Неговиот грев е што инсистираше НАФТА договорот да има рок на истекување, односно да не остане вечно валиден, туку неговото важење да заврши за 5 години, и да дозволи нејзините членки одново да преговараат за негово потпишување или да го напуштат. Додека од светските медиуми доаѓаа извици на грозење, неговото инсистирање ги уништи обидите за обновување на договорот.
Во Права на човекот, објавена во 1791, Томас Пејн тврдеше дека: „Секоја ера и генерација мора да биде слободна да делува за себе, во сите ситуации, како и во годините и генерациите кои и' претходеле. Суетата и вообразеноста на владеење од гробот е најбесмислената и безобѕирна од сите тирании.“ Ова е општо прифатено - во теорија ако не во пракса - како основен демократски принцип.
Дури и ако народот на САД, Канада и Мексико експлицитно се имаше согласено на НАФТА во 1994, идејата дека одлуката која тогаш е донесена треба да ги обврзува сите во Северна Америка до крајот на времето, е одбивна. Исто како и ставот, што го туркаат канадската и мексиканската влада, дека и најмалку модификувана верзија на договорот која сега би била изгласана треба да биде обврзувачка за сите идни влади.
Меѓутоа народот од Северна Америка не даде експлицитна согласност за НАФТА. Од нив никогаш не беше побарано да гласаат за договорот, а неговата поддршка од сите политички партии осигура дека нема да има многу спротивставени мислења. Огромниот „грасрут“ фронт против договорот беше игнориран или оцрнуван во сите три држави. Договорот беше утврден меѓу политички и комерцијални елити, и му беше доделена бесмртност.
Во намерата да го надополнат договорот, владите на трите држави отворено сакаа да ја потиснат вољата на народот. Тие сакаа работата да се заврши пред претседателските избори во Мексико во јули годинава. Кандидатот кој води на анкетите, Андрес Лопез Обрадор, изрази непријателство кон НАФТА, па сето ова мораше да се направи пред луѓето да го дадат својот глас. Тие можеби ќе се чудат зошто толку луѓе ја имаат изгубено својата верба во демократијата.
НАФТА дава одличен пример за тоа зошто сите трговски договори треба да содржат рок на истекување. Мерките кои целосно имале смисла за преговарачите на почетокот од 1990-те денес за никого немаат смисла, освен за компаниите кои продаваат фосилни горива и за алчните адвокати. Најочигледен пример е начинот на кој се толкуваат неговите правила за решавање на споровите меѓу инвеститорот и државата. Овие клаузули наводно треба да ги спречат државите нечесно да го присвојуваат имотот на странски компании. Меѓутоа тие создадоа цела нова индустрија, во која агресивни адвокати откриваат се повеќе исплатливи начини за изигрување на демократијата.
Со правилата нетранспарентни групи корпоративни адвокати, кои се среќаваат зад затворени врати, добија врховна власт над судовите и парламентите на земјите членки. Истрага на Базфид откри дека тие својата моќ ја употребиле за прекинување на кривични случаи, укинување на пресуди на осудени измамници, овозможување на компании да минат неказнето за уништување на дождовните шуми и труење на цели села, и поставување на странските бизниси над законот.
Под НАФТА, овие мерки станаа, метафорички и буквално, токсични. Кога Канада се обиде да го забрани ММТ адитивот за гориво како потенцијално опасен невротоксин, американскиот производител ги искористи правилата од НАФТА за да ја тужи владата. Канада беше присилена да ја повлече забраната, и на компанијата да и плати надомест од 13 милиони долари. Откако мексиканските власти одбија да и дадат дозвола на американска компанија да гради објект за преработка на опасен отпад, компанијата тужеше пред НАФТА панелот, и доби 16,7 милиони долари во компензација. Друга американска компанија, Лоун пајн ресурсес, ја тужи Канада за 119 милиони долари затоа што властите на Квебек забранија „фракинг“ на реката Сент Лоренс.
Како што на американското министерство за правда во 1990-те почнаа да му стануваат јасни овие правила, тоа започна да паничи: нивен функционер напиша дека договорот „би можел сериозно да го поткопа нашиот правен систем“ и да дозволи странските компании „да имаат повеќе права отколку американските.“ Друг забележа: „Никој не мислеше на ова кога се изгласа законот за имплементација на НАФТА.“
Дали вакви катастрофи беа предвидени од преговарачите? Ако да, тогаш овој трговски договор е завера против народот. Ако не - како што изгледа од доказите - неговиот непредвиден исход е моќен аргумент за воведување на рок на траење на договорот. Надополнувањето кое САД го бараше исто така беше формула за проблеми, кое идните влади можеби ќе сакаат да го поништат. Меѓутоа ова ќе биде тешко, дури и невозможно, без заканата за напуштање на договорот.
Оние кои ја бранат бесмртноста на трговските договори тврдат дека тие даваат сигурност за бизнисите. Точно е дека постои конфликт меѓу довербата на бизнисите и демократските слободи. Овој конфликт постојано се разрешува во корист на бизнисите. Тоа што единствен бранител на суверенитетот на народот во овој случај е одбивен демагог, ја илустрира корумпираноста на либералната демократија во 21-от век.
Неделава имаше многу бука околу фотографијата на Трамп како е опколен од останатите Г7 лидери. Меѓутоа кога ја видов си помислив: „договорите составени од луѓе како вас создаваат луѓе како него.“ Махинациите на далечни елити на форуми како Г7, ММФ и Европската централна банка, и нетранспарентните преговори околу непопуларни договори, ја уништуваат довербата и демократското претставување, подгревајќи ги фрустрациите кои демагозите ги искористуваат.
Трамп беше во право што се повлече од Транс-пацифичкото партнерство. Тој е во право што бара клаузула за рок на истекување на НАФТА. Кога овој матен и шуплив човек заинтересиран само за себе ќе понуди поприближни вредности на бранител на народот отколку кој било друг лидер, тогаш знаеш дека демократијата е во длабок проблем.