Зошто сметам дека Законот за употреба на јазиците е лош

Затоа што:

- „Употребата на македонскиот јазик, како службен јазик е ПРАВО И ДОЛЖНОСТ на граѓаните на Република Македонија“ (чл. 2 ЗУМЈ). Оттука, секој граѓанин на оваа земја мора да го знае македонскиот јазик како основно комуникациско средство во рамките на една унитарна држава каква што е Република Македонија, а ЗУЈ, за жал, не само што не го предвидува тоа, туку и овозможува не секој граѓанин да го знае македонскиот, оти во секојдневната официјална комуникација би немал потреба од него;

- македонскиот кој е официјален јазик само во Република Македонија и во ниедна друга земја во светот, во законскиот акт со којшто треба да се реулира употребата на јазиците е спомнат само еднаш;

- затоа што е дискриминирачки не само во однос на македонскиот, туку и во однос на други јазици коишто ги говорат граѓани на Република Македонија (ромскиот, српскиот, влашкиот, турскиот... овде не ги знаеме процентите зашто немаме попис од 2002 г.);

- улогата што кога станува збор за македонскиот јазик ја има Владиното советодавно тело Совет за македонски јазик (составено од 8 члена и 1 претседател (в. чл. 8 од ЗУМЈ), при што не одржува повеќе од 12 седници годишно и членовите НЕ СЕ ВРАБОТЕНИ во Советот, чл. 11 од ЗУМЈ) при Министерството за култура, според ЗУЈ, кога станува збор за јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија ќе ја има Агенција за примена на јазикот која ќе работи под раководство на директор што го избира Владата на претходно објавен конкурс во кој ќе бидат ВРАБОТЕНИ судски преведувачи, лингвисти, дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори (в. ЗУЈ, чл. 18, т. 2 и 3) – нешто што укажува за нерамноправен однос во грижата на држатава за употребата на македонскиот јазик, наспроти употребата на друг јазик којшто го говорат граѓани на Република Македонија;

- употребата, односно неупотребата на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија ќе се санкционира со посебен Инспекторат кој ќе има својство на правно лице при Министерството за правда (в. ЗУЈ, чл. 20, т.1). Според Законот за употреба на македонскиот јазик инспекциски надзор вршат инспектори кои се вработени во Министерството за култура (чл. 12 од ЗУМЈ) и постапуваат само по пријава и тоа само за НЕЛЕКТОРИРАНИ текстови, а не и за неупотреба на македонскиот јазик (чл.13 од ЗУМЈ). Ова е уште една законска одредба којашто, за жал, укажува дека ова законско решение, македонскиот јазик го става во подредена позиција, иако при претставувањето на Законот се говори за рамноправност;

- овозможува уште поголема сегрегација меѓу населението во Република Македонија;

- ќе ја доусложни административната комуникација и ќе го блокира уште повеќе функционирањето на државата;

- не е праведен во однос на еден поголем дел од населението што живее во Македонија, зашто за да се имплементира овој закон (кој, сѐ уште, не е донесен) во Буџетот на Р Македонија за 2018 година се предвидени 1 700 000 евра.

Елка Јачева-Улчар
Институт за македонски јазик

26 јануари 2018 - 11:01