Турската опозиција, ако такво нешто навистина постои, се уште не може јасно да ги изрази своите позиции за Блискиот Исток, општо за надворешната политика, новиот устав и дебатите за претседателски систем. Одредени опозициски групи се уште се нечкаат околу прашања како корупцијата и судењето на Риза Сараф, курдското прашање, средбата Обама - Ердоган и можната економска криза. Од друга страна, курдското движење верува дека политиката се базира на тоа колку си гласен, и се ослонуваат на тоа дека постојниот хаос во земјата некако ќе ја ослабе владејачката администрација.
Курдите веруваат дека владата нема да има друг избор освен повторно да седне на преговарачка маса со нив и да ги рестартира преговорите. Ако не, тогаш е време за "народна револуција". Други веруваат дека владата или ќе се вразуми или постепено ќе ја изгуби својата моќ од истоштеност од соочувањето со уште повеќе проблеми, дома и во странство. Сите фракции во опозицијата како да се водат од стратегија дека тие ќе победат само кога владата ќе изгуби.
Меѓутоа, Турција сега е на пат на кој сите уште повеќе ќе изгубат, и ќе остане на овој пат се додека не се најде сериозен план за излез.
Да нема сомнеж дека вака ослабената влада ќе биде уште порепресивна, сурова и вон законот. Ако не, ќе напише сопствени закони и истите ќе ги спроведе. Како што просторот за маневар на Курдите се намалува од ден на ден, така владата се повеќе ќе работи на политиките на судир наместо на преговори.
Ова е патот што владата го има избрано, остро обвинувајќи го секого во опозицијата за "поддршка на тероризмот," наместо да ги преиспита сопствените политики. Ова е типот на влада што го имаме: таа не е вознемирена од статусот на земјата - напротив, таа ги перципира проблемите со кои се соочува Турција како решение за сопствените проблеми. Сето ова пропагирање на "мачеништво" и за "црвената боја на знамето како боја на крвта," се користи во таа цел.
Диктатурата не завршува добро
Од една страна, тешко е деновиве на глас да се каже "ајде да не бидеме маченици, туку да бидеме браќа" или "татковината треба да е место каде си среќен да живееш," или "нека црвената боја на знамето биде боја на цвеќето." Меѓутоа ова не е само прашање околу храброста. Како може нашиот глас да не слабее кога речиси секој ден ги имаме вестите за новите маченици? Кога ќе кажат "убивме осуммина нивни а тие убија еден од нас," како можеме да го натераме народот да каже "не, осуммина и еден е еднакво на деветмина од нас"?
Исто така мора да се сфати дека понатамошното оддалечување на Турција од меѓународната заедница не е решение, туку уште еден фактор кој ја води сегашната администрација кон поекстремни позиции. Кога некоја држава профитирала од тоа што била водена од некој што од светот е прогласен за "диктатор"? Гледаме што се случува со овие земји. Точно е дека оние што се најзагрижени околу ова се во владата, меѓутоа целата држава колабира во вакви ситуации. Никој нема да ти даде на рака "плаг-ен-плеј демократија".
Не велам дека човек не треба да ја критикува владата. Напротив, велам дека тоа е опасен пат за одење. Врзувањето на целата надеж со можноста за слабеење на владата, наместо да се наметнува борба за демократија - според мене е пат кој ќе заврши без победник. Мислам дека спротивставање на оваа ужасна влада не е можно со оваа ужасна опозиција. Решението не е опозиција составена од радикалните националисти на МХП, ниту нерешителниот и неефективен стил на ЦХП, ни обидите на курдското движење да ги пресече врските со демократската борба. Демократи, либерали и сите други линии на опозицијата: јас само велам дека полагањето на сите надежи во слабеењето на владата, никогаш нема да доведе до излез.