Како што објаснува Јилмаз, иако баш не може точно да го доживее односот меѓу Грците и Италијанците, тој сосема издржано може да зборува за односот меѓу Грците и Турците, "кои имаат многу заеднички работи, што според еден мој пријател се сведува на фактот дека ја јадеме истата храна. Меѓутоа исто така го делиме истото море и го дишеме истиот воздух. И тоа некако нè доведе да имаме ист заговорнички менталитет."
Пред две недели Јилмаз оди на неколку денови на Лерос, кој е на поглед карши турскиот брег (заради што е и најчестата точка на влегување на сириските бегалци) и таму се запознава со луѓе од различни еснафи (таксисти, келнери, газди на кафани, бакали, пекари и слично).
Додека е таму стига веста за говорот на Ердоган, во кој турскиот претседател изјавува дека “Лозана не е победа, туку е фијаско.” Ердоган зборува за Договорот од Лозана од 1923, кој се смета за основа на модерна Турција и нејзиното издигање од урнатините на Отоманската империја, и триумфот на секуларната политика во Турција. Како дел од договорот и Лерос и уште 11 други острови и припаѓаат на Грција, иако претходно биле дел од Отоманската империја.
"Како што можеш да претпоставиш, има разлика меѓу тоа да ги чуеш овие зборови во Турција и на грчки остров, кој Ердоган очигледно го смета за турска територија.
Меѓутоа ако седиш на плажа на блискиот грчки остров, веднаш ќе сфатиш зошто. Одма карши тебе на исток има парче земја кое е преполно со вооружени војници. И ако ти си на мал остров наспроти ова џиновско парче земја, невозможно е да избегнеш треперење, бидејќи нема ништо друго околу тебе освен вода која те опкружува и 'историски лекции' што ти се врежани во мозок уште од твоето детство.
Па можеш да ги чуеш локалците на Лерос како се обземени од теории на заговор предизвикани од говорот на Ердоган. Одма ме потсетија на тоа како ние Турците веднаш гледаме да ги поврземе 'злите САД' со секој лош настан што ни се случил, или како Грците ја бараат 'вештерката Меркел' под секој камен. Последната теорија на заговор е оваа: Меркел толку е испаничена дека сириските бегалци од Турција ќе пристигнат во Германија, што е подготвена да му даде на Ердоган се што ќе посака.
По објавата на Ердоган дека предавањето на 12-те острови на Грција со Договорот од Лозана е голем неуспех, грчките теории на заговор ја заземаа следната форма: Ердоган ќе вети дека сите бегалци ќе ги прибере во Турција; а во замена, Меркел и ЕУ ќе ја присилат Грција да и ги врати 12-те острови на Турција, а потоа 3 милиони беглаци ќе бидат распоредени на овие острови. Сонот на Ердоган за триумф ќе се оствари, а Меркел конечно ќе биде раат," пишува Јилмаз.