Есенва преку различни извори, вклучувајќи ја и мојата драга пријателка Ешли Џад, ми пристапија новинари кои сакаа да зборувам за една епизода од мојот живот со која, иако болна, мислев дека се имам помирено.
Сама себе се имав убедено да размислувам дека тоа е готово и дека сум преживеала; се криев од одговорноста да зборувам за тоа со изговор дека доволно луѓе веќе се вклучени во вртење на вниманието кон моето чудовиште. Не сметав дека мојот глас е важен, ниту пак мислев дека ќе направи некаква разлика.
Во реалноста, се обидував да се спасам себе си од предизвикот да објаснам неколку работи на моите сакани: зошто, кога спорадично спомнав дека сум била малтретирана, како и многу други, од Харви, премолчев неколку детали. И зошто, толку многу години, ние сме срдечни со човек што толку длабоко ме повредил. Јас сум горда на мојот капацитет за простување, меѓутоа самиот факт дека ми е срам да ги опишам деталите за тоа што го имам простено ме натера да се запрашам дали тоа поглавје од мојот живот навистина е разрешено.
Кога толкав број жени излегоа за да опишат што им направил Харви, јас мораше да се соочам со мојот кукавичлук и понизно да прифатам дека мојата приказна, колку и да ми е важна на мене, е само капка во океанот на тага и конфузија. Се чувствував дека во тој момент повеќе никому нема да му биде гајле за мојата болка - можеби ова е резултат на бројните пати во кои ми беше кажано, посебно од Харви, дека сум никој.
Конечно стануваме свесни за порокот што беше прифатен од општеството и има навредено и понижено милиони девојчиња како мене, бидејќи во секоја жена има девојче. Јас сум инспирирана од оние што имаа храброст да проговорат, посебно во општество кое избра претседател што е обвинет за сексуално малтретирање и напад од повеќе од дузина жени и кој го имаме слушнато како изјавува дека мажите што имаат моќ можат што сакаат да прават со жените.
Епа, не може повеќе.
Во 14-те години во кои минав од ученичка во ѕвезда на мексикански сапунски опери, до споредна улога во неколку американски филмови и добивање неколку шанси на среќа во „Десперадос“ и „Fools Rush In“, Харви Вајнстин стана магионичарот на новиот бран кинематографија, кој успеа оригиналните содржини да ги претвори во меинстрим. Во исто време, беше незамисливо за мексиканска актерка да има аспирации да се избори за свое место во Холивуд. И покрај тоа што им докажав дека не се во право, јас се уште бев никој.
Една од силите што ми даде одлучност да ја терам мојата кариера беше приказната за Фрида Кало, која во златното доба на мексиканските муралисти изработувала мали интимни слики кои биле потценувани од сите. Таа имала храброст да се изрази себе си додека истовремено го игнорира скептицизмот. Мојата најголема амбиција беше да ја раскажам нејзината приказна. Ми стана мисија да го прикажам животот на оваа извонредна уметничка и да му ја покажам на моето родно Мексико на начин кој се коси стереотипите.
Вајнстин империјата, која тогаш беше Мирамакс, стана синоним за квалитет, софистицираност и преземање ризици - рај за уметници што се покомплексни и предизвикувачки. Тоа беше истото што Фрида значеше за мене и сè кон што јас се стремев да бидам.
Патувањето го започнав со снимање на филмот со друга компанија, меѓутоа се борев да го добијам назад и да го однесам кај Харви.
Него го знаев малку преку мојата врска со режисерот Роберт Родригез и продуцентот Елизабет Авелан, која тогаш беше негова сопруга, и со која имав снимено неколку филмови и која ме имаше земено под своја закрила. Се што знаев за Харви во тоа време беше дека тој е интелект за почит, и дека е лојален пријател и семеен човек.
Знаејќи го она што го знам сега, се прашувам дали моето пријателство со нив - и со Квентин Тарантино и Џорџ Клуни - беше тоа што ме спаси од силување.
Договорот што првично го направивме е дека Харви ќе плати за правата за работата што до тогаш ја имам завршено. Како глумица, јас ќе бидам платена според минималната плата на скалата на Здружението на филмски актери плус 10 проценти. Како продуцент ќе бидам на одјавната шпица на начин на кој не беше дефиниран, меѓутоа нема да добијам пари, што не беше реткост за жени продуценти во 90-те. Тој исто така бараше од мене да потпишам договор за неколку други филмови со Мирамакс, за кои мислев дека ќе го зацементираат мојот статус како водечка женска улога.
Не ми беше гајле за парите; бев возбудена што ќе работам со него и со неговата компанија. Во мојата наивност, јас верував дека моите соништа се остварија. Тој ги валидираше последните 14 години од мојот живот. Тој избра да ризикува со мене - никој. Тој рече да.
Она што не знаев дека тогаш на мене ми дојде ред да кажам не.
Не, на отворање врата на него во кое и да е време од ноќта, хотел по хотел, локација по локација, каде и да се појавеше неочекувано, вклучувајќи една локација каде снимав филм во кој тој не беше ни вклучен.
Да НЕ се туширам со него.
Да НЕ го оставам да ме гледа како се туширам.
Да НЕ го оставам да ме масира.
Да НЕ му дозволам на неговиот гол пријател да ме масира.
Да НЕ му дозволам да има орален секс со мене.
Да НЕ се соблечам со друга жена.
Не, не, не, не, не...
И со секое одбивање доаѓаше макијавелистичкиот гнев на Харви.
Мислам дека немаше нешто што повеќе мрази од зборот „не“. Апсурдноста на неговите барања се движеше од добивање бесни телефонски повици сред ноќ во кои бара да го отпуштам мојот агент заради расправата што ја има со него околу друг филм со друг клиент, до физички да ме измкне на гала вечерата на отворањето на филмскиот фестивал во Венеција, која беше во чест на „Фрида“, за да можам да присуствувам на неговата приватна забава со него и со некои жени што мислев дека се манекенки но подоцна ми беше кажано дека се скапи проституки.
Обемот на неговите тактики за убедување се движеше од мило зборење со мене до еден случај во кој, во напад на бес, тој изговори застрашувачки зборови „ќе те убијам, немој да мислиш дека не можам.“
Кога конечно се уверив дека нема да го заработам филмот на начинот на кој очекував, тој ми кажа дека мојата улога и моето сценарио во кое беа вклучени години мое истражување, ќе го даде на некоја друга актерка.
Во неговите очи јас не бев уметник. Ја не бев ни личност. Јас бев предмет: не никој, туку нешто.
Во тој момент, морав да се свртам кон адвокати, не за да терам тужба за сексуално малтретирање, туку „злонамера“ бидејќи толку напорно работев на филмот што тој немаше намера да го направи или да ми го продаде. Се обидов да го извадам од неговата компанија.
Тој тврдеше дека моето име како глумица не е доволно големо и дека сум некомпетентен продуцент, меѓутоа за да биде правно чист, како што јас тоа го разбрав, тој ми даде листа на невозможни задачи со краток краен рок што треба да се исполнат за да продолжи со работа на филмот:
- Направи нова верзија на сценариото, без дополнително да ти биде платено за тоа.
- Собери 10 милиони долари за финансирање на филмот.
- Ангажирај режисер од А листа.
- Четири помали улоги пополни ги со проминентни актери.
На изненадување на сите, ништо помалку и лично, јас испорачав, благодарејќи на фалангата ангели кои ми дојдоа напомош, вклучувајќи го и Едвард Нортон, кој направи неколку прекрасни нови верзии на сценариото и не доби кредит за тоа, и мојата пријателка Маргарет Перенчио, што тогаш прв пат се проба како продуцент, која ги собра парите. Брилијантната Џули Тејмор се согласи да режира, и од тогаш наваму таа стана мојата карпа. За другите улоги, јас ги регрутирав моите пријатели Антонио Бандерас, Едвард Нортон и драгата Ешли Џад. До ден денешен, не знам како го убедив Џефри Раш, кого едвај го познавав во тоа време.
Сега Харви Вајнстин не само што беше одбиен, туку и требаше да прави филм што не сакаше да го направи.
Иронично, кога почнавме да снимаме, сексуалното малтретирање прекина а гневот ескалираше. Речиси секој ден ја плаќавме цената за тоа што му се спротивставивме. Еднаш, во интервју тој изјави дека Џули и јас сме биле најголемите гњаважи кои некогаш ги сретнал, што ние го сфативме како комплимент.
На сред работа на филмот Харви се појави на снимањето и се жалеше за споената веѓа на Фрида. Тој инсистираше да престанам да кривам како Фрида и ја омаловажуваше мојата глума. Потоа побара сите да излезат од просторијата, освен мене. Ми кажа дека единственото нешто што било добро кај мене е мојата сексуална привлечност, а во филмов немало ништо од тоа. Па ми рече дека ќе го прекине снимањето на филмот бидејќи никој не сака да ме гледа во таква улога.
Признавам ова беше срцепарателно, изгубена во маглата на некаков Стокхолмски синдром, јас сакав тој да ме гледа како уметник: не само како способна актерка туку како некоја која може да идентификува убава приказна и да има визија да ја раскаже на оригинален начин.
Се надевав дека тој ќе ме признае како продуцент, кој освен што ги испорача сите барања од неговата листа, се грижеше за сценариото и доби дозвола да ги користи оригиналните слики. Јас преговарав со мексиканската влада, и со секој што морав, за да добијам локации кои никогаш претходно никому не му биле дадени - вклучувајќи ги куќите на Фрида Кало и муралите од сопругот на Кало, Диего Ривера, меѓу другото.
Меѓутоа сето ова изгледаше како да нема никаква вредност. Единствената работа што тој ја забележа е дека јас не сум била секси во филмот. Тој ме натера да се сомневам дали воопшто сум добра како актерка, меѓутоа тој никогаш не успеа да ме натера да помислам дека филмот не вреди да се прави.
Тој ми понуди една опција за да продолжиме. Тој ќе ми дозволи да го завршам филмот ако се согласам да имам секс сцена со друга жена. И притоа бараше да бидам целосно гола на снимката.
Тој постојано бараше повеќе голотија и повеќе секс. Претходно Џули Тејмор успеа да го натера да прифати танго што завршува со бакнеж наместо љубовната сцена што сакаше да ја снимаме јас и ликот на Ешли Џад.
Меѓутоа овој пат ми беше јасно дека тој никогаш нема да ми дозволи да го завршам филмот ако не му ја удоволам оваа фантазија на еден или друг начин. Немаше простор за преговарање.
Морав да кажам да. До тогаш на овој филм имав потрошено толку многу години од мојот живот. Бевме 5-та недела од снимањето, и јас имав убедено толку многу талентирани луѓе да учествуваат. Како можеше да дозволам нивната одлична работа да се фрли?
Имав побарано толку многу услуги и чувствував неверојатен притисок за да испорачам производ и длабоко чувство на благодарност за сте оние кои веруваа во мене и ме следеа во тоа лудило. Па се согласив да ја снимам безумната сцена.
Дента кога требаше да ја снимам сцената дојдов на снимање верувајќи дека ќе го спасам филмот. И за прв и последен пат во мојата кариера, имав нервен слом: телото почна неконтролирано да ми се тресе, не можев да земам воздух и почнав да плачам и плачам, не можев да престанам, како да повраќав солзи.
Бидејќи тие околу мене немаа претстава за мојата историја со Харви, тие беа многу изненадени од моите проблеми тоа утро. Ова не беше затоа што требаше да бидам гола со друга жена. Ова беше затоа што треба да бидам гола со нејзе за Харви Вајнстин. Меѓутоа тогаш не можев да им го кажам ова.
Мојот мозок разбираше што морам да направам, меѓутоа моето тело не можеше да престане да плаче и да се грчи. Во тој момент почнав да повраќам додека се уште седев скочанета и чекав да снимам. Морав да земам нешто за смирување, што ми помогна да престанам да плачам но повраќањето го направи уште полошо. Како што можеш да замислиш, ова не беше секси, ама беше единствен начин како можеше да ја завршам сцената.
Кога снимањето на филмот заврши јас бев толку емоционално вознемирена што морав да се дистанцирам за време на пост-продукцијата.
Кога Харви го виде монтираниот филм, рече дека не тој не бил доволно добар за пуштање во кино и дека ќе го пушти директно на видео (касети / двд).
Тогаш Џули мораше да се бори со него без мене и го натера да се согласи филмот да го емитува во барем едно кино во Њујорк ако имаме пробна проекција пред публика и резултат над 80.
Помалку од 10% од филмовите добиваат ваков резултат на првото пуштање.
Не бев на пробата. Со нетрпение ги чекав вестите. Филмот доби 85.
И повторно го чув гневот на Харви. Во лобито на кино по пробната проекција тој и се дереше на Џули. Стутка еден од листовите со оценки и фрли по Џули. Тоа се одби од нејзиниот нос. Тогаш нејзиниот партнер, композиторот на филмска музика Елиот Голдентал, се вмеша, а Харви физички му се закани.
Откако се смири, најдов сила да му се јавам на Харви за да побарам од него да го пушти филмот и во кино во Лос Анџелес, со што имавме вкупно две кино сали. И без многу маткање ми го даде и тоа. Морам да кажам дека тој некогаш е фин, забавен и духовит - и тоа беше дел од проблемот: едноставно никогаш не знаеш кој Харви ќе ти се падне.
Неколку месеци подоцна, во октомври 2002, филмот, за мојата хероина и инспирација - оваа мексиканска уметничка која никогаш не доби вистинско признание во нејзино време со нејзиното куцање и споените веѓи, овој филм што Харви никогаш не сакаше да го сними, нему му даде успех на киноблагајните што никој не можеше да го претпостави, а и покрај немањето поддршка од него додаде 6 номинации за Оскар во неговата колекција, вклучувајќи ја онаа за најдобра актерка.
Иако Фрида нему му донесе два Оскара, за мене не донесе радост. Тој никогаш повеќе не ми понуди главна улога. Во филмовите што морав да ги снимам заради оригиналниот договор со Мирамакс добив мали споредни улоги.
Години подоцна, кога го сретнав на еден настан, тој ме тргна на страна и ми кажа дека престанал да пуши и дека имал срцев удар. Рече дека се заљубил и дека се оженил со Џорџина Чепмен, и дека е нов човек. Конечно, ми рече: „заврши добра работа со Фрида; направивме убав филм“.
Му верував. Харви никогаш немаше да знае колку многу ми значеа тие зборови. Тој исто така никогаш немаше да знае колку ме повреди. Никогаш не му покажав на Харви колку сум преплашена од него. Кога ќе го сретнев пред луѓе, ќе му се насмевнев и ќе се обидев да мислам на добрите работи околу него, кажувајќи си себе си дека сум била во војна и сум победила.
Но зошто толку многу од нас, како жени уметнички, мораме да водиме војни за да ги раскажеме нашите приказни кога имаме толку многу да понудиме? Зошто ние мораме да се бориме со цела сила за да го задржиме нашето достоинство?
Мислам ова е затоа што ние, како жени, уметнички сме девалвирани до непристојна состојба, до точка во која филмската индустрија прекинала да се труди да дознае што сака женската публика да види и кои приказни сакаме да ги раскажеме.
Според неодамнешна студија, меѓу 2007 и 2016, само 4% од режисерите биле жени а 80% од нив добиле шанса да снимат само еден филм. Во 2016, според друга студија, само 27% од зборовите изговорени во најголемите филмови се изговорени од жени. И луѓето се чудат зошто порано не биле чуени нашите гласови. Мислам дека статистиките сами објаснуваат - нашите гласови не се пожелни.
Се додека не се постигне еднаквост во нашата индустрија, со мажи и жени кои имаат иста вредност во секој нејзин аспект, нашата заедница ќе биде плодна почва за грабливци.
Јас сум благодарна за секој што ги слуша нашите искуства. Се надевам дек додавањето на мојот глас кон хорот на оние што конечно проговорија ќе покаже зошто тоа е толку тешко, и зошто толку од нас чекале толку многу време. Мажите сексуално злоупотребуваат затоа што можат. Жените денес проговоруваат за тоа, во оваа нова ера, затоа што конечно можат.