Камала Харис стана позната по повторувањето на она нејзино, дека Америка може да стане „неоптоварена од она што било“ (овде имате 4 минути верглање, тоа па тоа). Така и бидна, само малку обратно од она што таа го мислеше. Америка сега е навистина „неоптоварена од она што беше“ во целосен пркос на демократите.
Андреј Корипко (американски аналитичар кој живее во Москва) оценува дека тоа е така заради следниве елементи:
1. Економија, алоо, економија!
Демократскиот консултант Џејмс Карвил ја измисли таа фраза (“It’s The Economy, Stupid!”) како поглед на најважното изборно прашање за повеќето Американци. Сè уште важи до ден-денес, бидејќи поголемиот дел од земјата живее полошо после четири години од администрацијата на Бајден-Харис отколку по првиот мандат на Трамп.
2. Имиграцијата, и легална и илегална, е надвор од контрола
Имиграцијата е секогаш жешка тема, но посебно на овие избори поради невидениот прилив на илегални имигранти што под Бајден дојдоа во земјата и виралните извештаи за легални имигранти од Хаити донесени од владата (кои демек јадеа домашни миленичиња). Трамп вети дека ќе ја уништи нелегалната компонента и потемелно ќе ги провери оние што доаѓаат во земјата за да се осигура дека ќе се асимилираат и интегрираат. Ова им се бендиса на Американците.
3. Луѓето се плашат од Трета светска војна
Американците никогаш не се плашеле од Трета светска војна како сега. Војната меѓу НАТО и Русија во Украина и израелско-иранските конфликти, од кои секој има потенцијал да прерасне во апокалипса со најлошото сценарио, беа незамисливи за време на Трамп. Тој вети дека ќе стори сè за да донесе мир во Европа и на Блискиот Исток доколку биде реизбран, додека Камала ги ветуваше истите политики што го доведоа светот на работ на војна. Гласот за Трамп стана глас за мир.
4. Медиумските валкања на Трамп повеќе не функционираат
Изминатите осум и пол години од клеветење на Трамп од корпоративните медиуми веќе го немаат ефектот како порано во манипулирањето со перцепциите на гласачите за него, па дури и станаа контрапродуктивни. Колку повеќе го обвинуваат Трамп дека е „нацист“ или што било друго, толку помалку на луѓето им е гајле за тоа.
5. Маск ја врати слободата на говорот онлајн
Сите претходни точки се важни, но тие немаше да доведат до победа на Трамп доколку Илон Маск не ја врати слободата на говор на интернет со купување на Твитер. Американците можеа да ги споделат вестите за изборите без страв од цензура, што им покажа дека не се сами во преиспитувањето на администрацијата на Бајден и лажните тврдења на традиционалните медиуми. Да не беше Маск, нивните лаги ќе се размножуваа непречено, веројатно преобликувајќи ги резултатите од изборите.
6. Маск, Кенеди и Тулси Габарт направија да биде кул да се пребегне од демократите
Тројцата се поранешни демократи кои пребегнаа од партијата во знак на протест против она што таа стана, радикално прогресивно-глобалистичко идеолошко движење кое целосно ги отсече своите корени со работничката класа. Сите тие на крајот се собраа зад Трамп, што повлече и други демократи да пребегаат од партијата и му помогнаа да добие дел од гласовите за независните што беше битно во клучните држави.
7. Амишите и Полјаците во Пенсилванија
Таа држава стана клучот за победата на Трамп и за тоа треба да им заблагодари на Амишите и на Полјаците. Скот Преслер, некогашниот претседател на „гејовите за Трамп“, одигра незаменлива улога во мобилизирањето на првите, додека браќата Пособиец (популарниот конзервативен коментатор Џек и неговиот брат Кевин) ги регрутираа своите сограѓани со исто етничко потекло во нивната втора татковина.
8. Кампањата на републиканците оневозможи изборна измама
Републиканците беа решени да го направат водството на Трамп „преголемо за да се намести“, убедени дека тој беше измамен последниот пат. За таа цел, тие сериозно го дочекаа предвременото гласање и ги собраа гласачките ливчиња со ентузијазам како што тоа го правеа нивните ривали демократи пред четири години, знаејќи дека буквално секој глас е важен. Со ова превентивно се избегнаа шпекулативни сценарија со кои Трамп можеше да биде измамен.
„Не средивме сè што левичарите расипаа а за што потрошија милијарди долари. Но, барем знаеме на што да внимаваме во 2024 година“; види во Има ли Трамп причина да стравува од изборна измама?
9. Абортусот повеќе не е тема на претседателските избори
Поништувањето на „Роу против Вејд“ од страна на Врховниот суд во средината на 2022 година го направи абортусот прашање за државите, и тоа не стана федерален проблем. Така демократите не можеа да ги свртат жените против републиканците како порано. А пробаа. Демократите предолго се потпираа на абортусот што не знаат што да прават кога тој веќе не е релевантен на претседателско ниво.
10. Волц беше еден од најлошите избори за потпретседател што може да се замисли
Камала можеби ќе имаше шанса ако го избере гувернерот на Пенсилванија Џош Шапиро за свој потпретседател наместо гувернерот на Минесота, Тим Волц, но првиот е Евреин и има врски со израелските одранбени сили, па се плашела дека ќе го изгуби гласот на муслиманите на Средниот запад ако го избере него. Тоа беше грешка бидејќи Џеј Ди Венс направи мелено месо од него за време на нивното соочување.
* извор