Во ноември минатата година полицијата била повикана кај подземната метро станица Оксфорд Сиркус во Лондон поради инцидент кој бил опишан како „терористички“. Целата станица била евакуирана, создавајќи огромна гужва од луѓе што по секоја цена се обидувале да излезат. Се прошириле гласини за испукани куршуми, а на интернет се појавиле фотографии и видеа од толпи кои ја напуштаат областа, додека тешко вооружени полицајци се упатуваат во спротивна насока. Среде целата паника не било јасно од каде точно доаѓа заканата, и дали е ова некакво повторување на нападите кои се случија во Париз две години порано.
Полицијата влегла и во стоковната Селфриџ, каде на купувачите им било речено да ја напуштат зградата, што резултирало со стампедо. Во тој момент таму се нашла поп ѕвездата Оли Мурс, кој им твитнал на своите 8 милиони следачи: „Фак, излегувајте веднаш од Селфриџ, пукање!!“.
Мобилните и социјалните мрежи го снимале, споделувале и дискутирале сето ова во моментот додека се случувало. Полицијата се обидела да ја смири паниката користејќи го сопствениот Твитер профил, но нејзините пораки се загубиле во вревата. Медиумите не известувале за фактите, туку повеќе служеле за да го синхронизираат вниманието и чувствата на публиката.
Сето ова завршило кога полицијата објавила соопштение дека на локацијата не е пронајден ниту еден осомничен, ниту пак докази за пукање и жртви. Подоцна се преброени повредените - деветмина завршиле во болница заради повреди заработени при паничните бегства. Метро станиците повторно ги отвориле своите врати и животот продолжил понатаму. Без пиштоли и терористи.
Што било причината за овој настан? Ферка. Сосема банална расправија на платформата на станицата, каде некој турнал некого друг, а потоа двајцата си размениле по некоја тупаница. Но со оглед на тоа што претходно во Лондон биле регистрирани терористички напади, и со оглед на затворениот простор, не е тешко да се разбере зошто настанала паника. Никој не очекува луѓето да се однесуваат согласно фактите во таков критичен момент, додека маса тела вреска наоколу. Онаму каде што брзите реакции се од суштинска важност, телесните инстинкти преовладуваат.
Во такви моменти, авторитетна перспектива на реалноста, едноставно испарува. Во дигитално доба, ова отсуство на вистинско знаење рапидно се пополнува со гласини, фантазија и претпоставки, некои од нив извитоперени и прилагодени на приказна која некому му одговара, или му изгледа поверојатна. Стравот од насилство може да влијае разорно скоро исто како и реалното насилство, а кога тој е од големи размери, станува невозможно да се рационализира.
Со оглед на неверојатната брзина, виралноста може да генерира страв и конфликт од ништо. Истражување објавено неодамна од Универзитетот во Ворвик покажува корелација помеѓу антибегалски дела извршени од омраза и нивоата на употреба на Фејсбук, укажувајќи на опасноста и паранојата која може да ја предизвика рапидното пренесување информации меѓу група луѓе. Фејсбук е спомнат како релевантен елемент и во контекст на етничките насилства во Шри Ланка, Мјанмар и Индија, заради онлајн гласини кои поттикнале физички мобилизации и конфронтации.
Ваквите настани покажуваат нешто важно за времињата во кои живееме, кога брзината на реакција често предничи пред побавните и повнимателни проценки. Како што се штелуваме на „риал тајм“ медиумите, почнуваме да ставаме поголем акцент на довербата во чувствата и сетилата отколку на доказите. Знаењето се вреднува повеќе кога е брзо и влијателно, отколку кога е студено објективно - емотивните лажни вести патуваат побрзо од фактите (Види: „Вистината нема шанси со лагата“). Во ситуација на физичка опасност, каде времето е од суштинска важност, рапидната реакција има смисла. Но влијанието на податоците во „реално време“ сега се проширува и вон областа на безбедноста. Вести, финансиски пазари, пријателства, сите тие се базираат на постојан проток на информации, и станува сè потешко да се направи чекор назад, работите да се погледнат од поширок агол, нештата да се сумираат, па дури потоа да се носи некој заклучок.
Популизмот, и синдромите од типот на пост-вистина или „племенско групирање“, често се обвинети дека играат на картата на чувствата на гласачите, кои пак не знаат да ги контролираат. Но критикувањето на популистите и на нивните поддржувачи значи одбегнување на едно многу позначајно прашање - зошто чувствата стануваат позначајно средство за навигација низ животот во 21 век?
Ова има врска со некои базични филозофски прашања. Модерниот свет е заснован на две фундаментални поделби, обете втемелени во средината на 17 век: помеѓу умот и телото, и помеѓу војната и мирот. Овие бинарни опозиции постепено слабееле во тек на повеќе од 100 години. Подемот на психологијата и психијатријата од доцниот 19 век ги приближи умот и телото, покажувајќи дека мислите ни се повлијаени од нервни импулси и чувства.
Но овие две спротивности сега како да го губат сиот кредибилитет. Од 1990-тите откритија во невронауката го имаат издигнато мозокот над умот, како главен начин на кој се разбираме себеси, демонстрирајќи го значењето на емоциите и на физиологијата за процесите на одлучување. Во меѓувреме се имаат појавено нови форми на насилство, кои не доаѓаат од до сега вообичаените извори. Така, нашата состојба станува нервозна - живееме под постојан и нагласен штрек, потпирајќи се на чувства кои знаат да водат во погрешна насока или да предизвикаат прекумерни реакции.
Но, повторно, декларирањето дека треба наместо на нашите чувства да им веруваме на експертите не е доволно. Многу поважно е да се разбере зошто идеалот на експертизата го има загубено својот кредибилитет.
Во голем број области, аспирацијата за „објективност“ е на големи маки. Објективните показатели како растот на БДП може во себе да кријат длабоки поделби во општеството. Во САД на пример половина од населението нема искусено вистински раст на приходот од 1970-тите, што ја прави лажна целата идеја за економски „раст“. И ова е само еден од многуте примери. Како што политиката станува попрофесионализирана, тешко е да се забележи разлика помеѓу избраните претставници и нивните советници - експерти; државата изгледа како игра на инсајдери.
Ветувањето на експертизата, она направено во 17 век, е да ни обезбеди верзија на реалноста со која можеме сите да се согласиме. Ветувањето на дигиталното доба е максимизирање на сензитивноста во однос на околина која постојано се менува. Експертите произведуваат факти; Гугл и Твитер нудат трендови. Објективниот поглед на свет е заменет со интуиција за тоа на каде одат работите. Нервозната состојба нуди поголем емоционален поттик, но истовремено и големо вознемирување и несигурност.
Она што е јасно е дека демократиите се трансформираат преку моќта на чувствата на начини кои не можат да бидат игнорирани, но и кои се иреверзибилни. Одделувањето на рационалноста од емоцијата веќе не е можно. Ова е нашата сегашна реалност.
Од книгата „Нервозни состојби: како чувствата го преземаа светот“ од Вилијам Дејвис, која ќе излезе на 20 септември)