Со други зборови, според тинк-тенкот кој го подготвува документот, доколку некоја организација не ја спроведува официјалната ЕУ политика таа не би смеела да има какво било ЕУ финансирање. Се работи за идеја која е суштински спротивна на демократските начела. Фактот дека има обид овие вредности и парламентарно да бидат легитимизирани, е сведоштво на времето на гушење на изборените прогресивни демократски и социјални вредности кои до неодамна беа земани "здраво за готово".
Според овој документ, ниту една организација која од почетокот на мигрантската криза повикува на отворање на границите и помош за бегалците, тука вклучувајќи го и Црвениот крст, не би имала право на јавно европско финансирање. Но исто така, тоа би исклучило и анти-воени, односно мировни организации кои се спротивставуваат на НАТО активностите. Уште поинтересно, во крајна инстанца тоа би ги исклучувало и сите организации кои се спротивставуваат на политики како ЦЕТА, ГМО, прекумерна употреба на хербициди како што е глисофат, потоа активностите на синдикатите како и Меѓународната организација на трудот која со предупредувањето за состојбата на работничките права ја загрозува "деловната клима".
Инцијативата за која станува збор изгледа дека доаѓа од круговите на германските демохристијани кои предупредуваат дека од фондовите на ЕУ невладините организации само во 2015 примиле 1,2 милијарди евра, меѓутоа, не се наведува бројот на работни места кој е финансиран со тие пари, па дури и да се работи за несигурни и краткотрајни позиции.
Иако документот е конзервативно и регресивно поставен, тој индиректно и неплански своето внимание го посветува на легитимното прашање за механизмот за одлучување на критериумите за финансирање, критикувајќи ја концентрацијата на распределени средства на изразито мал број на организации. Според нивните податоци дури 60% од финансиите наменети за околината, социјала и човекови права се распределени на вкупно 20 организации. Тоа никако не значи дека овој анти-демократски документ треба да биде прифатен и усвоен, туку дека во него адресираните прашања треба да минат низ јавна европска расправа и на основа на тоа да се донесе политика за финансирање на НГО-а. Во хипотетската, демократска ЕУ тоа би бил единствен начин на решавање на овој проблем, но во Брисел работата сепак ќе ја пресече најголемиот лобистички "чек".
Решение за проблемите со финансирање на НВО не е продолжување на фингирање на аполитичноста на невладините организации, туку спротивно, нејзино експлицирање. Како што покажува документот но и произраелската лоби група, чии ставови се поклопуваат со овие кои се изнесени од демохристијаните, со инсистирање на аполитичноста на невладините организации всушност се влегува во круцијална контрадикција во која се лобира против лобирање за финансирање.
За работата да биде полоша, адекватното решение на овој проблем веќе постои и тоа во Германија од каде и доаѓа оваа сулуда иницијатива, а тоа е политичко финансирање, во кое најголемите парламентарни опции имаат можност за финансирање на организации со слични политички вредности.
Иако критиката на НВО-та како "тројански коњ на неолиберализмот" е на место бидејќи овие организации ги подразбира како оперативно оружје на политичката доктрина која се залага за укинување на речиси сите социјални функции на државата, во контекст на кризата и наметнатите мерки на штедење се работи за неплодна критика. Освен што невладините организации, и покрај несигурниот облик на работа кој доминира во нив, се важен извор на работни места, тие истовремено се покажаа и како работни организации кои се најфлексибилни за апсорбирање на најпрогресивните леви вредности. Исто така, и покрај секогаш актуелната расправа околу тоа дали НВО повеќе ја либерализираат левицата или левицата повеќе ги радикализира либералите, таа во овој контекст е помалку важен аргумент. Во општество во кое овие организации преземаат социјални функции од кои државата се откажува, нивната потреба е јасна. Најдобар пример за ова е улогата на невладините организации во бегалската криза во која мноштвото држави се покажаа како парализирани за самостојно решавање.
Да резимираме, решението на за сега отворената Пандорина кутија не е негирање на овој проблем туку откажување од лажното начело на аполитичност на невладините организации.