Политички онлајн војни

Редица владини агенции и политички партии ширум светот ги користат социјалните медиуми како платформи за ширење на штетни вести (junk news) и дезинформации, спроведување на цензура и контрола, како и за плански активности за поткопување на довербата во медиумите, јавните институции и науката.

Во најновото истражување на Оксфордскиот универзитет се наведува дека „манипулирањето на јавното мислење преку социјалните мрежи станува сè поголема закана за јавниот живот“. Главни на удар се довербата во информациите и нивната вистинитост, што го поткопува демократскиот процес и одлучувањето на граѓаните во своите општества.

Редица владини агенции и политички партии ширум светот ги користат социјалните медиуми како платформи за ширење на штетни вести (junk news) и дезинформации, спроведување на цензура и контрола, како и за плански активности за поткопување на довербата во медиумите, јавните институции и науката.

Во листата на земји каде се потврдени вакви активности предничат САД, Русија, Кина, а потоа следат Бразил, Австрија, Германија, Мексико, Малезија, Венецуела, Филипини и други. Докажано е присуство на вакви манипулации во 48 земји (Македонија не е вклучена во истражувањето). Во секоја од овие (48) земји потврдена е барем една политичка партија или владина агенција која ги користи социјалните мрежи за манипулирање на домашното јавно мислење. Најчесто се работи за организирано ширење дезинформации во тек на избори и случаи каде земји кои се чувствуваат загрозени од штетни вести и странско политичко мешање презеле контра-активности и организирана онлајн пропаганда како одговор на овие, за нив, закани.

Мапа 1: Присуство и степен на организирани манипулациски активности на СМ (што потемно, толку повеќе)
Мапа 1: Присуство и степен на организирани манипулациски активности на СМ (што потемно, толку повеќе)

Авторите потврдуваат дека т.н. „Computational Propaganda“, односно пропаганда која користи автоматска обработка на огромен број податоци, е во значителен пораст. Таа се надоолнува со платено рекламирање и таргетирање на корисници на СМ, како и со манипулирање на „SEO“ („search engine optimization“, т.е. оптимизирање на резултатите на големите онлајн пребарувачи). Покрај најпопуларните социјални мрежи, Фејзбук и Твитер, во автоматизираните манипулациски активности вклучени се и „чет-апликациите“ за муабетење, како на пример WhatsApp, Telegram и WeChat.

Кои се клучните техники во манипулирањето на СМ?

- Организирање на „cyber-troops“ (онлајн/кибер трупи, владини или партиски онлајн „војници“) и нивни координирани активности на популарни платформи. Нивна цел е засилување на одредена пропаганда и преземање контрола на дискусиите на СМ.

- Активностите на онлајн трупите можат да бидат ширење на подготвена пропаганда преку масовно објавување, споделување, лајкање, коментирање, линкување и сл. Тие можат да креираат лажна популарност, виралност, хистерија или морална паника. Често се користат и сервисите за рекламирање за засилување на ширењето на овие пораки.

- Координирани напади врз поединци и групи, како и креирање содржини за дефокусирање од други теми или проблеми. Планските и систематските напади врз поединци или помали групи се вршат преку т.н. тролање (исмевање, зезање) и директни напади преку говор на омраза или други видови на вербални напади и притисоци. Нивната цел е елиминирање на малцински, алтернативни или граѓански наративи и ставови спротивни на партиските или владините политики. Вакви активности се пронајдени во 27 од 48 држави наведени во извештајот.

- Креирање ботови, т.е. лажни профили, налози и сметки за ширење и дисеминација на онлајн пропаганда. Лажните профили можат да бидат контролирани од човечки фактор или целосно автоматизирани. Вакви случаи се потврдени во 47 од 48 земји од извештајот.

- Техники на „лажни вести“: Креирање на целосно лажни содржини (текст, фотографии, видеа) и нивно онлајн дистрибуирање, или пак манипулации со постоечки настани надополнети со дезинформации.

- Таргетирана пропаганда, односно користење на податоци од СМ кои овозможуваат испраќање на различни форми на пропаганда на различни корисници, со цел поефикасно влијание врз нив, особено во изборниот процес (види случај, Кембриџ аналитика).

На крај, може да видиме дека манипулирањето на социјалните медиуми прераснува во голем бизнис, а од 2010 година наваму потрошени се повеќе од пола милијарда долари на истражувања, развој и имплементација на операции за манипулирање на јавното мнение преку социјалните медиуми. Во дел од земјите како против-мерки оформени се сервиси и апликации за идентификување и пријавување на дезинформации, лажни вести, како и сервиси за проверка на факти. Сепак, вистинските предизвици допрва доаѓаат, а со нив и потребата од наоѓање и нови решенија.

Сеад Џигал

21 јули 2018 - 12:45