„Претседателската трка во 2024 година почнува да добива облик“, објави неодамна НПР што е само мал дел од лавината стории на оваа тема. 800 дена од гласањето, најголемата светска аналитичка армија, медиумите, веќе работи на секој можен агол на изборната приказна освен на еден: сопственото влијание врз исходот.
„Печатот повторно ќе го избере Доналд Трамп. Го направија тоа еднаш, се обидоа повторно четири години подоцна, а сега им е третпат. Го мразат, но продолжуваат да му прават услуга, а последниот е обид да се убие неговиот најголем моментален ривал“, пишува Мат Таиби.
Ривалот е сенаторот на Флорида Рон ДеСантис а медиумите го убиваат не така што го напаѓаат, туку напротив, така што го фаворизираат во однос на Трамп. А негативниот публицитет кој му се дава на Трамп, заедно со неговиот статус на жртва на цензурирањето од големите интернет компании се најдобрите сојузници кои Трамп може да ги има.
Освен ако не живее во пештера, човек не може да не забележи како левичарскиот медиумски блок одеднаш почна јако да навива за ДеСантис, пишува Таиби и нуди мал пресек од неочекуваната левичарска љубов за десичарот ДеСантис:
За истите овие медиуми, колку до вчера ДеСантис беше Сатаната лично, заради неговата ковид лабавост и заштитата на најмалите од сексуализација на нивното образование, попознато под измислениот слоган „Never Say Gay“.
Отпорот кон него одеше дотаму што убер-прогресивниот калифорниски гувернер Гавин Њусам на почеток на јули сними видео во кое ги повикува луѓето од Флорида да ѝ се придружат на Калифорнија за заедно да ја бранеле слободата.
Веќе кон крајот на јули, и гласноговорници од Демократската партија и традиционалната бирократија на Републиканската партија беа отворени во нивната желба во 2024 година да го видат ДеСантис наместо Трамп.
Медиумите почнаа да нарачуваат анкети и да ги толкуваат согласно своите желби. Вашингтон пост ќе објави статија со наслов:
„Трамп го губи тлото на прелиминарните избори во 2024 година. Еве зошто“
Па ќе објасни вака:
„Доналд Трамп води во прелиминарните анкети и е сакан во неговата партија - но неговата позиција е полоша отколку пред една година... Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис е сè посилен на анкетите и се истакнува како веродостоен предизвикувач...“
Патем, ова погоре е анализа на анкета на која Трамп го води ДеСантис убедливо 50%-24%.
Ниедна битна медиумска фигура - вклучувајќи го и семоќниот шеф на Фокс, Мардок - и натаму не може да се помири со променетиот став на гласачката јавност кон медиумите кои ги покриваат изборите. Во некој претходен циклус, ако Марк Халперин од ABC речеше дека Џон Кери е во „одлична позиција“ да ја добие номинацијата на Демократите, Кери ќе победеше. Ако Шон Ханити му дадеше цел час на Џон Мекејн, Мекејн ќе беше републикански кандидат.
„До 2015-2016, работите веќе се сменија. Накратко, благонаклонетоста на медиумите почна да звучи како смртна пресуда. Трамп не победи затоа што имаше најсадистичка имигрантска политика за имиграција (Бен Карсон предлагаше да се тепаат со дронови). Победи затоа што имаше најконстантно неодобрување од сè поомразениот политички естаблишмент во Вашингтон“.
ДеСантис не е наивен и ја чувствува замката на ваквиот медиумски свилен гајтан па дрско ја одби поканата за гостување во популарната емисија The View (со неподносливите Џој Бехар, Вупи Голдберг и сл.). Попат ги потсети дека Бехар го има нарекувано „убиствен психопат“, Сани Хостин го прогласи за фашист а Ана Наваро за „анти-црнец.“
И навистина, што би правел тој во емисија во која Трамп ни за милион години не бил добил покана за гостување, освен што би доживеал да го портретираат како помалку грозен од Трамп?
Токму тоа е замката. Со тоа што жените од The View ќе му дадоа псевдо-кредибилитет на ДеСантис, практично ќе го елиминираа од трката и ќе го оставеа Трамп сам на сцената.