Лежерноста, непромисленоста, тоа е најзастрашувачкото нешто во врска со ветувањата на западните лидери дека ќе ја бомбардираат Сирија.
Ќе помислите дека војна е сериозна работа, дека бара промислување, дискусија, одмерување на елементите и последиците. Ништо од тоа немаше. Ни во заклетвите на Тереза Меј дека ќе ги одмазди жртвите на наводниот хемиски напад во Дума, ни во Трамповото твитерашење против „животното Асад“, ни кај медиумските коментатори кои тврдеа дека бомбардирањето на Сирија е наш „морален императив“.
Напротив, овие Твитер бомбардери, овие Ајпед империјалисти, апстинираат од размислување. Тоа за нив е знак на кукавичлук и нерешителност. По нив, мора да се делува и тоа веднаш. Тие немаат идеја каков хорор може да предизвика ескалацијата на конфликтот.
Однесувањето на западните лидери е алармантно. Како мали деца, без капацитет за ладни анализи, комплетно оперирани од дипломатска дискреција. Ние ги зезаме тинејџерите или естрадните фаци за инстаграмирање на секоја минута од својот живот ама тој нивен емотивен нарцизам не е ништо во однос на она што западните лидери го испукаа на своите Ајфони кон една од најголемите нации на Земјата.
За нив, војната не е продолжување на политиката со други средства, за нив војната е продолжување на ПР-от со други средства. Движечка сила во нивните акции не е реалната политика, за нив императив е ПР-от.
Не, ние нема да бидеме оние кои ќе страдаат. Ќе страдаат Сиријците. Сè повеќе земји ќе се вовлекуваат во конфликтот, Русија ќе има сè повеќе причини да биде присутна, војната ќе станува сè покрвава, луѓе ќе умираат како резултат на инфантилизмот на западните дипломатии.
А за што ќе умираат? Никој не верува дека фрлањето неколку бомби во една уништена земја како Сирија ќе спаси нечии животи и ќе ја сопре војната. Но, бомбите не се ни наменети за тоа. Нивната единствена цел е да испратат порака за нас. Тие се милитантна 'изјава за јавноста' во врска со моралната сериозност на Западот. Дума е „наш заеднички срам“, ќе напише колумнист на Гардијан за кого бомбардирањето е морален императив. Дума е „напад на светската совест“, вели друг наслов.. „Мртвите деца од Дума нè повикуваат нас“, ќе напише трет про-бомбардировец.
Каков нарцизам! Тие мислат војната е за нив, тие мислат мртвите деца се за нив, тие мислат дека сè е за нив! Тие сакаат бомби врз Сирија не затоа што веруваат дека тоа ќе ја реши кризата - често признаваат дека нема - тие го сакаат тоа верувајќи дека ќе си ја исперат совеста. Дека ќе им биде полесно да се погледнат во огледало. Сиријците веќе ја плаќаат крвавата цена на таквиот нарцизам. Ескалацијата веќе се случи, влоговите веќе се подигнаа, војната веќе е полоша. Ако морате да чувствувате срам, тогаш тоа е срам што го направивте сето тоа.
Брендан О' Нил,
уредник на The Spiked