Кога Трамп вика дека САД се најголемата земја на светот, кога се фали дека е препаметен, кога потсетува дека ја има најмоќната армија на светот и сака да го покаже тоа на масовна парада, тој зборува американски. Тоа е начинот на кој неговите поддржувачи се научени да размислуваат за својата земја.
Поранешниот претседател Џими Картер беше еден од најморалните луѓе во Белата куќа ама како смртен грев му се памти кога побара од Американците да ги намалат термостатите по дома бидејќи земјата се соочува со дефицит од енергенси. Нему му се падна да им каже на сограѓаните дека времињата се менуваат и дека најдоброто од Америка е можеби зад нив. Гласачите го испратија дома во Џорџија.
Дојде Роналд Реган и повторно ги убеди дека САД се најголемата и најдобрата држава на светот. Реган зборуваше за Стар ворс систем за одбрана и ги натера Светите да го урнат Берлинскиот ѕид. Реган зборуваше американски.
А Трамп не само што зборува американски туку и го живее американскиот сон. Ужасно е богат и нема да ни даде да видиме колку данок платил бидејќи тоа е негова работа, а не наша. Американците ја разбираат таа логика.
Гради огромни згради и на нив става огромни букви на своето презиме. Жени преубава жена и после ја мами со други преубави жени а после им плаќа да ќутат.
Луѓето кои не се согласуваат со него ги нарекува морони, глупаци, идиоти, патетични суштества. Можете да кажете дека не е неучтиво, незрело и не му доликува на човек која ја води најмоќната канцеларија во светот. Ама џабе.
Трамп зборува онака како што зборуваат милиони Американци по кафеани, шанкови, работни места или на дружења во двор со скара. Кога Трамп ги омаловажува послабите, кога истура омраза или вели дека му се преку глава оние од африканско или хиспано потекло бидејќи ги крадат работните места и ги силуваат жените, тој зборува во името на милиони Американци.
Можеби сакате да верувате дека Америка е подобра од тоа. И да кажете дека оние што го подржуваат се идиоти, морони, лудаци или расистички дркаџии ама добре дојдовте во клубот - сега и вие зборувате американски.
Трамп знае дека Американците се повеќе по пари отколку по идеали и етички принципи. Затоа им вика дека берзата ќе колабира а сите ќе бидат посиромашни ако помине импичмент против него. Реалноста е дека милиони Американци го разбираат тој говор. А Трамп знае да води реално шоу кое луѓето го сакаат. И им зборува американски.