
Се враќаш дома од работа, уморен си, уште под стрес, не ти е до ништо. Се завалуваш во фотеља и фаќаш да скролаш по телефонот. Има интересни работи, продолжуваш да скролаш. Одеднаш, поминале два саата и ти не си направил ама баш ништо.
Токму тоа е поентата.
Кога не правиш ништо, ништо и нема да се смени. А тоа некои го сакаат.
Пред околу 2.000 години, римскиот поет Јувенал ја забележал истата таа шема. Викал дека Римјаните некогаш биле луѓе кои командувале со армии и бирале лидери а сега ги занимаат само две работи: леб и игри.
Ако на луѓето им дадеш евтина храна и бескрајна забава, тие никогаш нема да се побунат, нема ни да се пожалат. Јувенал не викал дека забавата сама по себе е лоша работа, туку дека комфорот може да биде политичка алатка бидејќи ако некој е најаден а вниманието му е окупирано, ќе престане да поставува незгодни прашања. Ќе престане да му е гајле кој ја има контролата и што се прави во негово име.
Се разбира, денес „игрите“ не се во Колосеумот туку во фидовите на социјалните мрежи или во бинџањето на Нетфликс.
Во 1980-тите, филозофот Нил Постман аргументираше дека додека Џорџ Орвел стравуваше дека ќе бидеме угнетени од некоја нова фашистичка сила, реалноста е поблиска до визијата на Олдос Хаксли. Заробени сме во расеаност и залажувачка. Постман викаше дека не е потребна цензура во свет во кој никој нема да чита. Не е потребна тиранија ако на луѓето им е толку забавно што не ни забележуваат што се случува.
Прашањето не е дали ќе уживаме во игрите. Се разбира дека ќе уживаме, тоа е поентата. Прашањето е кога престанавме да ни е гајле додека ги гледаме.