Зоран Ѓинѓиќ, националните интереси и западните пријатели

Оние кои го постираат сега ова видео, инаку едно од последните во насилно прекинатиот живот на Зоран Ѓинѓиќ, го наведуваат како крунски доказ дека неговите странски сојузници за него имаа само една задача, да го скине Милошевиќ а откако неа ја изврши, им стана непотребен па заврши како што заврши.

Баталете ја таа бизарна логика (има доволно судски материјали за Легија, Змија, Нино, Вук....), башка ние и за Киро ништо не откривме, не па за Ѓинѓиќ.

Побитен е оној политичко-ментален склоп на кој укажува про-западниот Ѓинѓиќ кој навистина се трудеше својата земја да ја извади од лошиот балкански колосек. Склоп кој денеска го гледаме разбашкарен во Македонија, кога секакви локални гмизавци ни се претставуваат како про-западни елементи (они нас!) и во тоа име се спремни, освен својот мозок, да исклучат сечиј друг, пошто „централата“ така кажала (или почесто, процениле дека така намигнала). И уверени се дека секоја глупоќа може да ја покријат со тоа што самите се прогласиле за про-западни.

Нула свој мозок, нула свое достоинство, нула свои интереси и гледања на работите. Нула луѓе кои би можеле комплетно да ја аутсорсираат својата нула личност. 

„Тоа е болно“, оценува Ѓинѓиќ. Па ќе каже:

(Косово) ....да биде фактички независно а потоа како мелнички камен, како такво, албанско, независно Косово, да ни го закачат на нога и да ни кажат „вие сте одговорни за него и додека не ги средите односите, вие не можете понатаму“. Што значи за сите времиња сме исклучени од историјата. И утре да ни кажат, бидејќи сте иста држава, мора да дозволите албански бизнисмени да купуваат по Србија, да учествуваат во приватизацијата; тоа што вие не можете да отидете таму и да испиете кафе во Приштина или Призрен „тоа се инциденти, тоа се поединечни луѓе, екстремисти, ама вие не сте такви, вие сте разумни“, па нека го купат Теразије со своите нарко долари и милијарди кои ги имаат, нека го купат Електростопанство и Србија утре практично нека биде албанска држава.

Тоа е она што нема да се случи и тоа е она кое ние ќе го спречиме. Ние бараме меѓународно да се реши прашањето за учеството на државата Србија на Косово и Метохија. А меѓународната заедница тоа прашање сака да го сведе како прашање на Србите како протерани лица и национално малцинство. И едното го подметнува за другото, како со тоа да се решава државното прашање. Дури и Србите - што не е можно - да ги имаат сите права на Косово и Метохија, со тоа правата на Србија уште не се ни спомнати. Ние сакаме на обата колосеци да имаме напредок. Од една страна да се вратат протераните Срби, оние малубројни кои сè уште не се протерани да имаат безбедност, но се разбира, и државата Србија да има свои јасно дефинирани права. Или да нема свои права, па Советот за безбедност да каже, Србија нема никакви свои права, Советот му дава независност на Косово. Ние нема да водиме војна со Советот за безбедност, ама барем ќе знаеме на што сме. 

Јас им реков, ако за Србија не важи она што важеше за Дејтон, националните заедници добија свој статус, границите се непроменливи, ако тоа не важи за Србија, тоа наназад нема да важи за никого. Бидејќи како да се објасни сега дека единствениот преседан е направен со Србија? Јас сум за зачувување на Дејтон и да се каже, тоа што е така нека биде така, дајте да најдеме некој компромис и преку регионална соработка, билатерална соработка, меѓу албанскиот дел на Косово со Албанија, српскиот дел со Србија, Република Српска со Србија, хрватскиот дел од Босна со Хрватска, без менување граници, без спомнување на суверенитетот, луѓе, бизнис, да се движи тоа. 

Ама ако сега вие сакате да создадете албанска држава во 21 век, на територија која ѝ припаѓа на државата Србија, тогаш повторно ќе отворите процес кој мислевте дека е затворен. Тоа не е моја желба, тоа е опис на состојбата....

Тоа беше еден мој конструктивен пристап кој предизвика нервозни реакции во Сараево, Вашингтон, Брисел. Но, тоа е вистината. Се разбира, јас лично со тоа многу повеќе изгубив отколку што добив. Но тоа беше многу свесно.

Значи оној кредит кој го имам за овие последни 10-тина години, како еден демократски политичар на Балканот, јас го ставив на тас за една работа за која мислам дека е од државен и национален интерес. Ако моите пријатели во светот кажат „е, сега си нè разочарал“, тогаш тие не се мои пријатели. Бидејќи јас ако им кажам дека една работа ми е важна, и за мојата земја е важна и поддржете ме во тоа, а тие ми кажат „не, ние те поддржуваме само за она кое нам ни е важно“, тогаш тоа не се пријатели. И тоа е еден добар тест на кој кој ќе се види кој нас навистина нè поддржува а кој не поддржува само затоа што мисли дека така ќе не замае и ќе нè одврати од тоа да ги решаваме своите проблеми.  

Претходните приказни, кризни групи... тоа е минато. И нема шанси ние да се согласиме со нешто што не е во наш интерес. Постои една мала мистификација во нашите медиуми, јас се чудам кога тоа го читам секој ден, отприлика: Кого го поддржуваат Американците, кого го поддржува Европа, кого Русија? Каква врска има тоа??? Прашањето е кого го поддржуваат луѓето кои живеат во таа земја! Вие може и треба да имате добри односи со сите кои се битни за вас, ама сега вие странците да ги вклучувате како дел од својата внатрешна политика? Тоа е заболено.

А ние таа болест сè уште ја имаме во Белград. Ние имаме амбасадори на некои земји кои се однесуваат како да се шефови на партии во Србија, како да се избрани на избори, кои се јавуваат на министри, се јавуваат во мојот кабинет и се чудат зошто јас не сакам да ги примам. Јас им викам, замислете мој амбасадор во вашата земја да му се јави на вашиот премиер па го праша да руча со него. Овој би мислел дека тоа е некоја шега, скриена камера... Ние исто сме земја како што е вашата земја. И немојте да мислите дека вие можете во нашата земја да правите нешто што наш амбасадор во вашата земја ни случајно не би можел да помисли да прави.

Но, ние мораме самите како луѓе, како граѓани, да заземеме таков став, да се почитуваме себе си, да ги почитуваме и другите но и себе, и да не дозволиме до толку од страна да се мешаат во нашите работи, бидејќи ако ние тоа не го бараме, тие тоа не би го ни правеле. Да имаме министри кои на таков повик ладно би одговориле „Извинете, немам јас време за тоа“, после два-три пати, тие би се откажале. Но бидејќи сè уште го имаме тој комплекс на пониска вредност, мислам дека и ние по малку ја генерираме таа нездрава ситуација, во странство да се расправа за нашата земја многу повеќе отколку за некои други слични земји, како што е Романија, Хрватска, Грција....

Зоран Ѓинѓиќ
 

 

 

16 ноември 2018 - 10:51