Неретко се случува познаници кои се посветени на идеологијата на (нео) либерализмот и капитализмот (од кои многумина често се и „про-ЕУ“ и „про-НАТО“ ориентирани) да ме прашаат: „Како ти, како левичар, можеш да седиш и да пиеш со 'тој-и-тој'“ кој е десничар/ка? Или, „Како можеш со него/неа, кој е од 'тој-и-тој' табор, да учествуваш на јавна трибина?“ И обратно, од познаниците од десницата, понекогаш знае да стигне прашање „Како можеш да разговараш со 'тој-и-тој'“. Се чини дека феудите се јасно поделени, дека можеш да бидеш или „наш“ или „нивен“, затоа што ако не си, тогаш си во опасност да станеш непријател и на едните и на другите.
Процесот на поларизација на јавната и идејно/идеолошката сцена веќе долго време е во тек. По примерот на САД, и на Балканот, како и ширум „западниот свет“, се одвива процес на сведување на политичко-идеолошката сцена на бинарни категории: „либерали“ наспроти „конзервативци“, „про-демократи“ (или „про-ЕУ“ определени „граѓани“) наспроти „националисти“.
Политичките партии, но и медиумите и поединците кои учествуваат на јавната сцена, се групираат во два табора, делејќи се на оние кои себе се перцепираат како „про-демократски“, „про-ЕУ“ (а често и про-НАТО) и оние кои се „про-национални“ (зависно од тоа кои национализми се во прашање, можат да бидат про-руски, про-НАТО/американски и сл.). Во секој случај се афирмира бинарна поделба, па дури и нужна спротивставеност помеѓу нас и нив, која е од вредносен карактер.
“Ние„ секогаш сме во право и сме морално супериорни. „Тие“ се морално дефицитарни, непријатели кои можат или само да се напаѓаат или да се држат на безбедна дистанца. На „нашите“ треба да им се пружи поддршка (без обзир на тоа дали тие „наши“ се паметни или не се, дали се корумпирани или не се), „нивните“ треба да се нападнат со сите расположливи средства (без обзир на тоа дали некогаш кажуваат и по нешто паметно, или прават по нешто добро).
За информираните читатели, секако, не е неопходно да се објасни бизарноста на ваквата поделба. Оние помалку образовани „граЏани“ ќе бидат ужаснати сфаќајќи дека во модерниот поим за граѓанство, и за него врзаната модерна либерална и парламентарна демократија, која е во непосредна врска со процесот на градење модерна нација - нацијата, патриотизмот и граѓанството никако не се спротивставени поими. Во многу „традиционални“ и “развиени демократии“, тие се блиско-поврзани (што, ако мене ме прашувате, не е нешто особено добро).
Второ е прашањето на етно-шовинизмот, каде припадноста кон некоја етничка/религиозна група подразбира исклучување од национално-политичкото, па така и од граѓанското, или раслојување на граѓани од „прв“ и „втор“ ред. Ни тука, „развиени демократии“ не се некој добар пример, затоа што нивната историја по правило е историја или на голема етничко-религиска хомогеност, каде не ни постоело искуство за особена различност, или историја на брутални судири и поделби (кои неретко траат и денес) помеѓу различни етничко-религиски групи (на пр. помеѓу католици и протестанти, или помеѓу различни протестантски секти) при кои се изнаоѓале модели како „уставен патриотизам“ за да се обезбеди политичка стабилност наспроти тие различности и конфликти (што повторно, дури и таму каде што е воспоставен типично либерален патриотизам, резултирало со нови раслојувања, првенствено по класен/материјален принцип)
Проблемот, значи, не е само во тоа што постојат примитивни, необразовани, острастени страсни, а некогаш и кон насилство склони националисти (што не е спорно), кои само кога ќе се спомне некој друг или поинаков, земаат нож во уста и пушка на рамо (ако нема пушка добро ќе дојде и мотика) спремни да тргнат во истребување на „другите“.
Проблем се и оние „про-демократски“ сили што не се способни да ја видат ерозијата на демократијата и човечките права до кои доаѓа ширум „развиените демократии“, со што често стануваат инструменти на империјалните и корпоративни интереси. Единственото што најголем број либерални „про-ЕУ“ и „про-НАТО“ актери умеат да понудат е фантазијата за некој замислен демократски рај со кој претседава „лидерот на слободниот свет“, за царството на слободи и човечки права, царството на добронамерност и просперитет, па и неограничена посветеност за ширење на демократијата и човечките права во примитивните и заостанати делови на светот (ако треба, и по цена на истребување на домородното население), сето тоа од длабочината на својата добра (нео-либерална) душа.
„Драг ми е Платон, но подрага ми е вистината“. Оттаму, и покрај ризикот на некои тоа да им причинува душевна болка, треба да се каже - тој рај не постои. За разлика од меинстрим либералите во Западна Европа и Северна Америка, балканските либерали и „про-ЕУ“ (често и „про-НАТО) ориентирани медиуми и интелектуалци се често склони дома да гледаат само распад. И тука се (главно) во право - во (балканските) куќи, по правило владее (економски, правен, медиумиски...) распад.
Проблемот е што и во замислениот „либерален рај“ на Западот - исто така е распад. Не е секогаш истиот вид распад, во некои сегменти не е ни исто нивото на распад (а во некои аспекти распадот е, верувале или не, уште поголем).
Поентата е да научиме, без идолошки догматизам, површност и едноставност, од различните врсти на распад ширум светот како да не го уништиме она што може да биде позитивно за општеството во целина, како што треба да учиме и од конструктивните иницијативи (што ги има речиси секаде) што е тоа што на паметен начин може да се искористи локално, за добро на општеството и најголемиот број негови граѓани.
Тука лежи мојот одговор и за „нашите“ и за „нивните“: можам да разговарам и со едните и со другите (и третите) затоа што со задоволство седам и пијам со интересни луѓе, и уживам да разменувам мислења и аргументи со оние кои нешто знаат, кои се во состојба да мислат на комплексен и критички начин, без обзир на тоа каква идеолошка ориентација имаат.
Повеќе би разговарал со информиран десничар или либерал што е во состојба да артикулира добро промислени аргументи за своите ставови (иако, што е до мене, и „десниот национализам“ и „либерализмот“ се конзервативни идеологии кои се дел од проблемот, а не од решението), одошто со некој што се декларира како, на пример, социјалист или анархист, а кој освен површни пароли и бизарност нема што друго да понуди.
Наместо склоност кон подигање, често вештачки идеолошки ѕидови помеѓу „нас“ и „нив“, наместо дисквалификување на луѓето а-приори, врз основа на тоа „на кој табор“ (ние мислиме дека) тие припаѓаат, мислам дека е многу попаметна стратегија да се разговара со оние кои се во состојба покомплексно да гледаат на работите.
При тоа, неопходно е и повисоко ниво на критички однос кон сопствените идеи и ставови (како и кон идеите и активностите на „нашите“), што може лесно да биде резултат на разговори со оние со кои не се согласуваме, а со помош на кои можеме да ги прошириме сопствените знаења и да ги преиспитаме сопствените позиции.
Тоа отвара можност за препознавање на евтини пропагандни замки, вештачките поларизации кои нè држат во ментални затвори или нè изложуваат на непотребни и непродуктивни судири, додека во меѓувреме, слободата и демократијата исчезнуваат под притисок на империјалната политика, (корпоративниот) капитализам и корумпираните локални властодршци.
***********
Види и: