Со денови неколку илјади претежно млади Украинци протестираа во Киев против разрешувањето на популарниот министер за одбрана, Михајло Федоров - млад, динамичен и современ офицер, одговорен за модернизацијата на војувањето со употреба на дронови. Се бара смена на командантот на армијата, Олександр Сирски, советски офицер, кој го доби прекарот „Касапот“ поради испраќањето слабо обучени трупи пред непријателски оган.
Протестите се впечатливи, но крајно скромни по обем. Вистинскиот конфликт е во раководството, во кој страната што губи се обидува да ги мобилизира луѓето на улиците. Оваа тактика успеа при Портокаловата револуција пред повеќе од 20 години и на Евромајдан во 2014 година. Но, сегашните протести се далеку од тоа. Прашањето дали Сирски ќе победи во дуелот со Федоров нема да ги разниша ниту владата ниту поредокот. Тоа го одвлекува вниманието од многу пофундаментални прашања: Кој и како ги решава таквите конфликти во Украина? Парламентот сигурно не. И дали Украина сè уште е демократија?
Прашањето не е чисто академско, бидејќи е фундаментален предуслов за пристапување на Украина во ЕУ. Копенхашките критериуми бараат демократија, пазарна економија и усвојување на законите на ЕУ. Ова вклучува владеење на правото, заштита на човековите права и на малцинствата.
Иако Украина веднаш асоцира на „корупција“, тоа веќе не е главниот проблем. ЕУ не бара од земјата-кандидат да биде „без корупција“, туку само да има стабилни и отпорни институции кои ја спречуваат и ја казнуваат корупцијата. Да беше поинаку, Италија и Грција никогаш немаше да станат членки на ЕУ. Украина има такви институционални гаранции – но токму тука е проблемот. Една земја може да биде и демократска и корумпирана, но може да биде и малку корумпирана, а истовремено и малку демократска.
Повеќето луѓе ја поистоветуваат демократијата со редовни и релативно фер избори, на кои гласачите можат да избираат меѓу различни кандидати. Притоа, не е важно дали тоа доведува до промена на власта, каков е успехот на опозицијата или колку е репресивна државата. Но, демократијата е повеќе од само избори; таа подразбира систем на меѓусебна контрола и рамнотежа на власта, а со тоа и можност да се повикаат на одговорност оние што ја држат власта. Никој не може да бара одговорност од владетел – без оглед на тоа колку демократски е избран – ако ужива уставен имунитет и има контрола врз полицијата, армијата и судството.
И тука повторно доаѓаме до Украина.
Кога Украина стекна независност, разви претседателска демократија. Директно избраниот претседател одредува кој ќе владее по изборите. Го именува премиерот и составува мнозинство од различни фракции преку стратешко доделување привилегирани функции, пазарење за позиции и склучување договори со олигарсите кои ги финансирале изборните кампањи на пратениците што му се потребни на претседателот за неговото владејачко мнозинство.

Во Врховната рада идеолошките етикети главно служеа како параван за јавноста. Иако постоеја левичарски и десничарски партии, имаше и постојано прелевање на пратеници меѓу нив, а фракциите се распаѓаа и одново се формираа преку ноќ, штом моќните луѓе зад нив ќе постигнеа договор.
Сите олигарси имаа воспоставено монопол врз одредени економски сектори и големи корпорации. Не беше важна идеолошката доследност, туку заштитата на своите интереси од другите олигарси и од владата. Претседателот обично не беше олигарх, туку еден вид посредник меѓу завојуваните олигарси. Виктор Јанукович беше првиот претседател што сакаше и самиот да стане олигарх, но набрзо доживеа неуспех.
Оваа состојба опстојуваше сè до Евромајдан во 2014 година, руската анексија на Крим и востанието во Донбас. По бегството на Јанукович во Русија, преодната влада на Арсениј Јацењук донесе закон кој овозможи санкции за кое било лице или компанија, конфискација и замрзнување на средства, забрана за влез и одземање лиценци. Одлуките не ги носеше Парламентот, туку Советот за национална безбедност, претседателот, Народната банка, владата или Службата за безбедност. Режимот на санкции исто така овозможи експропријација на телевизиски канали без парламентарен надзор – како оние на руски јазик што ширеа пропаганда на Кремљ, така и оние што само ја критикуваа владата.
До 2022 година Зеленски сè уште имаше стабилно парламентарно мнозинство од неговата партија „Слуга на народот“. Ова мнозинство се распадна набрзо по руската инвазија. Кабинетот на Зеленски всушност мораше да ги „купи“ 263-те гласа потребни за смена на раководството на антикорупциските тела НАБУ и САПО.
Но, мнозинството постои на хартија. Ако се изгуби, претседателот може да го распушти парламентот, но нови избори се невозможни и незаконски за време на воена состојба. Така, пратениците се преправаат дека мнозинството сè уште постои за да ги задржат своите функции. Многумина веќе и не се појавуваат на гласањата, уживајќи ги привилегиите на својот мандат сигурни дека нема да има последици. Дали она што во Киев дејствува по наредба на Зеленски воопшто може да се нарече парламент?
Без влијание е и „четвртата власт“, бидејќи војната темелно ја наруши олигархиската хиерархија, а со тоа и корупцијата. Токму тоа сега претставува проблем за демократијата и слободата на изразување. Проруските медиуми кои сè уште работеа по 2014 година беа забранети, а нивните права беа одземени. Сите канали се споија во единствена информативна програма, на која гледачите добија идентични монотони „телемаратони“. Етикетите „проруски“ и „непријателски“ станаа алатка за потиснување на сè што се смета за непожелно.
Стара украинска шега вели дека главната разлика меѓу Русија и Украина е во тоа што Русите секогаш однапред знаат кој ќе победи на нивните избори, а Киев ги држи Украинците во неизвесност.