Како Брисел го упропасти брегзит

Тоа што брегзит е во мат позиција не е грешка на британската премиерка Тереза Меј, туку самиот процес на преговори е така поставен да мора да заврши со неуспех, а вината за тоа прво и најмногу лежи во Брисел.

Преговорите за брегзит уште од почеток беа лошо осмислени - што често се случува кога ќе ставиш бирократи да бидат одговорни за нешто. Критично е тоа што ЕУ одби да дискутира за природата на нејзиниот иден однос со Британија освен ако Лондон претходно не се согласи дека нема да постои тврда граница меѓу Ирска и Северна Ирска.

Токму оваа одлука, да се вклучи ирското гранично прашање во првата фаза на преговорите, осигура дека никогаш нема да се стигне до втората фаза.

Минаа 30 месеци откако Британија го активираше членот 50, а ние едвај сме стигнале до делот од преговорите посветен на условите на идната врска - делот од дискусијата која на крај ќе го одлучи статусот на границата што ја дели ЕУ од Британија.

Дали ќе ни треба тврда граница, лесна граница, или практично да нема граница? Тоа ќе зависи од идната врска меѓу Британија и ЕУ.

Ако овој процес беше логичен, статусот на малиот дел од границата меѓу ЕУ и Британија, без разлика колку е изразит и витален, ќе се дискутира за време на разговорите околу севкупната врска, каде ќе се исковаат големите прашања како трговијата и безбедноста.

Меѓутоа начинот на кој овој процес беше осмислен - да го вклучи прашањето за ирската граница во трите главни области кои треба да се преговараат пред Британија и формално да го напушти блокот на 29 март - значи дека и двете страни треба да постигнат договор на теми за кои во пракса не им е дозволено да дискутираат.

Има толку многу прашалници (на пример, какви ќе бидат трговски односи на Британија со ЕУ по брегзит?) што висат над прашањето за ирската граница, што не е ни чудо што тоа се уште не е решено.

Тогаш зошто ова прашање е вклучено во првата фаза од дискусиите?

Брисел чувствуваше дека со цел одговорно да го продолжат процесот на преговори, Британците прво мораат да започнат со одлучна резолуција за исполнување на своите ветувања. Првата фаза беше околу три прашања кои требаа да се решат според принцип, а не со прагматизам. Пред дискусиите да се свртат на риболовот и сирењето и банкарските услуги, Брисел одлучи, дека треба да се воспостават моралните принципи.

Размислувањето беше дека Британија прво мора да се согласи во европските куфери да ги уплати парите на кои беше обврзана, да ги обезбеди правата на ЕУ граѓаните кои живеат во Британија и да ги почитува легитимните очекувања на сите потписници на Договорот од Белфаст кој стави крај на насилните „проблеми“ на Ирска.

Имаше и практична причина зошто Европа сакаше прво да се фокусира на принципите: тоа ја зголеми веројатноста дека земјите членки на ЕУ ќе останат сплотени.

И успеа. Насочувајќи ја дебата околу тоа дали Британија ќе покаже добра волја во однос на своите обврски помогна да се зацврсти она што на крај излезе извонредно обединет фронт меѓу ЕУ27.

Имајќи ја предвид состојбата на преговорите, ова може да е одлука за која ЕУ ќе зажали. Меѓутоа Брисел не можеше ова да го направи без поддршка од британската премиерка.

Тоа што не успеа прашањето за ирската граница да го истурка доволно далеку, и доволно рано, е трагичната грешка на Тереза Меј - за која ќе има изобилие од време да жали во претстојните години.

Наместо тоа таа ги насочи своите преговарачи да се обидат да го растурат обединетиот ЕУ фронт воведувајќи елементи од втората фаза на преговорите во првата и разговарајќи со земјите членки околу аспектите на пост-брегзит односите.

Ова беше голема грешка. Нејзиниот интерес - а веројатно и интересот на нејзината земја - беше работите да се забават, а не да се забрзаат.

Меј прво требаше да го затвори првиот дел. Да оди чекор по чекор. Со навремено затворање на Договорот за повлекување - а можеби и пред време - и со недопрен престиж, таа можеше да повика на нови избори. Со тоа што ќе го оствареше своето ветување за вадење на Британија од ЕУ, никој ни за момент немаше да сомнева дека таа е правиот човек кој ќе ја внесе Британија во ново партнерство со блокот.

За тоа, на премиерката и требаше само една работа: да го тргне ирското прашање од темите на Договорот за повлекување. Таа требаше целиот свој политички капитал и вештината на своите искусни дипломати да ги вложи во таа конкретна задача.

Ова ќе беше достижна цел. Вадењето на ирското прашање од правата фаза ќе беше во интерес и на ЕУ.

Зошто? Бидејќи и покрај прикажувањето единство и инсистирањето дека Европа ќе биде посилна од кога и да е, и самиот блок се наоѓаше во проблематична позиција.

Постои финансиски ризик од брегзит кој Брисел тврдоглаво продолжува да го игнорира: диспропорционален процент од финансиски услуги кои на ЕУ фирмите им се потребни за менаџирање на ризиците се сместени во лондонски Сити, и Сити ќе продолжи да биде местото од кое овие услуги ќе мора да бидат ангажирани.

Има и политички и репутациски ризици. Како што процесот на преговори се дезинтегрира, најголемиот дел од светот ќе се сврти кон Брисел и ќе праша зошто, уште еднаш, ЕУ изгледа неспособна да постигне брзо и ефикасно решение на своите проблеми.

Сепак, дали ЕУ е составена од 27 или 28 држави не е нешто што Брисел може да го игнорира. Моментално, има многу голем ризик дека клубот ќе биде составен од 27 и пол членки. Засекогаш. Блокот некако ќе тера и понатаму, ама ќе биде сериозно ослабен.

За среќа има алтернатива: врати се на почетните фази на планирање и објави дека Договорот за повлекување е постигнат - без ирското прашање.

Бруно Макеш,
Политико

21 јануари 2019 - 13:23