Дебатата за тоа како на островот се предава Британската Империја стана една од најполаризирачките теми во тамошното образование. Некои инсистираат дека империјата била сила за напредок, воведувајќи парламентарни институции, владеење на правото, глобална трговија и модерност. Други го нагласуваат нејзиното насилство, експлоатација и долгата сенка што ја фрла врз денешните нееднаквости.
Овие аргументи влегуваат во пошироки спорови за националниот идентитет, расата, припадноста и за тоа како Британија го разбира своето минато.
„Бараме учениците да разберат една од најсложените сили во светската историја, а нејзината историја им ја претставуваме како упростена приказна“, пишува Бил Рамел од проектот „Паралелни истории“, инаку поранешен министер и пратеник на Лабуристите.
Тој верува дека една спорна и контрадикторна историја треба да се предава - како спорна и контрадикторна. Империјата не е морална приказна со едно наравоучение. Таа треба да се предава и од перспектива на нејзините архитекти и на нејзините поданици, и на нејзините корисници и на нејзините жртви.
Задача на историјата во образованието не е да ги одмерува придобивките наспроти штетите, туку да се тестираат конкурентските тврдења и ставови.
Од империјалистичка британска перспектива, империјата се гледа како цивилизациска мисија, комерцијален успех и стратешка неопходност. Од перспектива на колонизираните, империјата асоцира и на расна хиерархија, економска експлоатација и културно потиснување.
„Кога учениците се среќаваат со овие перспективи една до друга, се случува нешто моќно - тие почнуваат да размислуваат критички. Учат дека историјата не е збир на одговори, туку збир на аргументи. Учат да ги одмеруваат доказите, да ги доведуваат во прашање претпоставките и да препознаваат пристрасност - вклучително и своите. Тие учат дека луѓето во минатото, како и луѓето денес, дејствувале од мешани мотиви и живееле со ненамерни последици“, пишува Рaмел.

Како и во многу други национални дебати за историски прашања, тие честопати се претвораат во влечење јаже помеѓу носталгијата и осудата.
Но, вистинскиот проблем не е во тоа која од тие страни победува - туку во тоа што на учениците ретко им се покажува дека воопшто постојат и други страни.