Во историјата на човештвото имало појави кои најдобро ја изразувале пропаста на епохата, но сигурно никој не блескал толку во оваа улога како Славој Жижек. Прво ја претвори филозофијата во стенд-ап комедија. Доби шамари од Чомски кој го нарече кловн, но упорниот Словенец не се предаде. Отворени му се голем број арени каде ја толкува состојбата на светот. Луѓето го слушаат, но кај мене, по правило, се јавува необична слика. Кога тој ќе проговори, мене тоа ми личи на момент кога на автомобилско тркало во движење ќе му се откачи раткапна, таа се тркала, се врти, сè додека после неколку кругчиња, ѕвонења по асфалтот, не налета на нешто што ќе го сопре „фрфљањето“. Кога возам кола, ми се стега срцето кога на пат ќе видам паднати раткапни како лежат фрлени. Некогаш ми доаѓа голема тага, сè си мислам - не ќе да е Славој?! Најчесто помислувам да му најдам некој јак лепак и секој пат кога настапува да изнајде начин да остане на тркалото. Тогаш единствено станува опасно во целото тоа фрфљање да не отпадне целото тркало. Тоа веќе не би било добро.
Пред неколку денови Славој Жижек, најголемиот словенечки филозоф после Едвард Кардељ, напиша авторски текст за РТ Интернешенел. Прво го исмеа коронавирусот, за нијанса повеќе од доктор Несторовиќ, го спореди однесувањето на европските влади и нивните мерки за заштита со комунистичката пропаганда во времето на другарот Тито. Наводно, еднаш низ СФРЈ се проширила непроверена вест дека ќе снема тоалетна хартија. Снемало тоалет хартија, вели мега-физофот, поради најави на рестрикција во планираната економија на комунистичката држава. Пропагандата го вознемирила народот, а народот ги испразнил полиците од самопослугите. Сведоци сме дека истото им се случи на луѓето кои во Западна Европа ги нападнаа супермаркетите - снема зејтин, брашно, шеќер. Не чини светскиот систем, заклучува мега филозофот. Како некогаш Чернишевски, сега тој го поставува прашањето - „Што да се прави?“
Не поминаа ни седум дена, раткапната повторно се откачи. Славој одговараше на прашања на водителот на вестите на РТ Интернешенел по повод експанзијата на короната. Ни трага од онаа „духовитост“. Сега со сосема поинаков тон, овој пат „фрфљаше“ сериозно, го заборави претходното исмевање на модерната чума и, помеѓу останатото, рече дека во економската пропаст на светот неопходно е да се обединат левите сили и на меѓународно ниво да се поразат националистите и сите други напасти кои стојат на патот на пронаоѓањето на вакцина во борба против смртоносниот вирус. Значи, и короната би можела да биде, изворно, партиски определена во време кога ни Господ не знае кои се левичари а кои десничари. Кога Кардељ би станал од гроб, сигурно би рекол: „Зело добро, Жижек!“ Заборавила раткапната дека левичарите први го патентираа национализмот, дека на пример Гарибалди бил италијански националист-левичар, но и масон.
Моралот го дефинирале Платон, Кант, Ниче, Исус, но бидејќи не елаборирале многу за неморалот, мене ми изгледа дека тука се случило недоразбирање кога е во прашање либералниот левичар од Словенија, професор од австро-унгарска провениенција. Кога некој се осмелува да се впушта во сите белосветски теми, тој со анегдотски речник го објаснува сето она што се случува пред нашите очи. Кај студентите од целиот свет, бидејќи тие немаат со што да споредат, тој е славен, а тоа е и најважно. Нема врска што е глуп.
Сè што упаѓа во вашите домови преку екранот со притискање на далечинското, од кој било извор до вас да пристигне слика и тон, вие веќе им го имате дофрлено јажето, кое на крај ќе ви послужи единствено за бесење. Вие станувате сведок соработник на глобалистичкото подземје, чие дејствување, покрај останатите, го покрива Жижек. Сето тоа во време кога човечкиот неморал е услов за успех, во време кога заоѓа сонцето на цивилизацијата на која до вчера ѝ се восхитувавме. Тогаш сите оние ваши гости преку екранот стануваат само измамници кои бодињаат мртов коњ, од чиј труп излегуваат модели кои кај нас ги копираат старлети, проститутки кои ја легализирале својата градба, политичари кои се богатат, а на крај од тој свет доаѓа и корона вирус.
Ако го направил човек, иако е навистина изеден сосе лилјак, тој покрива две страни на нашата безнадежност. Ние сме одамна заразени. Зарем не пораснавме, и ние и нашите деца и внуци, во времиња кога беше побитно што зборува спортистот или актерот за нешто важно, а не доктор на науки кој ги познава работите, вирусолог кој не можел да најде вакцина, затоа што бил платен како возач на шлепер. Тоа беше цивлизација за која се чинеше дека може сè, а сега сме сведоци дека не може ништо. Вирусот пристигна прво како филозоф-раткапна кој долго ни го матеше погледот, не бевме свесни за пропаста заради овие негови бладања. Секој спортист кој намлатил пари беше поважен од научник, вирусолог, онколог. Сите оние кои трупаа неизмерни богатства стана подобри филозофи и економисти, подобро ја знаеа историјата од историчарите, секоја курва на популарни телевизии знаеше како да се организира семеен живот подобро од мирниот и чесен народ.
Во свет во кој реалноста е профана, спектаклот сакрален, каде научниците немаат свое место, ќе бидеме казнети со смрт, затоа што немавме сила порано да разбереме дека богатството не може сè, а верувавме во таа лага. Џабе им се парите, немаат решение за пинцурскиот ковид.