Шпигел: Четириесет супер богати Американци само што објавија дека ќе донираат половина од својот имот, најдоцна по нивната смрт. Како човек кој често сака да каже дека од богатите треба повеќе да се бара за да придонесуваат кон општеството, кои се твоите први мисли околу ова?
Крамер: Мене Американската иницијатива ми е многу проблематична. Во САД по основа на донации можеш да отпишеш голем дел од своите даноци. Па богатите имаат избор: дали попрво ќе донирам или ќе плаќам даноци? Донаторите тука ја преземаат улогата на државата. Ова е неприфатливо.
- Нели парите кои се донирани му служат на општото добро?
- Сето тоа е само лош трансфер на моќта од државата на милијардерите. Па сега не е државата таа што одлучува што е добро за луѓето, туку богатите одлучуваат. Тоа е развој на настаните кој многу ми пречи. Од каде им е легитимитет на овие луѓе да одлучат каде ќе одат огромни суми на пари?
- Ама на крај од денот тоа се нивни пари.
- Во случајов 40 супербогати луѓе сакаат да одлучат за што ќе бидат употребени нивните пари. Ова е спротивно на демократски легитимната држава. Ако така гледаш, милијардерите се одаваат на хобија кои можат да бидат од општо добро, ама сепак се многу лични.
- Дали донациите се поврзани со фактот дека идејата за државата и општеството во САД се многу поразлични?
- Да, човек не може да заборави дека САД има запуштен социјален систем и дека и само тоа е доволна причина за донациите таму да бидат дел од секојдневниот живот. Меѓутоа ќе беше поголем потег за Гејтс или Бафет кога би одлучиле парите да им ги дадат на помалите заедници во САД за тие да можат да ги исполнат своите јавни должности.
- Дали треба и богатите Германци да дадат дел од своите пари?
- Не, не во оваа форма. Би имало многу повеќе смисла, на пример, кога би работеле или би им донирале на етаблирани организации.