Како пропадна интернетот?

Од кога интернетот всушност пропаѓа? Од пред неколку години, кога се случи плима на апокалиптични поиими, сите оние реијџбeитови, думскролови и бреинротови? Или пред една деценија, кога следејќи го Доналд Трамп почнавме да зборуваме за лажни вести? Или уште порано? Спојлер: интернетот пропаѓа откако знаеме за него.

Оксфордскиот речник неодамна го прогласи „ragebait“ за збор на годината. Лани, во 2024 година, титулата ја зема „brainrot“. Многумина се согласија дека и намерното создавање гнев на социјалните мрежи и „гниењето на мозокот“ од бескрајното и бесцелно скролање се одлични избори.

Колегите од Кембриџ оваа година се решија за „парасоцијална“; како што објаснија, „еднострана врска во која луѓето влегуваат со познати личности, инфлуенсери и чат-ботови за вештачка интелигенција“.

Австралискиот речник Macquarie го избра „AI slop“, поплава од фасцинантно глупави слики и видеа со кои не засипува вештачката интелигенција. Лани, речникот Меријам-Вебстер му ја даде титулата на „поларизација“, поим за кој можеме да им „заблагодариме“ на ТикТок, Твитер и другите фејсбуци. 

И така, сè до 2016 година, кога по победата на Трамп на изборите, редовно беа прогласувани варијации на темата лажни вести (post-truth на Оксфорд или Postfaktisch на Друштвото за германски јазик од Визбаден). Добри десет години, со ретки исклучоци, се редат поими кои сведочат дека со интернетот нешто сериозно не е во ред.

Можеби ваквите избори се само минлива медиумска забава, можеби не треба во нив да бараме дијагноза на епохата. Но, лудилото за создавање поими чиј татнеж ја најавува претстојната интернет апокалипса не се исцрпува со симпатични јазични натпревари. Главниот телевизиски критичар на Њујорк Тајмс, Џејмс Пониевозик, пред година ипол објави дека после четврт век од „златното доба на телевизијата“, на стриминг платформите влеговме во ерата на „средна ТВ“: филмови и серии кои не се ниту особено лоши ниту особено добри, ниту евтино произведени ниту амбициозно планирани, ниту небитни ниту релевантни. Поради хиперпродукцијата на содржината, елиминирање на креативниот ризик и адаптирање на расфрланото внимание на публиката, сите тие се, накратко, некако... мех. 

Блогерот Кори Доктороу го скова популарниот термин „enshittification“, реално преведено „засерување“ - за да ги опише трите фази на неизбежното деградирање на квалитетот на интернет платформите. Секоја платформа на почетокот е добра за своите корисници, потоа почнува да ги злоупотребува со алгоритми за да им удоволи на деловните клиенти и на крајот ги злоупотребува и клиентите и корисниците за да го собира кајмакот. 

Четботите наскоро ќе тргнат по сличен пат; помошник уредничката на Атлантик, Лила Шроф, веќе смисли термин кој ја опишува нивната навика да го завршат секој одговор на поставено прашање така што ќе нè вовлечат во продолжување на разговорот: четбеит.

Има сè повеќе знаци дека интернетот не ни е добро. Па сепак, компулсивното производство на светкави термини кои треба да објаснат што се случува се чини дека го прикрива наједноставниот одговор. А тој е, се извинувам за старомодниот дискурс – логиката на профитот.

Затоа што додека ние рејџаме, думскроламе и бреинротаме, на самиот врв на листата на најбогати луѓе во светот се вртат луди цифри покрај имињата на Маск, Закерберг, Безос и други газди на интернет-платформи.

Колку полош е интернетот за нас, толку е подобар за нив: барем тоа им е јасно на сите. А сепак, постои необична потреба да се премолчи она што секому е очигледно. Добар пример е пра-таткото на сите рејџ, чет и други беитови - кликбеитот. Никој не е толку глуп да мисли дека сопствениците на интернет порталите се некакви перверзни изопачени колекционери кои се наоѓаат на крајот од работниот ден и споредуваат кој собрал повеќе кликови.

Борис Постников

 

23 декември 2025 - 11:18