Планот Б на пучистите?

Бумерангот од пресметката на Ердоган со пучистите

По неуспешниот пуч од 15 јули во Турција и понатаму е напнато, додека владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган најголемиот дел од својот гнев го фокусира на протераниот имам Фејтула Ѓулен и прогонот на ѓуленистите. Може ли оваа реакција да има контраефект?

Не сакаш Фејтула Ѓулен да биде депортиран назад во Турција? Тогаш започни кампања за враќање на смртната казна. Не сакаш неговите ѓуленисти да бидат депортирани назад во Турција? Тогаш сликите од претепани затвореници сведувај ги на „неколку шамари“. Немој да ги истражуваш тврдењата за тортура. И секој што ќе тврди такво нешто прогласи го за предавник.

Сакаш светот повеќе да зборува за реакцијата на властите по пучот отколку за самиот пуч? Сакаш можноста за обид за пуч да остане трајна? Тогаш никогаш немој да зборуваш што се случуваше во текот на утринските и претпладневните часови на 15 јули. Никогаш немој да зборуваш за грешките на разузнавањето, за отсуството на командна структура или за спротивставените изјави околу тој ден.

Сакаш да нема социјален мир по обидот за пуч? Оддалечи ја легалната курдска партија ХДП и изврши упад во нивната зграда по полноќ со хеликоптери.

Сакаш политичката поддршка за пучот никогаш да не биде откриена? Скриј ги политичарите што им помогнаа да се организираат на секое ниво на државата. Заштити ги претставниците на заедниците што ти ги направи парламентарци. Кој би бил во кабинетот кога пучот би успеал? Кој би бил командант на Генералштабот? Тргни ги овие прашања од јавната дискусија.

Сакаш заканата од пуч да биде постојана? Отвори ги вратите за другите религиозни заедници што сега ти се лојални на тебе, бидејќи сега тие се возбудени што сфатија дека може да се инфилтрираат во војската. Направи го образовниот систем порелигиозен за и другите муслимански заедници да можат добро да се организираат. Префли ја образовната инфраструктура од ѓуленистите на другите муслимански заедници. Поплочи го патот за офицери, судии и обвинители што наместо од господарот Фејтула, би добивале наредби од некој друг господар. Стави ги на позиции од кои се исчистени сите ѓуленисти.

А затоа што не сакаш никој да не ти спомне за тоа што порано си им давал поддршка на ѓуленистите... тогаш ти треба да бидеш тој што најгласно вика, најбрзо обвинува и кој сите ги кодоши.

Биди сигурен дека, како што ниту Ѓулен ниту некој ѓуленист нема да биде депортиран во Турција, за опресивната влада ќе се зборува повеќе отколку за крвавиот обид за пуч. Па затоа државата ќе биде уште поразделена, политичката поддршка за пучот нема да се открие, а заканата од пуч ќе остане постојана.

Што повеќе би можеле ѓуленистите да бараат? Тие ни самите не би можеле да состават подобар план Б за неуспешен пуч. Честито.

Озгур Мумџу,
Џумхуриет

20 август 2016 - 15:41