Емануел Макрон има уште една година за да ги потврди ветувањата од 2017 година дека ќе ја претвори Франција во „нација на стартапи“. Во своите два мандата се покажа како услужлив пријател на инвеститорите и корпорациите, честопати по цена на социјални и политички превирања.
Но, се покажува дека дигиталниот капитализам е сурова игра на пазарна доминација според принципот „победникот зема сè“. Франција, како и Европската Унија во целина, останува длабоко вкоренета во дигиталната економија со која владее Силициумската долина. Денес таа реалност најдобро се отсликува во дефицитот од 264 милијарди евра во секторот за дигитални услуги, кои американските корпорации ги извлекуваат од заедничкиот пазар на ЕУ. Француската Mistral AI привлекува внимание, но останува мала точки на графиконот во споредба со водечките фирми од Калифорнија, па дури и од Кина.
Макрон летово се обиде да обезбеди некакво наследство во многу помалку гламурозната област на центрите за податоци. Ги промовира како начин за спротивставување на дигиталната колонизација на Европа од страна на „GAFAM“ – француски акроним за Google, Apple, Facebook, Amazon и Microsoft.
Неговиот адут е енергијата. Во 2022 година најави значително проширување на нуклеарните централи во земјата за да го задоволи големиот апетит на центрите за податоци.

Во јуни, јапонската компанија SoftBank најави инвестиција од 75 милијарди евра во капацитети за центри за податоци во Франција, со зголемување на компјутерската моќ за околу 5 гигавати. За Макрон, ова е доказ дека Франција конечно напредува во проширувањето на инфраструктурата на европскиот технолошки сектор.
Барем на хартија, ова е привлечна приказна, иако француската јавност сè уште не е целосно свесна за обврските што се преземаат во нејзино име, предупредува американскиот новинар Харисон Стетлер.
Нови државни уредби, заедно со сеопфатниот пакет за дерегулација усвоен од парламентот, имаат за цел да го забрзаат почетокот на изградбата на центри за податоци, да им ги одземат овластувањата за издавање дозволи на општините, па дури и да ја ограничат можноста за јавни расправи.
Во САД, ограничените водни ресурси и преоптоварените пазари на струја предизвикуваат локален отпор против изградба на дата-центри.
Може да се очекуваат тензии и во Франција. Гневот поради акумулациите за вода во руралните средини, изградени во интерес на агроиндустријата, веќе предизвика судири меѓу демонстрантите и полицијата. Историскиот топлотен бран ова лето доведе до тоа реки како Лоара речиси да пресушат, додека шумските пожари опустошија големи рурални површини. Во неодамнешен извештај, една четвртина од проектите за центри за податоци беа оценети како „висок ризик“ за животната средина.
Суштинскиот проблем останува американската контрола врз клучните столбови на дигиталната економија. Американските технолошки гиганти се присутни, директно или преку локални партнери, во многу од најголемите проекти за центри за податоци. Според извештајот на францускиот Сенат, од вкупно 15 гигавати планиран капацитет во центрите за податоци, само 1,4 гигавати се од европско потекло.
Франција и Европа ризикуваат да бидат втурнати во развоен правец на преземање на највалканата и најтешката работа во дигиталната економија. А потоа, кога ќе дојде до реакција на јавноста против центрите за податоци, наследникот на Макрон може да очекува сериозни предизвици, пишува Стетлер за Unherd.