Не се имигрантите тие што се пљачкосувачи и арамбаши

Да не се дозволи да се каже дека британските лидери пропуштиле шанса да го распламтат стравот и омразата кон имигрантите и бегалците. Прво Дејвид Камерон предупреди на опасноста што ја претставуваат "толпите луѓе" кои "доаѓаат од преку Медитеранот... сакајќи да дојдат во Британија." Потоа неговиот секретар за надворешни работи Филип Хамонд ги зголеми влоговите.

Хаосот на Каналот кај Кале, тој прогласи, е предизвикан од "пљачкосувачите" имигранти кои преставуваат егзистенцијална закана. Поздравен од конзервативниот печат, тој предупреди дека Европа нема да може "да се заштити себеси и да го зачува својот стандард на живеење," ако мора "да прими милиони имигранти од Африка."

Со вечерното телевизиско покривање на бегалците од најлошите конфликти во светот кои ги ризикуваат своите животи за да провалат во камионите и возовите кои одат кон Британија, оваа реторика беше создадена за да се поттикнат внатрешните стравови од мизеријата на Земјата која почнува да излегува од нејзините длабочини.

Дури ни трошка човечност кон оние кои летово умреа во Кале министерот не изусти. Меѓутоа во реалноста француското пристаниште е спореден настан, дом на неколку илјади имигранти кои не се во состојба да им платат на шверцерите за побезбедни обиколници околу британската гранична контрола.

Вистина бегалска криза во Европа е на Медитеранот. Повеќе од 180.000 луѓе само преку море годинава стигнаа до Италија и Грција, а над 2.000 лица загинаа обидувајќи се да преминат, претежно од Либија. Влијанието врз Грција, која и онака веќе е во криза и пред точка на топење.

На грчкиот остров Кос, 2.000 претежно сириски и авганистански бегалци во вторникот беа построени и заклучени на спортски стадион по судирите со полицијата, која користеше шок бомби за одржување на редот. Бројките кои стигнуваат до грчките острови, се зголемија за 4 пати во однос на претходната година.

Меѓутоа ништо во Европа не може да се мери со милионите кои беа присилени да побараат засолниште во Турција, Либан, Пакистан или Јордан. Наспроти таква глобална драма, Кале е малку повеќе од смртоносен театар. Британија не е една од главните дестинации за бегалците или нелегалните имигранти - најголемиот дел од кои попрво ги пречекоруваат своите визи, отколку да се кријат во тунелот под Каналот.

Минатата година 28.870 луѓе побараа азил во Британија, а само 10.050 беа прифатени. За споредба, Шведска прифати 3 пати повеќе, а Германија има над 200.000 апликанти за азил или обновување на азил. Ниту британските бенефиции за барателите на азил, од 39,95 фунти неделно, не се ни приближно привлечни како што се прикажуваат. Франција плаќа 41,42 фунти, во Норвешка е 88,65 фунти.

Она што претерано го привлекува легалните имигранти работници кон Британија е сериозно дерегулираниот пазар на труд, каде заштитата на работното место често пати не се спроведува, и која и криминалците и големите приватни компании можат сурово да ја искористуваат.

Случајот, пријавен во Гардијан, за комплетно легалните литвански работници на фарма - кои го тужат парот од Кент, кој наоѓа работници за да работат за најпознатите супермаркети, по основа на нечовечки работни услови, собирање долгови и насилно заплашување - е само екстремниот производ од се поприсутните сурови услови за работа.

Ако министрите беа и приближно загрижени околу "нечесните работодавци кои ги соборуваат платите" со користење нелегални имигранти, како што тврдат, тие би работеле на засилување на синдикатите и работничките права. Меѓутоа тие го прават спротивното. И тие го користат јазикот на дехуманизација за да го оправдаат намалувањето на поддршката за децата на барателите на азил, неограничено изолирајќи ги одбиените апликанти и многу поентузијастички таргетирајќи ги нелегалните работници отколку работодавците кои ги искористуваат.

Меѓутоа ризикот од поделбата на заедницата може да ги сврти и против ваквите анти-мигрантски мерки. Во последниве месеци, избија протести во Лондон и другите градови против обидите на Граничната агенција на Британија да ги уапси неуспешните баратели на азил или недокументираните имигранти. Во области како Елефант и Касл (во Лондон), беше повикана полицијата откако комбињата на Граничната агенција беа опколени и мавани со јајца од страна на гневни локалци и активисти кои се обидуваа да го спречат притворањето на луѓе кои ги сметаат за дел од заедницата.

Хаосот на Кале и далеку поголемиот бунт и страдање низ Европа може да биде донесен под контрола од тип на менаџирано процесирање кое северно-европските влади, како британската, се толку запнати да го избегнат.

Меѓутоа тоа ќе биде само привремено решение за бегалска криза поттикната од војна и состојба на распаѓање - а Британија, Франција и нивните сојузници одиграа централна улога во мноштвото војни кои ја разжаруваат оваа криза. Бегалците кои пристигнуваат во Европа доаѓаат од Сирија, Ирак, Авганистан, Либија, Судан, Пакистан, Сомалија и Еритреја.

Со исклучок на диктаторскиот режим на Еритреја, ова е прозивка на повеќе од една деценија на катастрофални војни и интервенции предводени од Западот. Во случајот со Либија, кампањата за бомбардирање од 2011-та предводена од Британија и Франција директно доведе до граѓанска војна и распаѓање на општеството кое ја направи земјата главен спроводник за шверц на бегалци од Африка. А во Сирија, западното финансирање, вооружување и обука на опозиционите групи - додека истовремено се поттикнува растот на ИД - одигра клучна улога во уништувањето на земјата.

Ако продолжи сегашната саудиска кампања, поддржана од Британија и САД, за бомбардирање на Јемен, треба да очекуваме и јеменските бегалци во следните месеци да се приклучат кон егзодусот од регионот. Па првиот долгорочен придонес што Британија и нејзините сојузници можат да го направат за сопирање на бранот бегалци е да престанат да водат отворени и тајни војни на Средниот Исток и северот на Африка. Ова е стварниот зулум.

Второ нешто би било стратешка промена во политиката кон развојот на Африка. Африка можеби не предводи во сегашната бегалска криза, и африканските имигранти сигурно не се закана за животните стандарди на Европа. Ама како група од глобалната сиромаштија, како што НВО-та тврдеа неделава, Африка е исцедена од ресурси преку екстракцијата на профит од западните корпорации, превисоките камати за враќање на долговите и едностраните договори за трговски "партнерства." Ако продолжи овој грабеж и апсолутните бројки на сиромаштијата се зголемат како што климатските промени се повеќе загризуваат, имиграцискиот притисок кон богатиот север само може да порасне.

Постои автохтона миграциска криза поттикната од војни и неолиберална глобализација. И покрај сеењето страв, таа се уште не стигнала до Британија. Меѓутоа може само да фантазираме дека огради, депортации и подобра безбедност може да ја заштити тврдината Европа. Крајот на вистинското пљачкосување и башибозук би биле многу поефикасни.

Шејмас Милне
Гардијан

14 август 2015 - 17:06