Како богатите држави вадат пари од сиромашните

Постои цела низа наводно непобитни поставки за функционирањето на светската економија на кои секојдневно налетуваме листајќи или скролајќи, домашни или странски медиуми. Кога истите тие поставки ќе се доведат во прашање, дали со обработено истражување или економска криза, работите многу брзо се враќаат на козметичко ниво.

Причина за ова не е недостаток на уверливост на истражувањето или случувањето, туку прилично забетонираните односи на моќта кои го сочинуваат општественото ткиво на овие поставки и со својата политичка сила ги прават уште поуверливи - попрецизно, нивната промена не изгледа политички уверлива.

Меѓутоа, таквите односи на моќта не би требало да нè спречуваат одново да укажуваме на проблематичните точки и да се обидуваме да ги срушиме митовите кои служат како идеолошко мазиво во претставувањето на тие односи. Така изминатиот викенд се појавија две вести кои доста пластично укажуваат на крајната кршливост на постојната рамка во која се настојува да се прикажат односите во глобалната економија и по основа на нив да се нудат рецепти за економска политика. Првата вест се однесува на улогата на приватните рејтинг агенции во "подготовката" на глобалната економска криза. Иако последиците беа јасно видливи, како што е видлива системската корупција и спорниот кредибилитет за прогноза на овие агенции, тие и понатаму служат како непобитни авторитети во процената на "состојбата на работите" односно легитимациски бастион за спроведување непопуларни политики.

Односот меѓу развиеноста и неразвиеноста

Откако пред две години најголемата рејтинг агенција Стандард и Пурс постигна договор со САД за отштета за погрешните и коруптивни проценки на вредноста на хипотекарните кредити кои ја стартуваа економската криза, минатата недела до слична спогодба дојде и втората по голема агенција - Мудис. Тие се согласија на федералната влада и на 21 сојузна држава (плус Дистриктот Колумбија) да им исплатат 864 милиони долари за проблемите кои ги предизвикаа. Како што во петокот изјави јавниот обвинител на Конектикат, на рејтинзите што ги објавувал Мудис "директно влијаеле големите инвестициски банки кои ги издавале овие хартии од вредност и му плаќале на Мудис да ги проценува". Од агенцијата спогодбата, која де факто претставува признание дека учествувале во системска корупција, ја коментираат прилично бизарно тврдејќи дека и понатаму стојат зад своите процени односно дека спогодбата не се основа на признавање на одговорноста.

На слична изјава веројатно би наишле и кога би ги прашале првите луѓе на развиените држави да го прокоментираат заостанувањето на земјите во развој и улогата на нивните држави во ова заостанување. Сигурно би ги спомнале и големите количества помош што се упатуваат од центарот на светската економија кон таканаречената периферија.

Меѓутоа, неодамна објавеното истражување на американската непрофитна организација Глобал фајненшл интегрити која се занимава со анализа на недозволените финансиски текови и Центарот за применето истражување при Норвешката школа за економија, покажа дека финансиските текови кои одат од земјите на т.нр. Трет свет кон богатите држави се многу поголеми отколку оние кои одат во спротивен правец. Со други зборови, структурните односи меѓу развиените и неразвиените земји се токму такви што го репродуцираат степенот на развиеност, а не да се обидуваат да ги приближат, како што често слушаме во пиар настапите на глобалните институции и светските челници.

Чисто да изнесеме основни податоци од ова истражување: во 2012 година последната за која има податоци, сиромашните по пат на помош, инвестиции и разни други облици примиле 1300 милијарди долари. Меѓутоа во спротивен правец заминале 3300 милијарди долари. Ако ја пресметаме оваа разлика од 1980 до 2012, ќе добиеме сума од 16300 милијарди долари во корист на развиените земји, што отприлика изнесува колку БДП-то на САД.

Трите главни облици на извлекување пари се: отплата на долгови (од 1980 цели 4200 милијарди долари одат на отплата на камати), враќање на профитот на компаниите од богатите земји кои инвестирале во земјите во развој и  еклатантна корупција: сметководствено заобиколување на даночните системи на овие земји и криење на парите во даночни оази.

Или со други зборови: развиеноста и неразвиеноста не се резултат на паметот или глупоста на оние кои се развиени или неразвиени, туку на самиот однос меѓу развиените и неразвиените.

виа

17 јануари 2017 - 10:38