Држ го крадецот! Овој прастар урлик најдобро ја објаснува политиката која доведе до почетокот на распадот на Европската Унија, а пред четвртина век го започна истиот овој процес во поранешна Југославија. На кратко кажано, домашните елити за сите свои проблеми сопствената вина ја префрлаа на други. Сега Брисел, а некогаш Белград. (Не се ни тие невини, ама не ни единствените, па ни главни виновници.) Унијата гази по истата, стара патека на која некогаш се лизна Југославија.
Како и претходно, процесот започна во развиениот дел на заедницата. Сега во Британија, а некогаш во Србија која беше потресена од меморандумот на САНУ и Словенија, каде интелектуалните елити исто така ја претвораа пораката на политичката бирократија дека за сè е крива Југославија, во теоретски и научни програми. Уште во 1987 додека Слободан Милошевиќ ја држеше својата "историска осма седница" во Љубљана група интелектуалци собрани околу списанието "Нова ревија" објави програма за воведување граѓанска демократија и осамостојување на Словенија. И двата настани совршено се поклопија и меѓусебно влијаеа по стариот принцип дека спротивставените национализми секогаш се оправдуваат и засилуваат еден со друг. Во следните две години, додека дивееше "анти-бирократската револуција" на Милошевиќ, во Словенија смртно болната Југославија беше заменета со извикот "Еуропа здај!"
Денес, четвртина век подоцна, наместо некогашниот евроскептицизам, токму од Словенија се слушаат најозбилните евроскептични гласови. Додека во Србија влегувањето во Унијата е главната политичка агенда, а во Хрватска секој глас на сомнеж е еднаков на политичко самоубиство, најпознатиот словенечки економист др. Јоже Менцингер веќе одамна ја споредува Унијата со Југославија предвидувајќи и иста судбина, а др. Растко Мочник од љубљанскиот Филозофски факултет тврди дека Југославија за Словенија била подобра развојна рамка од Унијата, во која таа станала германска колонија. За разлика од евроскептицизмот во Британија и други ЕУ земји, во подтекстот на овие констатации се слуша мислата дека делумно и сами сме криви за ова.
Споредувајќи ја ЕУ со Југославија, др. Менцингер своевремено утврди дека таа (Унијата) во процесот на распаѓање се наоѓа онаму каде што ние бевме во 1985 година. (Што по Брегзит може да се заклучи дека била оптимистичка констатација.) Овие две раздобја, односно денешната Унија и Југославија од пред 30 години, ги поврзува длабока криза. И тоа политичка како и економска, сплетени во неразмрслив јазол, во кој не се знае каде е почетокот, а каде е крајот. Меѓутоа добро се знае кој ја плаќа сметката, посебно во време по падот на Берлинскиот ѕид, откога владеат шпекулантскиот капитал и транснационалните корпорации.
Нема смисла да се повторуваат старите приказни за тоа како во денешниот свет еден процент од богатите поседува повеќе отколку 3 милијарди сиромашни. За нашата тема интересни се податоците од Британија, по сила и приходи 6-та економија на светот, во која петтина од сите работници живее под границата на сиромаштијата. Флексибилизацијата на работното законодавство (кон што се стремат и нашите работодавци) отиде толку далеку да постојат и договори во кои на работниците има се гарантираат само 6 платени работни часа неделно (сега веќе и нула часови), но со обврска работникот од 6 часот наутро спремен да чека доколку работодавецот му се јави. Други работат по 12 часа дневно (најчесто во малопродажба), во недела, петок и празници, за иста мизерна плата која не ги покрива високите трошоци на живот. Жените за иста работа се платени помалку од мажите, веројатно во има на вредностите на западната цивилизација, која сега така грчевито се брани од имигрантите од Истокот. Милион Британци се храни во народни кујни, нема доволно станови со прифатлива кирија ниту пак некој гради такви, стандардот во јавните училишта и болниците е се понизок, итн.
Истовремено Британија е Ел Дорадо за капитал, заради тоа што финансискиот сектор е послабо регулиран дури и од американскиот, преку легално избегнување даноци за крупни корпорации, до исто така легално неплаќање придонеси за дел од "флексибилизираните" работници. Веројатно се сметало дека добра стратегија е за сето тоа да се обвинува Европската Унија. Сè до брзоплетиот и непромислен референдум. Очигледно премногу Британци поверува дека Унијата е извор на нивните проблеми. Дека со истите тие корпорации и шпекулантски капитал, во истиот систем во кој се обожува само златното теле на профитот, ќе им биде подобро ако се сами. Отрезнувањето брзо ќе дојде, иако сосема сигурно нема да биде така драстично како на територијата на поранешна Југославија.
Решението кое го заговараат многумина во ЕУ (на пример претседателот на комисијата Јункер, и влијателниот германски министер за финансии Шојбле) потсетува на она што се случуваше во Југославија кон средината на осумдесеттите. Се сака, имено, да се засилат некои функции на Унијата на сметка на државите членки. Проектот не е нов, а на неговиот почеток стои воведување заеднички даноци. Во Југославија немаше вакви "унитаристички" проекти, меѓутоа затоа се засили бирократското мешање во економијата, посебно во односот на цената и распределбата на девизите. Предводник на ова беше тогаш новиот сојузен премиер, Хрватот од Босна и Херцеговина, Бранко Микулиќ. Тоа доведе до ново пресметување кој како минува и кој кого експлоатира, па над земјата се симна густа политичка магла од која се слушаше само националистичко шепотење. Сите се чувствуваа искористени, од најбогатите Словенци, кои имаа најголема корист од југословенскиот пазар од речиси 23 милиони потрошувачи, до најсиромашните Косовари, на кои остатокот од земјата секој ден им даваше помош од по 2,6 милиони долари. Една анализа од тоа време направена во Загреб (во која учествуваа др. Бранко Хорват, др. Жељко Рохатински и други), иако незавршена, покажа дека никој не бил експлоатиран. Но тоа немаше никаков одек. Националните елити беа многу поуверливи.
Дали тоа значи дека никаква заедница нема смисла? Не, но значи дека имаат изгубено смисла заедниците во кои се претворија некогашна Југославија и денешната ЕУ. Политичкиот темел на Југославија беше социјалистичкото самоуправување, кое се извитопери во голо владеење на политичката бирократија. ЕУ започна со идејата да ги здружи луѓето, а не ги здружи ни државите, туку се претвори во голо владеење на крупните корпорации и финансискиот капитал. Каков шепот се слуша од маглата што сега ја прекри Унијата?