Џордан Питерсон

Зошто веќе не сум професор на Универзитетот на Торонто

Ужасната идеологија на диверзитет, инклузија и правичност го уништува образованието и бизнисот.

Неодамна дадов оставка на мојата позиција на редовен професор на Универзитетот во Торонто. Сега сум почесен професор, и тоа пред да наполнам 60. Почесен главно е обележје резервирано за пензионираниот кадар, кој ја отслужил својата работа со одредени заслуги. Јас замислував дека ќе предавам и истражувам во Универзитетот на Торонто до крај, сè додека не бев принуден да си го извлечкам скелетот од мојата канцеларија. Ја сакав мојата работа. И моите студенти, и недипломираните и дипломираните, беа позитивно наклонети кон мене. Меѓутоа на таа кариера не ѝ беше судено да се оствари. Имаше многу причини, вклучувајќи го и фактот дека сега онлајн можам да образувам многу повеќе луѓе и со многу помалку пречки. Меѓутоа еве и уште неколку:

Прво, моите квалификувани и извонредно обучени хетеросексуални бели машки студенти (имав и многумина други) имаат занемарливи шанси да добијат истражувачка позиција на Универзитетот, и покрај нивните одлични резултати. Ова делумно е заради задолжителните правила за диверзитет, инклузивно и правичност (за кои мојот префериран акроним е DIE - Diversity, Inclusivity, Equity). Овие се универзално наметнати во академските кругови, и покрај фактот што универзитетските комисии за вработување и претходно направија сè што е разумно во текот на сите години од мојата кариера, да се осигураат дека ниту еден квалификуван кандидат од „малцинствата“ нема да биде превиден. Моите студенти исто така се делумно неприфатливи и токму затоа што се мои студенти. Јас сум академска персона нон грата, поради моите неприфатливи филозофски позиции. И ова не е само некоја мала непријатност. Овие факти направија мојата работа да биде морално неодржлива. Како можам со мирна глава да прифатам идни истражувачи и да ги обучам кога знам дека нивните шанси за вработување ќе бидат минимални?

Второ: Ова е еден од многуте проблеми со ужасната идеологија која моментално ги уништува универзитетите, а генерално и општата култура. Бидејќи едноставно нема доволно квалификувани БИОПК (црни, домородни, не бели) луѓе што стојат на располагање за таргетите за диверзитет да се остварат доволно брзо. Ова му е познато на секој и од далеку искрен академик кој во изминативе три децении работел во комисија за вработување. Ова значи дека ние создаваме генерација на истражувачи кои се длабоко неквалификувани за својата работа. Тоа, во комбинација со смртта на објективното тестирање, толку сериозно ги компромитираше универзитетите што тешко може да биде преувеличено. А тоа што се случува во универзитетите на крај се прелева врз сè. Како што видовме.

Сите мои страшливи колеги мора да изработуваат ДИЕ изјави за добивање на грантови за истражување. Сите лажат (исклучувајќи го малцинството на вистински верници) и сите ги учат своите студенти да го прават истото. И тоа константно го прават, со најразлични рационализации и оправдувања, дополнително корумпирајќи го она што и онака е неверојатно корумпирана појава. Некои од моите колеги дури и си дозволуваат себе си да минат таканаречена обука против пристрасност, спроведена од извонредно неквалификуваниот персонал од човечки ресурси, кој бесмислено но безгрижно и со обвинувачки тон предаваат за теоретски сеприсутното расистичко/сексистичко/хетеросексистичко однесување. Таква обука често пати е предуслов за да се фати место во комисијата за вработување.

Треба ли да нагласам дека имплицитното однесување не може - по дефинициите генерирани од оние што нив ги направиле централна точка на нашата култура - да биде трансформирано од краткорочна експлицитна обука? Претпоставувајќи дека оваа пристрасност постои на начинот на кој тоа се тврди, што е многу неиздржано тврдење, а туку заборувам научно. Тестот за имплицитни асоцијации - многу фалениот ИАТ, чија цел е објективно да дијагностицира имплицитна пристрасност (како автоматски расизам и слично) во ниту една смисла не е доволно моќен - доволно валиден или сигурен - за да го направи тоа што тврди дека ќе го направи. Двата оригинални автори на тестот, Ентони Гринвалд и Брајан Носек, самите го имаат тоа кажано, јавно. Третиот, професорката Мазарин Банаџи од Харвард, останува непокорна. Најголемиот дел од ова може да се припише на нејзината претерано левичарска политичка агенда, како и нејзината испреплетеност со поткатегоријата на психологијата, социјална психологија, толку корумпирана што шест децении по Втората светска војна отфрлаше постоење на левичарски авторитаризам. Истите социјални психолози, општо кажано, го сметаат конзерватизмот за форма на психопатологија.

Континуираното одобрување од Банаџи за злоупотреба на нејзиниот истражувачки инструмент, во комбинација со статусот на нејзината позиција на Харвард, е главната причина зошто и понатаму страдаме под јаремот на ДИЕ, со штетното влијание што го има врз она што некогаш беше најблиску што сме дошле до вистинска селекција по заслуга. Има добри причини да претпоставиме дека искоренувањето на објективното тестирање како ГРЕ (Graduate Record Examinations) мотивирано од ДИЕ, ќе има штетно влијание врз способноста на студентите одбрани на таков начин да ги совладаат темите на кои сите општествени науки (а и медицината) комплетно се потпираат за својата непобитност.

Дополнително, бордовите за акредитација на обуките за клиничка психологија во Канада сега планираат да одбијат акредитирање на универзитетски клинички програми освен ако тие немаат ориентација кон „општествена правда“. Ова во комбинација со некои скорешни законски промени во Канада, кои тврдат дека ја забрануваат таканаречената „терапија за преобразување“ (а во реалноста прават да е извонредно ризично клиничките психијатри да преземат што било освен секогаш и за сè да се согласуваат со своите клиенти) најверојатно ја упропастија клиничката психологија, која секогаш целосно зависеше од доверба и приватност. Слично ги чека и другите професионални дисциплини како медицина и право. И ако не мислите дека психолози, адвокати и други професионалци не се преплашени од нивните сега освестени професионални колеги, на општа штета, тогаш едноставно не разбирате до каде е стигнато ова.

Што точно треба јас да направам кога ќе се сретнам со дипломиран студент или млад професор, ангажиран по ДИЕ основа? Да манифестирам инстант скептичност околу нивната професионална способност? Каков шамар за вистински заслужен млад аутсајдер. И можеби тоа и е поентата. ДИЕ идеологијата не е пријател на мирот и толеранцијата. Таа е апсолутно и комплетно непријател на компетентноста и правдата.

А за оние што мислам дека претерувам, или дека ова е нешто ограничено во некоја тривијална смисла што се случува само на универзитети, земете ги предвид другите примери: На пример, овој извештај од Холивуд, клишето за жариште на „либералното“ чувство, кој покажува до каде дошле работите. Во 2020, Академијата зад Оскарите, започна со 5-годишен план за „создавање разноликост во нашата организација и проширување на нашата дефиниција за најдобар“. Ова го прават во обид кој вклучуваше развивање на „нови стандарди за репрезентација и инклузивност во Оскарите,“ за хипотетички „подобро да ја отсликаат разноликоста на филмската публика“. Каков плод вроди оваа иницијатива, потомок на ДИЕ идеологијата? Според неодамнешен текст од Питер Кифер и Питер Саводник, објавен на сајтот на поранешната новинарка на Њујорк тајмс, Бари Вајс (а Вајс го напушти Тајмс, заради навлегувањето на радикално левичарската идеологија во весникот, како што направи и Тара Хенли неодамна во ЦиБиСи): „Зборувавме со повеќе од 25 сценаристи, режисери и продуценти - од кои сите се идентификуваат како либерални, и од кои сите опишуваат преовладувачки страв од спротивставување на новата догма... Како да се преживее револуцијата? Така што ќе се стане нејзин најжесток поддржувач... Одеднаш секој разговор со секој агент или одговорен за содржини започнува со: Има ли БИОПК луѓе поврзани со проектот?“

И ова е насекаде - а ако не го забележувате вашата глава или е забиена во песокот или на уште понепријатно место. ЦиБиСи, на пример, буквално задолжи сите нивни тимови за сценарија во 2021 да имаат 40% БИОПК (а 50% во 2022).

Сега сме до точка во која расата, етникумот, „родот“ и сексуалните преференции се прво, прифатени како фундаментална карактеристика што го дефинира секој човек (баш како што радикалната левица се надеваше) и второ, се третираат како најважната квалификација за студирање, истражување и вработување.

Треба ли да нагласам дека ова е ненормално? Дури и Њујорк тајмс има свои сомнежи. Наслов од 11 август 2021: Дали програмите за диверзитет на работното место се повеќе штетни отколку добри? Со еден збор, да. Како може обвинување на твоите колеги за расизам итн. да биде доволно за да се бара ре-обука (посебно на оние кои работат добронамерно на надминување на каква било пристрасност што во овие модерни, либерални времиња, ја манифестираат) и да биде што било освен навредливо, агресивно, морализирачко, несоодветно, необмислено, контрапродуктивно и на друг начин неоправдано?

А ако мислите дека ДИЕ е лошо, чекај дур да чуете за ЕСГ оценките (Екологија, општество и владеење - Environmental, Social and Governance). Наводно проценувајќи ја корпоративната морална одговорност, овие резултати, кои можат драматично да влијаат на финансиската отпорност на компаниите, не се ништо помалку од озлогласениот кинески систем на социјален кредит, само наметнат врз корпоративниот и финансиски свет. ЦЕО-а: што е проблемот со вас? Не може ли да видите дека идеолозите кои туркаат такви одвратни глупости се водени од агенда која не само што е директно спротивна на слободниот пазар, туку како таква ги таргетира слободите кои го направија вашиот успех возможен? Не може ли да видите дека со согласувањето со ова (исто како што професорите прават, како што уметниците прават и како што писателите прават) вие создавате вистинска петта колона во вашите бизниси? Дали навистина сте толку слепи, уплашени и кукавици? Со сета ваша т.нр привилегија?

И тоа не е само во универзитетите. И професионалните колеџи. И Холивуд. И корпоративниот свет. Диверзитетот, инклузивноста и правичноста - тоа Свето тројство на радикалната левица - нè уништува. Се чудите за поделеноста која моментално не опколува? Не треба да барате подалеку од ДИЕ. Поточно, се чудите околу привлечноста на Трамп? Не треба да барате подалеку од ДИЕ. Кога левицата ќе отиде премногу далеку? Кога се клекнати пред олтарот на ДИЕ, и инсистираат дека сите ние, кои главно сакаме да бидеме оставени на раат, треба истото да го направиме. Доста е веќе. Доста. Доста.

И за крај, знаете ли дека самиот Владмири Путин вади корист од ова освестено лудило? Ана Махџар Бардучи од memri.org откри еден негов неодамнешен говор. Цитирам од преводот во статијата: „Поборниците за т.нр ’општествен прогрес’ веруваат дека го воведуваат човештвото во некој вид нова и подобра свест. Со Господ напред, како што велиме ние. Единствената работа што сега сакам да ја кажам е дека нивните рецепти не се ништо ново. По револуцијата од 1917, Болшевиците, потпирајќи се на учењата на Маркс и Енгелс, исто така рекоа дека сакаат да ги променат постојните правила и обичаи, и не само политичките и економските, туку секоја една смисла на човековиот морал и темелите на здравото општество. Уништувањето на вековните вредности, религијата и односите меѓу луѓето, се до па вклучувајќи го и целосното отфрлање на семејството, поттикнувањето да се издаваат саканите - сето ова се тврдеше дека е прогрес и, да се знае, во тоа време беше масовно поддржувано низ светот и се сметаше за прилично модерно, исто како и денес. Исто така, Болшевиците беа апсолутно нетолерантни кон мислења поразлични од нивните.“

„На ова треба да потсети она што денес го сведочиме. Следејќи што се случува во голем број западни држави, ние сме зачудени што гледаме некои наши домашни пракси - кои, за среќа, ги напуштивме, се надевам - од дамнешното минато. Борбата за еднаквост и против дискриминација се претвори во агресивен догматизам и се граничи со апсурдност, кога гледаме дека дела на големи автори од минатото - како Шекспир - повеќе не се изучуваат во училиштата и универзитетите, бидејќи се верува дека нивните идеи се назадни. Класиците се прогласени за назадни и игнорантни кон родот и расата. Во Холивуд се дистрибуираат меморандуми за правилно раскажување на приказната и колку не-бели ликови треба да има во филмот. Ова е полошо и од работата на одделот за пропаганда на ЦК на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз.“

Ова доаѓа од првиот човек на поранешна тоталитарна организација, против која водевме 5-децениска Студена војна, и ја ризикувавме целата планета (во многу реална смисла). Ова доаѓа од првиот човек на држава растргната од болка од буквално геноцидно однесување од идеи кои самиот Путин им ги припишува на прогресивците на Западот.

И ако одите по патот на ДИЕ активистите, заради која и да е причина: ова е на ваша глава. Професори. Преплашено клечите во молк, преправајќи се. Учејќи ги вашите студенти да прикриваат и лажат. Само да тераат. Додека ѕидовите се распаѓаат. За срам. ЦЕО-а: сигнализирање на доблест која ја немате и не треба да ја посакувате за да задоволите малцинство кое буквално го живее својот живот со незадоволство. Сепак вие сте зли капиталисти, и треба да бидете горди со тоа. Во моментов не можам да одредам дали заслужувате повеќе прекор и од професорите. Зошто едноставно не ги протерате вашите нови ДИЕ членови од човечки ресурси во посоодветно именувани оддели, и да ги спречите да и пречат на вашата и психата на вашите вработени, и да завршите со тоа? Музичари, глумци, писатели: престанете да ја извитоперувате вашата света и меритократна уметност пред барањата на пропагандистите пред фатално да го предадете духот на вашата лична интуиција. Престанете да ја цензурирате својата мисла. Престанете да кажувате дека ќе најмите луѓе за вашата продукција по било која основа освен талент и исклучителност. Тоа е се што имате. Тоа е се што кој било од нас има.

Оној кој сее ветар ќе ја ожнее бурата. А ветерот се засилува.

Џордан Питерсон

25 јануари 2022 - 13:05