тоа решение излегува значајно поскапо од имање стандардна кола со мотор со внатрешно согорување. Па да ги стават Теслите на плин, ако не?

Пред да ги сецираме бројките, редно е да се каже дека се работи за конзервативен тинк-тенк кој е финансиран од нафташите Ексон, Шеврон и браќата Коч и упорно се бори против тн зелени енергии.

Нивниот извршен лани твитна:

„Денес, благодарен сум што живеам живот со висока содржина на јаглерод и посакувам и остатокот од светот да го може тоа. Енергетска сиромаштија = сиромаштија. Декарбонизацијата е опасна и смртоносна“.

Според нивните пресметки, кои ги вклучуваат владините субвенции, опремата за полнење и дополнителното оптоварување на електричната мрежа, излегува дека „вистинскиот трошок за полнење на електрично возило е како да се плаќа 17,33 долари за галон бензин“.

А галон бензин е од 3,36 долари најевтино, 4 долари во Аризона, до скоро 7 долари во Беверли Хилс. 

Извештајот идентификува три различни области на скриени трошоци за сопствеништво на електрично возило: првата се директните субвенции, како што е федералниот даночен кредит од 7.500 американски долари. Втората се однесува на индиректните субвенции, особено избегнувањето на државните и федералните даноци за гориво. Ова, се вели во извештајот, е проблематично бидејќи таквите даноци се користат за изградба и одржување на патишта; а бидејќи електричните се потешки, нивните сопственици треба да плаќаат повеќе даноци за гориво, а не помалку. Како индиректна субвенција ги сметаат  дополнителните трошоци за електричната мрежа.

Од друга страна, Consumer Reports, годинава во мај откри дека електрифицирањето на целата флота на лесни возила на САД до 2050 година ќе бара помалку од 1% раст годишно во производството на електрична енергија. Извештајот покажа дека ако 25% од целата флота на патнички возила на САД стане електрична до 2032 година, мрежата би можела да ја задоволи таа побарувачка со само 6% раст во производството на електрична енергија.

Линдзи Бакли, портпарол на Калифорниската енергетска комисија, лани рече дека полнењето на ЕВ сочинува помалку од 1% од вкупното оптоварување на мрежата за време на шпицовите. До 2030 година, тој удел се очекува да биде околу 5%, што е „мала количина“ на додадена побарувачка.

Сепак, далеку од сјајно оди тоа: Генерал моторс ги намалија таргетите за електрични возила, Форд одложи инвестиции од 12 милијарди, Херц бавно ја елекртифицира флотата а Тесла е во ценовна војна за да ги убеди колебливите купувачи. 

Иако продажбата на електричните во САД, постигнаа рекордни 7,9% од вкупната продажба на коли во третиот квартал, интересот тлее. Според едно истражување, во мај годинава 67% испитаници рекле дека се отворени за таа опција, што е значајно намалување од 86% колку што ги имало во 2021 година.

2 декември 2023 - 21:14