Да се потсетиме: Морфеус го стави Нео пред избор: да ја земе сината пилула што ќе го врати во блажено незнаење и повторно ќе го внесе во удобен, симулиран и компјутерски генериран сон полн или да ја земе црвената пилула која ќе го освести со вознемирувачка реалност: луѓето се држат како батерии за свет управуван од машини.
Колективно навивавме Нео да го земе црвеното апче и да ја види вистинската постапокалиптична пустелија наместо да живее во лага во HD.
„Сепак, во 25-те години оттогаш, тивко, и речиси консеузално, секојдневно го земавме синото апче и биравме да живееме во илузорните удобности на посредуваниот онлајн свет, додека општественото ткиво и материјалните реалности се распаѓаа околу нас. Или како што авторката Џени Одел прашува во својата книга „Како да не правиш ништо“: „Што значи да се конструираат дигитални светови додека реалниот свет се распаѓа пред нашите очи?“, пишува Рајан Зикграф.
Тој верува дека кон крајот на 2025 година можеме да видиме докази за бунт што доаѓа. Не револуција, туку низа знаци дека начинот на живот кој првенствено се потпира на интернет, што ги дефинираше 2010-тите и почетокот на 2020-тите, конечно е во опаѓање.
„Ова е година на Големото отштекување, ако не за сите, тогаш за растечката група бунтовници со црвени апчиња“.
Иронично, токму повторниот избор на Доналд Трамп доведе до тоа либералите да посегнуваат по црвените апчиња во поголеми количини. Речиси две децении, антитехнолошкото расположение беше најочигледно кај десницата. Конзервативците долго време се жалеа на влијанието на медиумите, Холивуд и академијата; а платформите на Силициумската долина беа фронтови на нивните постојани загуби во културните војни.
Таа магија дефинитивно ја прекина Илон Маск, алфа- противникот на Силициумската долина, кој го трансформираше Икс во дигитално место за Новата десница и помогна Трамп да се врати во Белата куќа. Кога другите олигарси на големите технолошки компании отидоа да вацат рака на инаугурацијата мејнстрим либералите претрпеа ненадееен шојк на реалноста. Сфатија дека „вмрежениот свет“ кој го градеа повеќе не е под нивна контрола. Ако не можат да ја контролираат симулацијата, можеби ќе можат да ја исклучат машината.
Дури и мејнстрим медиумите го менуваат својот став за технологијата. Пред дваесет години, Wired беше неофицијален фабрички весник на Силициумската долина; сега објавуваат анти-технолошки есеи на Парис Маркс.
Бестселерот на Џонатан Хајд „Анксиозната генерација“ и неговите предупредување за опасностите на неограничената технологија врз младите беа отфрлани како „морална паника“ или, „десничарски кодирани“. Сега мејнстрим коментаторите одеднаш станаа свесни дека социјалните медиуми го уништија менталното здравје на една генерација и дека Ајпед децата се депресивни, социјално парализирани и - да бидеме искрени - неверојатно глупави.
До 2025 година, преиспитувањето на заклучоците на Хајд брзо се префрли од теорија во пракса. Низ целата земја, родителите од милениумската генерација почнаа да ги отфрлаат паметните телефони. Веб-страницата на Хајдт, „Anxious Generation“, наведува над 50 организации кои се борат за детство без смартфони, како што се Appstinence, Screen Sanity, Landline Kids....
Одлуката на Австралија да ги забрани социјалните медиуми за тинејџери и деца под 16 години е контроверзна (види: Забраната за социјални мрежи на тинејџери е инфантилна) и сигурно ќе биде надмудрена од технолошки упатените млади, сепак е јавно признание од страна на една голема држава дека постојаниот онлајн живот е опасност за јавното здравје.
„Блогерот Кори Доктороу го скова популарниот термин „enshittification“, реално преведено „засерување“ - за да ги опише трите фази на неизбежното деградирање на квалитетот на интернет платформите. Секоја платформа на почетокот е добра за своите корисници, потоа почнува да ги злоупотребува со алгоритми за да им удоволи на деловните клиенти и на крајот ги злоупотребува и клиентите и корисниците за да го собира кајмакот“, пишавме во Како пропадна интернетот?.
Нова обемна студија на „Фајненшл тајмс“ за онлајн однесувањето на 250.000 возрасни лица во повеќе од 50 земји, откри дека користењето на главните социјални платформи се намалило за речиси 10% од 2022 година. Уделот на луѓе што ги користат овие платформи за нивната првична намена, за да се сретнат или да останат во контакт со пријателите и семејството, се намалил за 25% во последната деценија.
Самите технолошки компании тврдат дека бројките им се стабилни, но тоа се Потемкинови села што вештачки се пумпаат со вештачки средства. Имајте предвид дека автоматизираните и ботови управувани од вештачка интелигенција ги надминаа луѓето во веб сообраќајот оваа година - што значи дека мрежата е сè повеќе надреален простор каде што роботите нè имитираат за да разговараме едни со други.
И индустријата за видео игри, го претрпе својот најлош пад на продажбата на хардвер од 1995 година. Продажбата на Xbox на Microsoft достигна историски минимум, слично како и гигантот за пренос во живо Twitch.
Ништо од Метаверзумот во кој Закерберг планираше да вшприца трилион долари.
„Новите апликации за запознавање“ се клубови за трчање, клубови за книги, секакви клубови. Дури и печатените публикации се враќаат на сцената, ветувајќи дека ќе станат она што винил плочите беа за хипстерите од 2010-тите: замок за одбрана од дигиталниот свет. Дури и Плејбој повторно е во печат.
Технолошката индустрија не е глупава. Тие знаат дека на луѓето им се бега од онлајн Пештера, па започнаа масовен напад врз човековото внимание со интегрирање на коцкањето во секој можен агол од дигиталното искуство, во обид да изградат „кладилничарска“ свест. Главните платформи ги поминаа последните 12 месеци интегрирајќи „предвидување“ и „мини-обложувања“ за сè, од политички вести до оговбарање познати личности.
„За среќа, ова веќе не е 2012 година. Ако претходната деценија беше ера на дигитален оптимизам за Веб 2.0, а почетокот на 2020-тите ја минавме како онлајн завници бидејќи немавме друг избор освен да живееме во дигиталната симулација - можеби 2025 година еден ден ќе биде запаметена како нов вид Нулта Година, кога го отфрливме дистопискиот елемент во секојдневниот живот. Тоа не значи дека можеме, како Нео во Матрикс, да ги искинеме каблите од сопствените 'рбети за да се исклучиме од систем што нè седатира и одвлекува внимание. Не постојат едноставни бинарни избори црвено/сино апче. Но, можеби почнуваме да го отфрламе сајбер-светот на Закерберг и преземаме смели чекори кон суровата реалност на Светот 1.0“, пишува Зикграф.
