Деновиве сведочиме на подемот на масовно анти-имиграциско движење кое го зафати целиот континент.
Почнувајќи во Германија, "Патриотските Европејци против исламизација на Западот" се познати по нивниот германски акроним, Пегида.
Минатата недела Пегида имаше координирани собири во Британија, Ирска, Франција, Холандија, Германија, Полска, Словачка, Чешка, јужна Австрија а стигнаа дури и до Австралија. Овие протести беа мулти-етнички и мулти-религиозни, ама нагласено анти-ислам.
Да се биде муслиман е новото страшило. Ксенофобијата и нетрпеливоста се маскирани како патриотизам. Популизмот повторно го започнува својот грд марш низ Европа. И луѓето се престрашени.
Протестите на Пегида се пресретнати од често пати насилни анти-фашистички контра-протести. Верни на формата, единствениот уапсен на протестите во Британија беше анти-фашист. Ова всушност се регресивни левичарски сопатници на исламизмот, и тие само дополнително ги разгоруваат тензиите во заедниците.
Во име на сопствениот идеолошки експеримент поттикнат од политиките околу сопствениот идентитет, овие анти-фашисти не само што ја игнорираат туку и комплетно ја штитат контролата што Исламистите ја имаат над муслиманските заедници во Европа. Теократијата и парцијалното право на избор често пати се маскирани како разноликост. Мултикултурализмот е институционализиран низ цела Европа. И луѓето се престрашени.
Слободниот говор исто така ужасно страда. Популистите ќе го злоупотребат за да поттикнат омраза кон муслиманите. Исламистите симултано ќе аргументираат за и против него, во зависност дали темата е правото да се промовира теократија или да се забранат цртаните. Одговорот на регресивната левица обично е апсолутистички, претпочитајќи да ја стиши дебата наместо да почне да размислува неудобни мисли.
Минатата недела, истоштен од модерирање тролови, Гардијан објави дека одлучил да ги укине коментарите на сега иронично именуваната рубрика "Коментарот е слободен" и се однесува конкретно на три теми ислам, раса и имиграција.
Во меѓувреме Вајс објавуваат за постоење на приватна компанија која за пари одржува тајна црна листа на муслимани кои таа произволно ги етикетира како терористи. И јас сум на таа листа.
Разумниот разговор околу исламот, расата и имиграцијата е станат невозможен.
Пред години, кога Бин Ладен ја започна својата војна против "Западот," и покрај тоа што беше лудак без план, тој ни кажа што точно сака да постигне. Со тоа што ќе ги натера не-муслиманите да платат за одлуките на владите што не му се свиѓаа, Бин Ладен сакаше да ја натера западната популација да се сврти против сопствената влада, и против своите граѓани муслимани.
Последиците од ова се што политичарите станаа безрбетници во справувањето со џихадистичкиот подем во Средниот Исток, додека Муслиманите на Западот се отуѓуваат и изолираат од поширокото општество, оставени без заштита освен да побараат сопствена држава - џихадистички калифат.
Години по смртта на Бин Ладен, и тој и Андерс Брејвик, норвешкиот радикален десничарски терорист кој уби 77 луѓе во 2011-та, би се воодушевиле од поделбата што тие ја посеаја низ Европа. И двајцата сакаа Западните граѓани да се идентификуваат примарно преку религиозната етикета, и токму тоа и се случи.
Тероризмот, бегалската криза и растечката, нереализирана, муслиманска популација на Европа се предизвици кои нема да заминат во скоро време. Минатата недела, Меѓународната организација за миграција соопшти дека само минатиот месец 67.000 лица пристигнале во Европа со брод.
Заради сеприсутните пропаднати влади низ Северна и Источна Африка, допрва ќе доаѓаат стотици илјади луѓе, дури и утре да се реши конфликтот во Сирија. Ова искомбинирај го со фактот дека европскиот пазар на трудот - конкретно Германија - има итна потреба од огромен прилив на мануелен труд, и културолошкиот парадокс со кој Европа се соочува во справувањето со Исламот, расата и имиграцијата, само ќе продолжи да расте.
Популистичкото распламтување на овој проблем нема да помогне тој да се реши, но може да доведе до граѓанска војна. Исто така, левичарското негирање на проблемот само го потхранува растот на популистичката десница. Се ризикува распаѓање на Европската Унија, а со тоа и сонот дека засекогаш ќе се избегне војна во Европа. Русија сака ЕУ да исчезне. Популистите сакаат ЕУ да исчезне. А некритичките политики на левицата само им помагаат на сите овие.
Меѓу ксенофобија и ксенофилијата, решението за културолошките војни на Европа лежи во претходно соочување со неколку непријатни вистини. Дел од десничарската критика за имиграцијата е точна. Дел од левичарската загриженост со вдомувањето бегалци е точна. Дел од муслиманската загриженост околу расизмот и нетрпеливоста е точна. Меѓутоа старите модели на популизам, мултикултурализам и исламизам - и нивната политика на разделување на идентитетот - не се одговор на проблемот. Тие не можат да бидат одговорот. Тие не' разделуваат.
Непристрасност, конзистентност, лидерство и интегритет се единствениот начин да се отвори либерална, секуларна и хумана патека низ поларизираниот политички мозаик. Како што забележа левичарскиот колумнист Ник Коен, правењето разлика меѓу економски мигранти и вистински бегалци би бил добар почеток. Но дебатата не смее тука да застане.
Масовните сексуални напади во Келн за време на новогодишната вечер нагласија дека дури и по создавање на заеднички терен за разумна мигрантска политика, откако бегалците ќе станат во Европа има малку изговори за запоставување на политики кои се фокусираат на интеграција и познавање на јазикот. Новопристигнатите мора да се адаптираат на либералната култура што сакаа да ја направат своја.
Популистичката десница, исламистите и регресивната левица ја споделуваат нетрпеливоста: тие инсистираат дека муслиманите, исламот и исламизмот се едно исто. Тие или ги напаѓаат, или бранат сите три како да се една иста работа. Простиот ум бара прости зборови. Простиот десничари бара исламот да биде единственото зло. Простиот муслиман бара исламот да биде единствената вера. Простиот левичар бара муслиманите да бидат единствени жртви.
Помеѓу сите овие упорствувања, се изгуби интелигентната дебата. Либерализмот обезбедува слобода на религија и од религија. Слободниот говор дозволува промовирање идеи како исламистичка теократија, ама исто така значи дека и други може да промовираат сопствени идеи, во форма на стрипови. Нетрпеливоста може да постои против малцинства, но и од малцинства.
Човековите права се меч на правдата со две острици. Тие служат и за и против луѓето, вклучувајќи и за и против малцинствата. Ние би требало да можеме да имаме две мисли во исто време. А за оние посветени на поделба на нашите заедници по линиите на идентитетот, чума на вашите домови.