Бос во 1924 отвора компанија за производство на работна и спортска облека. Растот на популарноста на национал-социјалистичката партија и најавата за Втора светска војна се поклопуваат со лошото работење на компанијата, која се наоѓа пред банкрот. А нема подобар момент од ова за познатиот "само следевме наредби" изговор, само што единствените наредби што тој ги следи доаѓаат од длабочините на неговата затруена нацистичка душа, што го докажа со своето влегување во партијата во 1931.
Тогаш, речиси моментално, излегува од сите финансиски проблеми потпишувајќи договор како производител за униформи. На почетокот тоа се кафеави кошули за една од паравоените формации на партијата, потоа одела за нацистичката младина, а потоа и црните униформи на СС.
Е сега, моментот околу кој се греши - точно дека Бос бил производител на оваа облека, што никако не е исто што и дизјанер, првенствено затоа што него никако не можам да го сврстам во дизајнерите кои ги сметам како доволно креативно способни индивидуи, кои можат да донесат иновации во светот на модата. Не, Бос беше обичен нацистички селанец чија единствена уметност е во процената на правото место и време за да се спаси самиот себе па макар и преку мртви.
Размислите малку, колкав уметнички гениј треба да бидеш за да составиш работничка униформа, можеби "професорка по ликовно што ги дизајнирала новите униформи за учениците од основните училишта" ниво на гениј.
Како и мнозинството тогаш и тој бил само мал работник на умоболниот режим во кој и самиот тој верува, па во знак на лојалност и тоа како добро заработува. Самата идеја за дизајн еволуира од старите пруски воени униформи кои се модификувани од страна на извесен Карл Дибич, инаку уметник и офицер на СС, кому при влегувањето во партијата му е доделен бројот 1436, релативно висок во однос на бројот 508.889 кој му припаднал на Бос. Тоа е важно затоа што укажува на нивото на доверба што манијакалниот фирер го има кон Дибич, па е логично нему да му припадне "честа" да дизајнира униформи за сечачите на смртта.
А малку помала чест им припаѓа на неколку несреќни заробеници, да бидам прецизна 140 Полјаци и 40 Французи (тоа е официјалната бројка, иако смета дека таа е многу поголема) кои принудно се донесени во фабриката за да ги шијат униформите што се последното нешто што нивните синови, ќерки, мајки и татковци ќе го видат пред своите очи. Наводно тие се плаќани нешто ситно за својата работа и биле во подобра положба од заробениците во логорите. Сепак кампот за работници се наоѓа во склопот на фабриката, и веројатни не бил уреден како логор, но бил доволно валкан и мизерен за тие да го проколнуваат денот кога се родиле.
Бос еден ден се буди со идејата да ги подобри условите за работниците и тој ден е токму во 1944, односно една година пред крајот на војната кога било евидентно дека од германскиот рајх ќе останат само копчињата, па да присобере по некој поен пред крајот. И кога доаѓа моментот за големите идеи за ариевците да паднат во калта и да се донесат пресуди, големиот Бос се обидува да го негира своето членство во партијата, погодувате, повторно за да ја спаси фирмата. За малку и да успее. Прво од страна на ослободителниот суд е класификуван како активен припадник на нацистичката партија за што плаќа казна од 100.000 марки, за потоа да му е одземено и правото на глас, а потоа и она најболното, да раководи со фирмата што ја создал. Секако тој поднесува жалба и како што правдата секогаш останува незадоволена неговата казна е намалена, од активен поддржувач на следбеник, па Хуго уште еднаш успева да ја сочува фирмата и да ги задржи своите директорски глутеуси во фотељата се до 1948 кога умира од апсцес на заб. Многу глупа смрт за еден таков бедник, ако мене ме прашувате.
Како што обично бива по смртта компанијата ја наследува неговиот син Сигфрид Бос кој ја има дадено можеби најглупата изјава во историјата, цитирам: "Секако дека татко ми и припаѓаше на нацистичката партија, ама кој не припаѓаше во тоа време?" Просто е бе Сигфрид, не припаѓал тој што не сакал. Ние денес бираме да припаѓаме на потрошувачка група која со двете раце ги прифаќа производите на овој бренд без какво било сознание за тоа како и на кои корени тој се темели.
Без разлика што сопствениците на компанијата се менуваат неколку пати, идејата останува иста што може да се види и на модерните кроеви на капутите на Бос кои неодоливо потсетуваат на оние од нацистичките денови.
Кој знае, можеби првобитната намена на овој бренд ќе се врати во употреба и кога ќе дојде време да се униформираат некои нови излуденици, затоа што бизнис е бизнис и треба да се прилагодиш.