Пред повеќе од десет години, наслови на релевантните медиуми заземаа група земји означени со навредливиот, понижувачки, исмејувачки и злонамерен акроним PIGS (Portugal, Italy, Greece и Spain). Овие земји требаше да го убедуваат остатокот од сомничавиот т.н развиен свет дека може да се има доверба во нивната кредитна способност.
Накратко, југот беше третиран како периферија, што не му падна лесно бидејќи илјадници години истиот тој југ како споредно и со рамнодушност гледаше што се случува северно од Алпите.
Според Економист, во 2024 година, Шпанија беше најуспешната богата земја во светот. На крајот на минатата година, Грција се задолжуваше исто толку евтино како Франција, а странски делегации во Атина бараа рецепти за излегување од криза и спроведување болни реформи. Португалија, пак, расте побрзо од Германија од пред пандемијата.
После Брегзит, природно се отвори простор за уште една голема земја да се наметне како фактор во Европската унија, а од очигледните кандидати - Полска, Шпанија и Италија - две се медитерански земји.
Дури и најголемиот проблем со кој се соочува јужна Европа - нејзината изложеност на нерегулирана илегална миграција преку Средоземното Море - е своевиден нејзин адут. Остатокот од континентот ќе треба да ја охрабрува и мотивира да не биде рамнодушна кон желбата на тие луѓе да заминат подалеку на север. Така и Турција игра.
Јужната граница на континентот сега има стратешка вредност и важност која беше тешко да се замисли кога беше основана ЕУ, а со оглед на стапката на наталитет во Африка и повремениот хаос таму, таа стратешка вредност сè повеќе ќе расте.
Во меѓувреме, северот на Европската унија е во дефанзива. Нема надоаѓачка сила на глобалниот хоризонт каде што се зборува француски, холандски или германски. Шпанскиот, на пример, го престигна францускиот како најпроучуван јазик на глобално ниво.
„Иднината на европскиот континент во голема мера ќе биде решена и обликувана јужно од 45-та паралела, како што беше и во неговото далечно минато. Толку за Медитеранот како периферија“, заклучува Џанан Ганеш во Фајненшл Тајмс.