ЕУ треба да престане да се преправа дека сака да ги прими државите од западен Балкан

„Државите од западен Балкан се преправаат дека спроведуваат реформи за да ги исполнат условите за напредување кон членство во Европската Унија, а ЕУ се преправа дека сака да ги прими“, болно прецизно дијагностицира аналитичар на Јутарњи лист. За соопштенијата на ЕУ (кои локалните жреци после ги толкуваат како да се каменот од Розета) вели дека Унијата е полна со махери чија задача е НЕ да го претстават како МОЖЕБИ а тоа МОЖЕБИ на луѓето да им звучи како ДА.

Некои држави од ЕУ, првенствено Франција и Холандија, најрадо би рекле дека проширување веќе нема. Ама не го можат тоа бидејќи знаат дека таква порака би можела да предизвика нови тензии во регионот на западен Балкан, каде „иднината во ЕУ“ е она што е заедничко, колку и да е далеку она што се нарекува „европска перспектива,“ пишува Аугустин Палокај.

Она што деновиве се случуваше е доказ колку продолжувањето на проширувањето е непожелна тема. Со денови траеја консултации и договарања како да се одбие предлогот за отворање преговори со Македонија и Албанија а тоа да не се протолкува како одбивање.

„На мајсторите за јазични акробации -  со кои ЕУ е полна -  задача им беше како на јавноста да ѝ претстават дека НЕ е всушност МОЖЕБИ а тоа МОЖЕБИ да биде доживеано како ДА“.

За Македонија (патем, Палокај не чувствува потреба да ја вика Северна, за разлика од домашните скотови - н.з.) која токму за да добие датум си го промени името, цела деценија по ред Комисијата предлага отворање на преговорите. До сега изговор беше грчката блокада. Сега таа блокада ја нема, ама сега блокира Франција, со помош на Холандија и премолчена поддршка од Германија.

Тешко е да се каже дали е поискрено она што го прават Холандија и Франција кои едноставно викаат дека се против или пак Германија која се вади на процедурите во Бундестагот.  Холанѓаните секогаш порачувале дека тие имаат „строг но фер“ пристап, од што на крајот испадна дека имаат само „строг пристап.“ Колку таа држава е против проширувањето покажа и случајот со Украина која влезе и во војна за да ѝ се приближи на ЕУ, за на референдум во Холандија граѓаните да гласаат дури и против Договорот за придружување, кој нема никаква врска со можното членство во ЕУ.

Наместо одлука, државите на ЕУ најмногу време потрошија на преговарање како таа одлука да се одложи и како тоа да се формулира. Дали да спомнуваат есен, дали септември, дали октомври, дали ништо од тоа.

„Најсмешно е што скептичноста околу проширувањето на ЕУ во нејзините земји членки се припишува на порастот на поддршката на крајната десница. А најголеми кочничари на проширувањето се влади во кои се либерали (Холандија и Франција) или демо-христијани и социјалдемократи заедно (Германија). ЕУ не е искрена околу проширувањето и подобро е да престане да се преправа. Германија донекаде сепак е отворена за продолжување на процесот, но откако од власт ќе замине Ангела Меркел, и таму работите би можеле да се сменат бидејќи пријатели на проширувањето и во Германија нема многу. Над 60% од граѓаните на Германија, слично како и во Франција, и онака се против примање нови членки во ЕУ,“ потсетува Палокај.

На овој аналитичар му е јасно дека и на локалните лидери од западен Балкан, од кои некои се претплатени на функции а некои се речиси доживотни водачи, не им е многу гајле за некоја вистинска „европска иднина“ а камоли за исполнување на условите во борбата против корупцијата, организираниот криминал, непотизмот, деполитизација на судството и слично.

 

20 јуни 2019 - 23:12