Махатма Ганди моментално се наоѓа пред препознатливиот стрелачки вод. Статуите станаа клучни мети на БЛМ движењето. На почетокот од месецов, демонстрантите што протестираа против убиството на Џорџ Флојд испишаа „расист“ пред основата на статуата на Ганди во лондонскиот Парламентарен плоштад. Ова ги отсликува тврдењата од #GandhiMustFall кампањата во Манчестер, која го обвинува Ганди за „опасен расизам“ против јужноафриканските црнци и тврди дека славењето на Ганди го поттикнува сегашното насилство во Кашмир.
Зборовите на Ганди во Јужна Африка навистина се зли. Тој е поборник за расната сегрегација, тврдејќи дека Индијците како раса се супериорни во споредба со „дивјаците или домородците на Африка“. Тој ја користи и расната навреда „кафир“ за црните Африканци. Сепак клучната поента што тука треба да се запамети е дека тој не живее во 2020. Ганди пристигнува во Јужна Африка во 1893. Тој има 24 години кога ги дава овие забелешки. И од тогаш, тој минува своја сопствена духовна реформација покрај турбуленциите на империјата.
Луѓето треба да ги судиме според стандардите на времето во кое живееле, а не според тоа како ние денес се чувствуваме. Да, тоа значи дека ќе има многу споменици на луѓе кои сега мислиме дека се ужасни. Јавните скулптури се дијалог меѓу минатото и сегашноста. Ако сегашноста најде нешто околу минатото кое е одвратно или монструозно, тогаш тоа секако треба да биде отсликано во образованието и како статуите се претставени. Меѓутоа соборувањето на овие статуи за да се задоволи емотивната крволочност е контрапродуктивно и интелектуално банкротирано.
Слободното општество не се одржува преку бруталната сила на лесните одговори, туку понекогаш со неверојатно тешките компромиси. Тиранијата нуди лесни одговори - елиминирајќи ги сите статуи кои ни пречат. Меѓутоа ако го прифатиме лесниот одговор, наскоро нема да ни останат статуи.
Тие што сакаат да ги соборат статуите прават монументална грешка. Движењето против историските статуи изгледа дека верува дека другите имаат одговорност да се согласат со нивните гледишта - секој што нема да го направи тоа е зло и мора да биде уништен до најкрајни граници.
Додека другите социјални движења се трудеа да ги освојат луѓето, оваа деструкција во име на толеранцијата создава бескрајна граѓанска војна која ги става групите една наспроти друга. Предизвикува поделби и омраза затскриена под лажната фасада на правдината. Нејзин единствен можен исход е сите да се присилат да прифатат една кратковида верзија на историјата додека истовремено на сите други им се забранува да имаат сопствена верзија.
Ганди, како и секое човечко суштество, имал со недостатоци. Тој имал и животен век составен од извонредни дела но и примери на човечка слабост. Политичките грешки речиси ги торпедираат неговите напори. Тој во повеќе наврати избегнува прерана смрт. Всушност, тоа е она што него го прави по човек и по инспиративен.
Еден човек кој е инспириран од Ганди е Мартин Лутер Кинг. Во 1959 Кинг трга на 5-неделно патување во Индија со неговата сопруга Корета. За време на патувањето Кинг се среќава со Нехру, со Рамачандран од Националниот меморијален фонд на Ганди, и Виноба Баве, клучен ученик на Ганди. Кога Кинг пристигнува во Њу Делхи на 10 февруари 1959, тој јасно ја кажува својата восхитеност од Ганди. Тој вели дека гандиевските принципи имаат големо влијание врз борбата за човекови права на американскиот југ. Имајќи предвид она што денес се зборува за Ганди, дали очигледната поддршка на Кинг за гандиевските принципи го прави него корисен идиот за расизмот?
Нелсон Мандела - уште еден следбеник на Ганди - успева да им даде контекст на расистичките забелешки на Ганди: „Предрасудата била очигледна, но Ганди тука не реагирал кон сите африкански домородци, туку кон криминализираните домородци.“ Според Мандела „ние го гледаме младиот Ганди кој допрва треба да стане Махатма, кога тој ќе биде без ниту една човекова предрасуда освен во корист на вистината и правдата“.
Ако Ганди е соборен, дали статуите и спомениците на Мандела и Кинг наскоро ќе се соочат со иста судбина?