Медлин Олбрајт, која умре минатата среда на 84-годишна возраст, беше првиот женски државен секретар на САД. Меѓутоа неброените наслови кои го трубат овој факт ги сведуваат нејзините постигнувања на пол. Тоа не е фер: таа беше многу повеќе од пионер.
Олбрајт беше империјалистички злодух, која беше толку свиреп во своето работење на американската глобална доминација како и кој било маж. Таа ја одигра централната улога во креирањето на пост-Студена војна политиките кои донесоа уништување на повеќе континенти. Нејзината биографија ужаснува: нејзиното семејство избегало од прогонот на Нацистите кога таа уште била дете, а 26 нејзини роднини, се убиени во Холокаустот. Ова е трауматична приказна, ама бидете сигурни: за возврат таа надгледуваше изобилство траума и смрт на други луѓе.
Од 1993 до 1999, Олбрајт служеше како амбасадор на Обединетите нации. Во тој капацитет таа претседателствуваше над бруталните санкции над Ирак по првата Заливска војна, чија цел беше да се максимизира мизеријата на Ирачаните за тие да се охрабрат и да го соборат Садам Хусеин. Во 1996 во интервју со Лесли Стол од „60 минути“, Олбрајт сугерираше дека смртта на децата на други луѓе се едноставно цената за создавање империја.
Иако процените за смртност кои ги споменува Стал потоа беа преиспитувани од истражувачите, Олбрајт јасно порача дека таа е прилично подготвена да нанесе смрт со таков обем. Тешко е да се замисли смрт на повеќе од половина милион деца, и да се пресмета страдањето, за толку многу семејства, содржано во таа една статистика. Сепак, тоа беше „цената“ што Олбрајт беше подготвена да ја извлече од обичните луѓе на таа кутра држава, во која санкциите ги лишија Ирачаните од лекови, чиста вода за пиење и неопходна инфраструктура.
Пауел доктрината - позицијата на надворешна политика пост-Студената војна промовирана од првиот човек на американскиот генерал-штаб во времето на Клинтон, Колин Пауел - беше дека САД треба да ги ограничат своите воени интервенции само на ситуации во кои нивните национални интереси се под закана. Олбрајт не се согласуваше со тоа, тие се судрија околу тоа каква треба да биде американската улога во кризи како онаа во Босна. Пауел во своите мемоари пишува дека тој „за малку ќе добиел анеуризма“ кога таа го прашала „Која е поентата на имање супериорна војска за која цело време зборуваме ако не можеме да ја користиме?“
Како амбасадор во О.Н. Олбрајт успеа да го смени од функција генералниот секретар Бутрос Бутрос-Гали по немилосрдна кампања, тажна епизода која делумно откри дел од нејзината визија за „крајот на векот“ светски поредок. Бутрос-Гали, чиј мандат беше поддржан од сите држави освен од САД, подоцна губењето на позицијата го припиша на неговото објавување на извештај О.Н. во кој се тврди дека израелски напад на бегалски камп во Либан, во кој се убиени сто луѓе, бил намерен а не грешка, наспроти тврдењето на израелската влада. Американските функционери отфрлија дека ова е причината, наместо тоа наведувајќи несогласувања околу Руанда, Хрватска и Босна. Тој вознемири дел од западната владејачка класа заради тоа што ја нарече војната во Босна „војна на богатите“. Исто така, Бутрос-Гали, архитектот на договорот од Камп Дејвид, ја сметаше кампањата на Олбрајт против него за расистичко или ксенофобно умилкување на анти-ОН републикаците (Боб Дол, на пример го исмеваше името на генералниот секретар со египетско потекло „Буууууутрос Буууууутрос“ или „Бу Бу“), кои беа посебно вознемирени откако 15 американски војници загинаа во неуспешна операција на мировниците на О.Н. во Сомалија. Меѓу другите средства што ги искористи Олбрајт за бркање на генералниот секретар, беше обвинување за корупција против Бутрос-Гали. Пишувајќи во Ле Монд Дипломатик во тоа време, Ерик Роло ја сугерира вистинската причина за вендетата на Олбрајт против нејзиниот популарен колега:
„Падот на Берлинскиот ѕид им овозможи на САД да ја спроведат Заливската војна речиси како што сакаа и тоа покажа нов модел за иднината: О.Н. предлагаат, по иницијатива на Вашингтон а САД го остваруваат тоа. Меѓутоа Бутрос-Гали не го споделуваше тоа гледиште за крајот на Студената војна.“
Од 1997 до 2001, Олбрајт беше државен секретар, под претседателот Бил Клинтон. Во многу славената пионерска улога, таа продолжи да наметнува незамисливо страдање врз Ирачаните. Помошниот генерален секретар на О.Н. Денис Халидеј во 1999 даде оставка на својата позиција за да може отворено да зборува против санкциите; САД „свесно убиваат десетици илјади Ирачани секој месец“ ќе изјави Халидеј, политика што тој ја нарече „геноцид“. Иако голем број Американци беа шокирани кога администрацијата на Џорџ Буш помладиот изврши инвазија на Ирак, реалноста е дека кога Буш дојде на власт, САД веќе го бомбардираа Ирак, во просек, по три пати неделно. Тоа е нашата девојка! Подеднакво наклонета на војна како и маж.
Олбрајт исто така го промовираше и ширењето на НАТО во поранешните советски држави во Источна Европа, невнимателна траекторија која бројни високи дипломати низ текот на годините предупредија дека е неизбежно да ја вознемири Русија. Таа политика придонесе значително за застрашувачки потенцијалниот нуклеарен судир со кој сега се соочуваме, како и ужасниот масакар на украински цивили (најмалку 977 гарантирани, а според Високиот комесар за човекови права на О.Н. оваа бројка е далеку повисока).
Олбрајт никогаш не се пензионираше, дистинкција во која нејзините фанови без сомнеж ќе видат мангупско отфрлање на предрасудите за луѓе во години. Меѓутоа за светот ќе беше многу подобро ако таа решеше да ужива во своите достигнувања. Нејзината консултантска компанија му помогна на Фајзер да избегне споделување на својата меѓународна сопственост, иако тоа ќе спасеше бројни животи низ светот за време на пандемијата за Ковид-19. Патентите за вакцина остануваат главна причина за глобален вакцински апартхејд и масовна смрт. Меѓутоа малку е веројатно дека ова ја вознемирило нејзе на нејзината смртна постела: смртта на сиромашните, кафеави луѓе кои не се Американци за Олбрајт секогаш била „цена која вреди да се плати“.
За време на партиската претседателска кампања во 2016, таа за жените кои не ја поддржуваа кандидатурата на Хилари, изјави „има посебно место во пеколот за жени кои не си помагаат една на друга.“ Таа подоцна се извини за коментарот во колумна во Њујорк тајмс, па не сакам да ситничарам околу тоа. На крајот од краиштата ирачкиот народ никогаш не доби извинување од нејзе. Меѓутоа разгледувајќи ги горните докази, беше невнимателно од Олбрајт да им го припишува пеколот на други жени.
Речиси сигурно, веќе имаше резервација со нејзино име во тоа жешко подземно жариште. Можеби таа конечно ќе го добие признанието што го заслужува, како истакната меѓу крволочните империјалистички поборници за војна од кој било пол.