Мора да е глупо штом Трајаноски седнал да ги проверува фактите во него и точка по точка да го демантира, патем крајно изнасилено и со тенки контра аргументи, прогласувајќи ги потписниците за токмаци.
Мора да е тупост штом Најческа повраќа врз ликовите и делата на сочинителите и ингениозно ги прашува молумниците која е алтернативата ако сме нејќеле во ЕУ и НАТО?!
Затоа е во право и Тричко кој со нив брише клозети и ги праќа (сосем праведно) во делот од женското тело од каде што своевремено излегле на чист воздух.
Се согласувам и со второкласната боранија поддржувачи, новинар(к)и и слободни мислител(к)и кои на социјалните мрежи шегобијно лепат туѓи мисли за тоа што претставува всушност терминот интелектуалец или декламираат дека впрочем нема за што да се разговара со овие 200 фрустрирани анонимуси.
Сепак, врвот над сите врвови, Богот, ако смеам така да го наречам, иако во основа е антихрист, најголемиот аргументатор е без никаков сомнеж Орданоски. За него содржината на писмото е беспредметна бидејќи под текстот не се потпишал ниту еден Албанец, а ако ги нема потписите барем на 50 Албанци, 25 посто нели, тогаш и нема за што да се разговара.
Многу ми е криво што немам можност на сите овие драгоцени егзамплари на најсилен македонски дух, на овие чудесни мудреци (и на нивните нешто пониски во квалитетот поддржувачи) да им ги стиснам рацете и да им честитам за совршеноста која мајката природа толку несебично им ја подарила!
Драган Милосављевиќ (виа)